Градски случки

29.08.2020 15:05
Градски случки

Малиот гроф во трамвај

 

Една жена, веројатно мама,

во автобус направи галама.

 

Чупкајќи го својот муф

викаше: „Уф!

Таков ли е редот

тука да седи некаков дедо

којшто е којзнае кој

а не седи синот мој!“

 

А синчето не престануваше да меле

џвакајќи бонбони-желе:

„Мамо, јас би седнал.

Мамо, јас би седнал.“

 

И си стана дедото

за да не го расипува редот.

Синчето рече: „Оф!“

И си седна ко гроф.

 

 

Околу столбот за реклами

 

Крај шарениот столб

врз кој се лепат реклами

и каде што понекогаш

се збираат гулаби и врапчиња

застанаа две мами

со своите две девојчиња.

 

Додека мајките избраа

на столбот дебел ко буре

рекламите да ги читаат ѓутуре

девојчињата се заиграа

и една криенка изиграа.

 Прскалка

 

Соблечете ги, деца,

панталоните и маиците

и обувките, на сите

нозете да им се боси;

позор, спремен да е

секој што се валка

и по улици талка -

еве ја прскалката!

Дожд носи

и тушеви од четири страни,

ќе ги избања сите

деца сварени,

а и плочниците

вжарени.

 

 

Лифт

 

Не е такси,

не е џип,

не го гони

гас, ни клип.

 

Луѓе прима,

па во вис.

Не е птица,

ама користи сервис.

 

Тролејбусот

му е брат,

станицата

секој кат.

 

Трола нема,

тој е кус.

Лифтот е домашен

тролејбус.

 Пад

 

Во центарот,

кајшто има солитери,

на ветрот

лисјето трепери.

 

Трепет,

па трепет,

три пати по пет,

па пак

во центарот

кајшто има солитери,

на ветрот

лисјето трепери.

 

Трепет,

па трепет,

лет лево, лет десно,

чувај се, листу,

не ти е лесно,

жолт си целиот,

пази да не се наведнеш

и паднеш;

тресокот, твојата врвка,

би го слушнала

само некоја мравка.

Избор и превод: П. Вулкански

Слики: Vladimír Fuka (1961, Napady Pana Aprila)

 

За писателот

Драган Лукиќ (1928—2006), прочуен српски и југословенски писател главно за деца. Завршил студии за книжевност на Филолошки факултет во Белград, а потоа предавал детска книжевност во Школата за воспитувачи. Бил еден од најпознатите и најпопуларните уредници на детската програмата во Радио телевизија Белград. Пишувал песни, раскази, романи за деца, драмски текстови, водел телевизиски и радио емисии. Го водел и уредувал списанието „Змај“. Објавил над стотина книги.

 

За илустраторот

Владимир Фука (Vladimír Fuka, 1926-1977) - чешки илустратор, типограф, графичар, сликар... Од 1967 живеел во емиграција во САД.

ОкоБоли главаВицФото