Дали мамутите повторно ќе чекорат по Земјата?

31.08.2020 00:17
Дали мамутите повторно ќе чекорат по Земјата?

Волнест мамут

Генетичарот од Харвард, Џорџ Черч, тврди дека за две години би можел да создаде ембрион на волнест мамут - најпознатиот вид мамут кој наликува на Мени од цртаниот филм Ледена доба. Потоа, Черч би создал фетус кој ќе се развие целосно, а можеби еден ден и ќе се роди мал мамут, животно кое изумрело пред околу 10 000 години.

Во научната заедница и пошироката јавност ова поттикна бројни прашања и етички дискусии.

Што би се случило ако човекот создаде примероци од изумрен вид пред околу 10 000 години? На кој начин тоа би влијаело на природната рамнотежа, ланецот на исхрана и живиот свет на Земјата, кога живеалиштата на некои животни се сосема исчезнати? Што сѐ би можеле да научиме гледајќи го животното за кое досега дознававме само благодарение на остатоците од него? Дали има оправдување за таквиот неприроден акт како што е оживувањето на видот? Каде се границите на научната љубопитност?

Како ќе го направат тоа?

Клонирањето на овцата Доли успеа после 277 обиди. Во случајот со изумрен вид пред повеќе илјади години, можно е да биде потребно повеќе. Имено, научниците во моментов само го модификуваат геномот на донекаде сличниот азиски слон додавајќи му карактеристики по кои се разликува: помали уши, дебел слој маснотии под крзното, долго виткано влакно, крвоток прилагоден на студени услови... Досега се направени дури 45 вакви модификации на геномот со метод кој научниците на шега го нарекуваат Copy/Paste.

Волнестиот (или рунест) мамут е родина на степскиот мамут и настанал пред околу 400 000 години на истокот од Азија. За разлика од повеќето други мамути, благодарение на изобилството пронајдени остатоци, за волнестиот знаеме многу. Замрзнати и добро сочувани примероци како и многу делови од скелети се пронајдени на Алјаска, во Сибир, но и ширум северната хемисфера.

Бидејќи овие мамути живееле во исто време со човекот и неговите предци, за волнестиот мамут можеме да дознаеме и од пештерските слики. Има и слични габарити како најблисок жив роднина, азискиот слон - висок во просек околу три метри и тежок околу пет тони, со долги заби. Имал долго, посветло или потемно влакно а под него подвлакна кои му овозможиле да преживее екстремно ниски температури. Јадел трева и острика. Живеел околу 60 години.

Џорџ Черч

Како што објасни Черч за списанието „Њу Саентист“, неговиот тим во следниот чекор ќе создаде хибриден ембрион кој всушност ќе биде слон со мамутски карактеристики, но за неколку години ќе биде во можност да одгледа ембрион на „чист“ волнест мамут.

Азискиот слон е загрозен вид и би било неетички и непрактично, смета Черч, да се користи како сурогат мајка која би го носела фетусот на мамутот. Наместо тоа, ќе се обидат да развијат фетус во лабораторија - со тежина од околу 90 килограми колку што имал волнестиот мамут на раѓање - што досега сѐ уште никој не го направил. Ова толку го отежнува процесот што е можно мамутот никогаш и да не биде роден.

Тогаш зошто воопшто овие научници се обидуваат да оживеат мамут? Велат дека на тој начин би дале придонес во борбата против глобалното затоплување зашто живите мамути ќе овозможат да опстанат тундрите - ќе се пробиваат низ снегот и ќе овозможуваат циркулација на студениот воздух, а тоа би го спречило затоплувањето.

Исто така, се смета дека со оживувањето изумрени видови човекот ќе исправи некои грешки од минатото заради кои се изгубени многу видови и природни живеалишта - дури, многумина тврдат дека тоа е наша морална обврска. Науката во процесот на оживување сосема сигурно би освоила нови знаења.

Меѓутоа, како што се наведува во новата студија „Потрошувачката на ограничените средства за оживување на видовите може да доведе до ново губење на биодиверзитетот“ објавена во „Nature“, оживувањето можеби сепак нема морално оправдување зашто со него создаваме други проблеми. Имено, како што е пресметано, оживувањето и заштитата на 11 новозеландски видови би чинело исто колку и заштитата на 31 постоечки вид (кои без таа заштита би изумреле). Кога станува збор за Австралија, оживувањето пет видови би чинело исто како и заштита на 42 постоечки видови.

Оние кои се занимаваат со зачувување на загрозените видови сега стравуваат дека средствата само ќе бидат префрлени од еден џеб во друг и дека оживувањето би можело да биде погубно за огромен број загрозени видови. „Едноставен факт е дека во касата за зачувување нема толку пари. Но цената не е единствената грижа“, се наведува во „Nature“. „Мамутот е одамна исчезнат. Дали тој вид може да преживее во светот кој го промени човекот?“

Најпосле, ако човекот сепак оживее некое животни, мамутот секако би бил најлогичен кандидат. Има близок жив роднина, Азискиот слон, што оваа постапка ја прави можна; мамутот би имал значајна улога во современиот свет, влијанието на климата. И, најпосле, ако постои едно животно - покрај диносаурусот - кое би придобило толкаво внимание, финансиски средства и симпатии кај пошироката јавност, тоа секако би бил волнестиот мамут.

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото