Викенд на гордоста #8 - Суров оптимизам

28.08.2020 11:28
Викенд на гордоста #8 - Суров оптимизам

Осмиот по ред Викенд на гордоста Скопје ќе се одржува во периодот од 2-8 септември, во Музејот на современа уметност, Комитет и кафе барот Шортбас. Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.

Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е Суров оптимизам, со што му оддаваме почит на делото на Лорен Берлан за суров оптимизам (2011), и сакаме да ги истражиме и проблематизираме современите општествени, културни и политички состојби преку овој концепт како критичка алатка. Суровиот оптимизам ги означува приврзаностите и афектниот влог во објекти, места, идеали, норми, институции, светови и форми на живот како грст ветувања и извори на истрајност, кои наместо да ги прават подостижни ветените нешта и фантазијата за добар живот, напротив, го трошат и подриваат нашиот индивидуален и колективен процут и добросостојба. Во рамките на Фестивалот целиме да ги анализираме пукнатините, отворите, прекините, недоследностите и дезориентираноста кои: 1) се конститутивен дел на нормите на суровите оптимистички приврзаности и ветувањата за добар живот, и покрај тоа што истите се темелат врз сликата на полнотија, целовитост и хомогеност; 2) се искусуваат и се почувствувани како ќор-сокак и криза на искршени материјални светови на афектно и сензорно ниво, како тековни структури на чувствувањето, опипливи а сепак неподатливи за дефинирање; 3) се произведени од практики на угнетување, експлоатација и нееднаквости во рамките на хетеронормативните, националистички и неолиберални капиталистички политички режими; или 4) се предизвикани од колективните и индивидуални практики на отпор или одбивање на нормативните рамки на инвестирање, приврзаност и релационост.

Овогодишниот фестивал го отвораме со групна изложба СКРШЕНО на 2 септември во МСУ, а во рамки на која ќе учествуваат повеќе уметници, меѓу кои и Феликс Гонзалез-Торес, уметник чиешто дело ја испиша и измести светската историја на уметноста во 80-тите и 90-ти години, а кој за првпат го изложуваме во рамки на Балканот, како и меѓународно реномираните уметници Полин Бодри и Ренате Лоренц, Карин Мичалски, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, и Хермес Питакос и Федерика Даури.

Во рамки на целокупната програма публиката ќе може да проследи перформанси од Кијун Томас и танц триото STEAM ROOM, самостојна изложба на Јован Јосифовски, промоција на најновиот роман на Петар Андоновски, онлајн дрег шоу и ДиЏеј сетови. Посебна чест ни претставува гостувањето и на Лорен Берлан, една од најзначајните современи критички теоретичарки во светски рамки, која ќе одржи онлајн предавање во рамки на Фестивалот.

Во прилог може да ја најдете целосната програма на Фестивалот Викенд на Гордоста- Скопје, како и каталогот за групната изложба СКРШЕНО.

Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира со несебичната поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, и ИЛГА-Европа.

Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата.