Шумските деца под рефлектор

31.08.2020 14:42
Шумските деца под рефлектор

Во четврток на 3 септември во 19 часот во МКЦ почнува петтиот книжевен фестивал „Друга приказна“, посветен на детската книжевност. Првата вечер ќе се одржи и традиционалниот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“, на кој ќе учествуваат десетина писател(к)и со творби за деца. Во пресрет на натпреварот донесуваме песни на некои од учесниците. Повелете на натпреварот, почитувани почитувачи на книжевноста за деца!


Николина Ќорвезироска
ПОЕЗИЈА ПОД РЕФЛЕКТОР

Ноќ ,темно не е сè
во шумата под елки две.
Две фенерчиња светат,
две бувици двор метат.

Едно фенерче кога згасна,
излезе светлина страсна.
Две светулки од љубов горат
за неа искрено се борат.

Маратонска поезија се спрема,
светулките светат без трема,
наплата за светло ќе нема,
долга е песната за бувицата Ема.

Бувот наочари стави,
сите грешки ги поправи,
се бара читач за маратон,
за поезија од еден тон.

Светулката песни објави,
и да рецитира се пријави.

Светеа така три ноќи,
со своите чудни моќи.
Бувот со очи ококорени,
сите беа поетично настроени.

Николина Андова Шопова
НАЈМАЛИОТ ЏИН ЏУЏО И НАЈГОЛЕМОТО ЏУЏЕ ЏИНО

Се сретнале еднаш
под ова небо сино
најмалиот џин Џуџо
и најголемото џуџе Џино!

– Колку си мал!
Џино на Џуџо му рекол.
– И ти не си поарен!
веднаш Џуџо го пресекол.

– Ајде да се мериме
си рекоа тогаш сложно,
џин да е помал од џуџе
дали е тоа можно?

Зедоа еден метар,
купија и голема вага,
леле, бројките збрлавеа,
верувајте, не е лага!

И така до ден-денес
расправа за нив се води:
поголемо џуџе кој е
и помал џин дал’ ќе се роди?

Ана Голејшка Џикова
СЕ ШЕТА МИЛИВОЈЧЕ

Се шета Миливојче
бубаче мало
По празни плоштади
Низ пустото маало

Со чадорче за дождец
И чевлички сини
Се прашува кај се сите
Кога ќе ги види?

Слушна за некаква
Кралица со круна
Ги скрила сите по дома
И не смеат да се бунат

Кутар Миливојче,
Тропна на врата
Му отвора со маска
Малечката мравка

Што бараш Миливојче?
- Другарчиња! Тажно кажа.
Нема никој надвор,
Каква е оваа саботажа?

Владимир Лукаш
БАБА ЗУЈКА

В карантин била старата мува
полуслепа, полуглува
и со бастунот мувски
во воздух цртала закуски:
руски салати,
крофни и ролати,
пити и торти,
бајадери и гриоти
и да ми простите -
гомца в раскошен лонец.
Кутрата таа, гладта ѝ тлее...
Излегла на тераса
и почнала да пее:
Volare, oh, oh
Cantare, oh, oh, oh, oh
Nel blu, dipinto di blu
Felice di stare lassù...
ѝ ракоплескале бумбари и оси,
гасеници-баби со розови коси;
ѝ ракоплескале скакулци и бубашваби,
ѝ ракоплескале китови и краби.
Старата мува се поклонила
и дома се засолнила.
„Подобро гладна ќе идам
отколку на респиратори да бидам!“

Румена Бужаровска
БУЧНАТА ЧАВКА

Си била една чавка што обожавала да грака
скокајќи си весело од гранка на гранка.
Имала таа што многу да каже,
но ја прекинал гавранот, лутото маже:

„Зошто си ваква хистерична чавка?
Уста не затвораш, везден ти џавкаш!
Колку си гласна, колку си бучна!
Од твоето гракање јас не се слушам!
Не ти е срам да гракаш наглас?
Да молчиш ти треба, ти кажувам јас!”

Чавката рекла: „Но, гракаш и ти –
ние сме од птиците зборлести.“

Ѝ вратил тој: „Мачкај ти очи на друг!
Од тебе да не чујам веќе ни звук!”

И, чавката летнала. Ѝ станало јасно,
па врз глава му пуштила поздравче сласно.

Петар Андоновски
ВЉУБЕНОТО ПРАСЕ

Ете се случи и тоа чудо
прасето се вљуби лудо

По цел ден пред огледало седи
и стомакот со метар си го мери

Од утрово ни компири не пржи
тоа реши диета да држи

Од утре и на аеробик ќе иде
згоден сака да биде

Сѐ беше во ред
дури не се почувствува клет

Кај слабо прасе иде
кога природно треба дебелко да биде

Владимир Мартиновски
ЖАБЈО КАРАОКЕ

Кога стануваат полнолетни
Полноглавците в ноќите летни
Се собираат на матурска журка
Која сè до рани зори си турка.

Никој не знае што ли сè пиеле
Но нема шанси за миг да се спие
Ни тука ни таму, ни дење ни ноќе
од нивното маратонско караоке.

Кре-ке-ке, кре-ке, кре-ке! – пее жаба фолкерка
Креее-ке! Креее-ке! Рок ју! – ѝ контрира рокерка
Јо-мен, кре-ке! – рапува жабец со часови веќе
Кре-пи-хе-пи! – повторува реге жабец среќен.

Така до зори секој по свое си пее
Мене ми се плаче тебе ти се смее.

Слики: Elsa Beskow; од книгата „Шумските деца“, 1910 г.

За илустраторката
Елза Бесков (Elsa Beskow; родена Maartman; 1874-1953 година) била шведска писателка и илустраторка на детски книги (вклучувајќи ги и сопствените).
Студирала уметност на Факултетот за уметност при Универзитетот за уметност, занаетчиство и дизајн (тогаш наречен „Техничко училиште“, Tekniska skolan) во Стокхолм.
Во 1893 година се омажила за Натаниел Бесков и имале 6 деца, меѓу кои и уметникот Бу Бесков.
Сакаријас Топелиус и Ханс Кристијан Андерсен значително влијаеле врз нејзиниот стил.
Книгите ѝ се мошне популарни во Шведска и постојано се препечатуваат.
Една од салите во музејот Junibacken во Стокхолм е посветена на делата на Елза Бесков.

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Музика
Фотографија / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото