Чекајќи го Ринконот

01.09.2020 10:15
Чекајќи го Ринконот

Паихуано беше мојот Чилеански дом. Мало село со многу угорници и удолници, и многу чудни цвеќиња. Помеѓу мене и врвовите на Андите имаше само еден час. Долу бевме ние - луѓето, авокадата и виновата лоза. Горе беа ѕвездите.

Животот во Паихуано беше лесен и едноставен како и патот до ѕвездите. Всушност, патот помеѓу Паихуано и уште седум планински села се вика „Рута на ѕвездите“. Ако го изодиш, патот завршува во прагот на планината. Ако се качиш на планината ќе се најдеш меѓу ѕвездите. Во случај да не можеш да стигнеш до врвот, во секое од селата има мини обсерваторија. Дар од науката за понекогаш, кога сакаш, да бидеш меѓу ѕвездите.

Долу пак, во тесните клисури, живвеат мајсторите на виното. Нивното вино не е вино. Тоа е боженствен еликсир кој никаде не се извезува. Може да се дегустира и пие само таму, во винариите. Велат дека уникатниот вкус е поради тоа што виновата лоза расте толку блиску до ѕвездите.

Во целата таа идила живее една врста на смртоносен пајак кој се вика Ринкон. И мојот живот во селото беше идиличен пред да се појави тој.

Една вечер со неколку пријатели отидовме на гости во една куќа. Кога влеговме во кујната со двајца од другарите за да наточиме вино, едниот виде пајак и испаничи.

Го видов, за мене обичен мал пајак, па незаинтересирано реков – Остави го, пајак е. А тие збунето разговараа помеѓу себе – Што да правам? Не знам. Да го убијам? Не сум сигурен. Или да го оставам? Убиј го.

Се зачудив зошто толку се возбудија поради еден пајак. Тогаш ми кажаа дека тоа е Ринкон, смртоносен пајак. Ако касне човек, отровот од пајакот може да се рашири низ телото. Без медицинска асистенција, после шест часа настапува целосна парализа и смрт. Го изгуглав. Свесноста за мојата смртност и минливост ми го наруши мирот во долината на ѕвездите, која се претвори во долина на ринконот.

Мислев дека ќе се појави друг пајак од некаде. Или од секаде. Се исплашив дека убиениот пајак од кујната не живее сам во тој апартман. Дека мора да има семејство, или партнер, или деца кои порано или подоцна ќе дојдат да го бараат. Се плашев дека пајаците ќе знаат кој го убил нивниот пајак. Знаев дека мојот кревет ќе е лесно да го најдат и се плашев дека ќе дојдат да се одмаздат.

Не прекинав да дрдорам за ринконот - Зошто вака, зошто така, што ако ова, што ако она...итн. Луѓето со мене ми рекоа дека ринконите воопшто не сакаат луѓе и дека речиси никогаш не одат таму кај што има луѓе. Сакаат запуштени и напуштени територии, каде што нема човечки гласови, човечки чекори, и човечка топлина, и поради тоа многу е мала веројатноста да го најдам околу мене.

Но не е невозможно. Другар ми Хуан ми раскажа за негов колега од Сантиаго, кого го каснал пајак на ногата додека се бришел со крпа после туширање. Типот го убил пајакот, го ставил во шишенце и веднаш го однел во лабораторија за да проверат дали е ринкон. Му рекле дека не е. После неколку часа ногата почнала да му отекува и помодрува. Тој почнал да крева температура, да му се лоши...завршил во болница. Испаднало дека сепак пајакот бил ринкон. Одвај го спасиле, не можел да се движи скоро година дена, и сеуште има голема лузна на ногата. И после четири години, сеуште се тужи со болницата. Почна да ме фаќа сериозна паника дека и мене ќе ми се случи нешто такво. Посакав сместа да се најдам во карантин.

Ме утешија малку со тоа што ми кажаа дека тоа е еден таков екстремен случај и дека не познаваат никој во селото кого го каснал ринкон. А за да бидам сигурна, ми рекоа да ги тресам чаршавите пред да си легнам.

Си отидов во собата. Не само што ги истресов чаршавите туку и душекот го извадив да му направам инспекција. Креветот го поместив на средина од собата за случајно ринконите одмазници да не се качат преку ѕидот до мене. Легнав и чекав. Ми беше страв да затворам очи исто колку што ми беше страв да ги отворам. Влегував во тоалетот со страв дека е таму. Се враќав со страв дека е во креветот. Го замислував, го чекав и очекував. Паѓав во сон и се будев панично да го барам, да проверам да не е веќе тука.

Наредниот ден, ненаспана и уморна, му раскажав на Хуан како ја поминав вечерта, а тој се изнасмеа и ми рече да не се грижам бидејќи во секоја болница има противотров. Ми олесна еден тон. Ненаспана, но по-небезгрижна го уживав моето место под сонцето.
Вечерта ги истресов само чаршавите и безгрижно си легнав. Пред да заспијам си помислив дека ако ме касне ринкон тогаш ќе одам до болницата, ќе ми дадат противотров и се ќе е во ред. Почнав да заспивам, но главата не ме оставаше да потонам во мекост. “А што ако ме касне додека спијам и поминат повеќе од шест часа?“; Станав, мислев, размислував, и смислував како да се справам со ситуацијата...го зедов телефонот, наместив неколку аларми за четири часа - Ако случајно ме касне во меѓувреме, сеуште ќе имам минимум два часа да го примам противотровот. Целото тело ми се опушти, и главата, ненаспана, ми пропадна во перницата. И наеднаш се сетив! „А што ако отровот ме зашемети и успие за да не можам да се разбудам?“ Преуморна, почнав да заспивам и да се будам. Паѓав во сон и панично се будев, секогаш кога нешто ќе ме зачешаше, проверував да не е веќе тука, да не ме каснал.
Дојде утрото а јас бев преморена од плашење. Го пречекав Хуан со кафе и му раскажав за мојата ноќ со ринконот. Тој се изнасмеа и ми кажа дека ако ме касне ринкон, толку многу ќе ме боли што сигурно ќе се разбудам. Три пати го прашав дали е сигурен ми рече дека да. Се појави и мајка му на Хуан и го слушна муабетот.

-Си најде ринкон во соба? – ме праша

-Не – реков, и ѝ раскажав дека го очекувам во очај.

Таа ми рече да не се грижам бидејќи веројатноста да ме касне е многу мала, а јас, барајќи уште утеха за мојот страв, ја потпрашував прашања на кои што требаше да ми дава потврдно и охрабрувачко “ДА“.

-И ако касне многу боли, така? – ја прашав

-Да, така велат.

-Толку многу, што ќе се разбудам и од најдлабок сон, така?

-Да, наводно е така.

-И ако се случи тоа имам шест часа за да примам противотров, така?

-Да.

-Значи, го примам противотровот и се е во ред, така?

-Да, само што тука, во селскава болница нема противотров.

Јас се стаписав, а Хуан прекина да ми се смее.

-Како нема?

-Нема! – извика таа.

-Ама, ако нема тука, тогаш има во Ла Серена, не? – прашав очајно.

-Па нема ни таму. Има само во Сантиаго. Баш на вести слушнав за ова пред некое време.

Се укочив. Немаше потреба мене да ме касне ринкон. Бев тотално обземена од страв и не владеев повеќе со своето тело. Третата вечер си легнав болна од тага и страв. Уморна и без нималку волја за било што. Се што можев да почувствувам беше страв, кој доаѓаше во несинхронизирани бранови. Секој посилен од претходниот. Знаев дека е невозможно да се стигне од Паихуано до Сантиаго за шест часа. Можеби со авион? Но нема ни едно место каде што може да слета авион во овие планини. Колку и да е мал. Можеби на полињата со лоза? Дали некој сопственик би дозволил да му се уништи виновата лоза за да се спаси човечки живот? Дали еден човечки живот вреди толку? Дали јас би дозволила да слета авион врз мое лозје за да се спаси некој? Како воопшто може да слета авион врз лозје? Хм, можеби хеликоптер? Колку време би му требало на хеликоптер да стигне од Сантиаго до Паихуано и назад? Немам поим колку брзо се движат хеликоптерите. Очајно барав спас од отровот кој го чекав како што плашливец очекува заслужена казна.

И тогаш ми светна! Па не го убив јас пајакот! Беше Џон, комшијата! Зошто би дошол по мене ринконот кога не направив ништо? Па нека оди кај Џон, не кај мене! Уф...Ама сепак, бев соучесник! Мирно посматрав додека некој друг извршуваше злосторство. Џон барем имаше храброст да го убие, додека пак јас срамежливо се плашев да го спасам пајакот. Затоа и ќе дојдат по мене. Затоа што ринконите не сакаат плашливци. Ринконот стана мој морален судија. Ме прекоруваше за секоја моја некоректна постапка на која што можев да се сетам. Ме исмеваше што сум исплашена. Секоја вечер ме соочуваваше со моите земски, човечки гревови и ми пресудуваше ринконски отров. Но никогаш не ми го даде.

Можеби ме заборави или не ме најде? Или пак, никогаш и не му бев важна? Или можеби не сака да се одмазди, туку само нешто да ми каже? Или можеби се доживувам себеси премногу сериозно?

И ринконот живее во таа идила. И тој ја избрал за негов дом. Можеби затоа што и тој сака да е блиску до ѕвездите. Или можеби го сака мирисот на виновата лоза. Или ги сака луѓето што го прават виното. Или тишината. Или можеби сонував дека сум пајак.

Илустрација: Филип Велковски

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото