1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 07:59
Професорката Венка Симовска, на универзитетот Архус, кампус Копенхаген, предава Психологија на образование. Последниве денови, особено во пресрет на новата учебна година, психологијата и образованието, со сите нивни придружни социјални и здравствени димензии, се веројатно најдебатираните теми кај нас. Овој систематизиран преглед на данското искуство од разговорот со проф. Симовска е навистина корисно и мотивирачко четиво.
Во Данска училиштата повторно се отворија на 10 август. И искуствата покажувале дека нема пораст на инфекциите по нивното отворање. Точно ли е ова?
Да, статистиките од Данска не покажуваат значителен пораст во бројот на заразени како резултат на почетокот на учебната година. Пораст има, но главно меѓу младите луѓе помеѓу 19 и 28 години. Но, општата ситуација со вирусот ковид 19 во Данска е многу различна од онаа во Северна Македонија. Овде бројот на хоспитализирани луѓе сега е многу низок, околу 20, а на интензивна нега речиси нема пациенти. Смртните случаи, исто така, се драстично намалени во однос на март и април, дневно или има еден смртен случај или воопшто нема. Тешко е да се прават споредби.
Како се справи Данска со оваа состојба?
Важно е да се имаат прецизни податоци, статистика, мониторирање и јасна комуникација меѓу надлежните служби и граѓаните. И секако, динамично прилагодување на мерките на претпазливост во зависност од конкретната ситуација. Овде во Данска, иако бројот на заразени расте, сега е околу 100 дневно, тоа е многу мал процент од бројот на тестирани. Дневно се прават околу 30.000 тестови, така што 100 заразени е помалку од 0.5%. Тестовите се бесплатни, се тестира секој што сака, со симптоми или без симптоми. На тој начин се прави проценка колку е присутен вирусот во општеството, зашто се знае дека многу заразени не развиваат симптоми. Проценката во Данска е дека вирусот не е многу раширен и дека училиштата можат да работат речиси нормално, се разбира почитувајќи ги сите мерки што во моментов се на сила, како на пример зголемена хигиена, дезинфекција на површините, внимание на физичката дистанца и слично. Исто така, одговорност на сите родители и деца, ако некој има симптоми на болеста, е да не оди во училиште и да се тестира. Доколку тестот е позитивен, да се информира училиштето, кое понатаму ги применува процедурите на тестирање на сите во одделението или на оние кои биле во контакт со заболениот.
Довербата дека сите го преземаат својот дел од одговорноста и ги следат упатствата е многу важна. Во Данска многу се зборува за социјална одговорност во ковид-кризата. Секој има дел од одговорноста за заедницата, секој поединец, секоја институција, секоја организација.
Тоа, за жал, не го гледам многу во Македонија. Дискусиите и за и против отворање на училиштата ми се чинат недоволно нијансирани, недоволно засновани на истражувања или недоволно објективна, непристрасна селекција на истражувања кои се релевантни за контекстот во Македонија. Не секогаш истражувањата од САД, или од Данска, или од некој друг контекст се лесно и директно применливи во Македонија.
Како влијаат сите овие промени предизвикани од заштитните антивирусни мерки врз психолошкиот живот на учениците?
Зависи од мерките. Ковид 19 пандемијата е глобална криза со сериозни последици и по физичкото и по менталното здравје. Анксиозноста кај сите, и децата, и младите, и возрасните е зголемена, во кој опсег зависи од многу фактори. Одговорноста на училиштето е да создаде атмосфера во која учениците ќе се чувствуваат згрижени, безбедни, во која било ситуација, вклучувајќи ја и оваа криза. Чувството на згриженост, на безбедност, физичка, социјална и емотивна, е исклучително важно сега. Тоа бара јасни мерки, компетентен кадар, материјални и други ресурси, логистичка поддршка, раководење, политики, и слично. Целиот систем на образование е важен за создавање на тие услови. Од министерството за образование, до општините, до индивидуалните училишта, до секоја посебна училница и наставник. Последиците по психолошкото здравје на учениците во оваа состојба можат да бидат доста негативни доколку системот не функционира како што треба. Истражувањата покажуваат дека училиштето во ситуации на кризи е особено важно за ранливите ученици кои потекнуваат од семејства што не можат во потполност да ги поддржат или кои имаат специјални потреби. Пристапот на образованието мора да биде диференциран за да обезбеди поддршка според различните потреби и да води сметка за нееднаквостите во здравјето.
Какви последици може да се очекуваат од вака прекинатата образовна динамика?
Истражувањата се сèуште недоволни за да може категорично да се каже. Не сме биле во слична ситуација. Прелиминарните истражувања покажуваат дека децата на училишна возраст изразуваат поголем степен на загриженост, страв за сопственото здравје и за здравјето на блиските членови на семејството, зголемен замор, анксиозност и вознемиреност. Децата изразуваат слични реакции во различни земји и речиси без оглед на сериозноста на епидемијата во конкретната земја. Има разлики, но не се големи. Зборувам главно за истражувања во развиените земји во Западна Европа, Австралија и САД, во периодот кога училиштата беа затворени.
Подолготрајните последици допрва ќе треба да се истражуваат. Она што е сигурно е дека училиштето е важен аспект од секојдневниот живот на децата и дека треба да биде приоритет да се ре-воспостави секојдневната образовна рутина, се разбира со вградување на мерките на претпазливост и заштита од вирусот.
Која опасност е поголема– онаа одсè поизвесните пропусти во образованието или здравствената од можна инфекција? Белгиското Министерство за образование, на пример, проценило дека бенефитите од образованието лице в лице се поголеми отколку опасноста од можна ковид-инфекција.
Се согласувам дека позитивните придобивки од образованието се поголеми од опасноста од ковид 19 инфекција меѓу учениците. Во многу земји, ризикот децата да настрадаат во сообраќај одејќи на училиште е поголем од ризикот од ковид 19 зараза или од сериозни последици при евентуална зараза. Се разбира, ова важи за здрави деца, без хронични болести или други проблеми со имунолошкиот систем.
Не сакам да ја намалувам опасноста од ковид, и не може да се генерализира, но треба да се има перспектива во проценка на ризикот и да се гледа општеството во целина, а не само образованието. Денес во еден град во Данска кадешто гимназиите се затворени деновиве заради локално ширење на ковид 19, самите ученици најавија протест со пораката: Дали рестораните се поважни од образованието? Прашањето е комплексно, но мислам дека заслужува внимание. Мене во секој случај ми се допаѓа да видам средношколци што сакаат да одат на училиште. Овде во Данска истражувањата укажуваат на еден нов феномен меѓу учениците – училишен копнеж. Пред ковид 19 најчесто психолозите се соочуваа со феноменот – училишен замор.
Колку сериозно учениците ги прифаќаат заштитните препораки? И може ли да се верува дека ќе ги применуваат?
Има големи разлики на таа тема зависно од возраста на учениците. За помладите ученици, препораките треба да бидат логични и прилагодени на возраста, а најмногу стилот на настава и наставниците можат да придонесат кон создавање на нови навики кои ги следат препораките. Се разбира, во училиштата треба да има и услови за следење на препораките, на пример пристојни тоалети, сапун, дезифектанти и слично. Данска беше брза да ги прилагоди училиштата, дури и градинките. Во многу од нив се направија дополнителни места за миење раце, и најмалите деца добиваа помош да научат како правилно да ги мијат рацете со сапун. Лично сум сведок како едно девојче со неполни 2 години од моите приватни кругови знае како да си ги измие рацете и е навикната на спрејот за дезинфекција на рацете. Децата брзо учат ако има услови за тоа.
Младите се друга приказна. Насекаде во светот делува како тие да се изморија од мерките и како да покажуваат помалку страв и помалку внимание, повеќе отпор и желба за забавување, за неограничено движење и дружење. Тоа е сосема природно и треба да се сфати како такво, да им се помогне да развијат повеќе свесност и одговорност за другите, да сфатат дека нивното однесување нема последици само за нив лично туку и за другите околу нив. Да се пронајдат начини да се дружат и да се забавуваат одговорно. Стигматизација и осуда на младите не води далеку. Секоја возраст си има специфични потреби, желби и навики кои се сосема легитимни. Прашањето е како да се усогласат сите, како да се создаде простор во општеството во кој има место, грижа и почит за разликите, во услови на пролонгирана криза како што е ковид 19.
Што мислите за начинот на кој Македонија се справува со овој предизвик? И како тоа изгледа од данската прагматична перспектива?
Тешко прашање. Македонија и Данска се многу различни, во толку многу нешта. Јас двете земји ги доживувам како два екстреми на различни страни на континуумот. Македонија на почетокот мислам доста добро се справи, но со почетокот на летото работите, колку што следам, се влошија. Ниту граѓаните сериозно ги почитуваат мерките, ниту властите сериозно се подготвија за отворање на општеството.
Во Данска во март и април општеството беше затворено, мерките беа релативно строги, а потоа почна постепено, планирано отварање, со истовремено зголемување на капацитетот за тестирање, мониторирање и ефикасно гасење на џебови на инфекции. Во март и април се тестираа само граѓани со симптоми. Во мај, јуни и јули се работеше на зголемување на капацитетите за тестирање и мониторирање на контактите. Сега, како што спомнав, се тестираат околу 30.000 луѓе секој ден. На локализиран пораст на инфекции се реагира локално, брзо и ефикасно. Идејата е се да работи, вклучително и училиштата, но мерките на хигиена и физичка дистанца да се почитуваат, со најмали симптоми да не се оди на работа ниту на училиште, да се користат маски во јавниот сообраќај.
Она што јас го гледам како огромна разлика е таканаречениот социјален капитал – граѓаните во Данска генерално имаат доверба во властите и експертите и ги почитуваат препораките. Во криза не се фокусираат на критика и барање грешки, туку на конструктивност и учење од грешките. Самата премиерка кога ги прогласи првите мерки во март, на конференцијата за печат изјави дека грешки се можни, дека владата нема искуство со криза од вакви размери, дека учат во од. Тоа не значи дека немаше критика, дека новинарите и граѓанските организации не истражуваа, споредуваа или контролираа. Но, целта беше заедничка – справување со ковид 19. Не трка по евтини политички поени. Не критика заради критика, отпор заради отпор. Тоа не го гледам во Македонија. Причините се очигледни – Данска е една од најстарите демократии во Европа, Северна Македонија е една од најмладите. Треба време за демократијата да се живее како право, но и како обврска.
Каква би била вашата препорака? Можно ли е ефикасно справување со овој здравствено-образовен предизвик без последици по психолошкото и физичкото здравје на учениците?
Секако дека е можно. Секој ризик е и шанса за учење и развој, за зголемување на отпорноста и во физичка и психичка смисла. Во моето поле на истражување зборуваме за резилиентни училишта - училишни средини што стануваат места на отпорност, закрепнување, на социјална поврзаност, меѓусебна грижа и поддршка, што се исто толку важни колку и здравствената заштита.
Конкретни препораки не можам да дадам, освен дека е потребен сериозен, темелен пристап од Министерството за образование, во соработка со Министерството за здравство, со вклучување на експерти од областа на образование, но и на претставници на родители и ученици. Да се направи проценка, анализа на потребите, ресурси на располагање а потоа план на акција за безбедно одржување на училишната година. Планот треба да биде динамичен за да може да се реагира на развојот на бројот на заразени од ковид 19 со текот на времето. Училиштето не функционира како изолиран остров, тоа е резултат на интеракција на повеќе фактори што треба да се адресираат и во оваа криза. Треба да се земат предвид специфичностите на различните училишта во поглед на големина, материјалната состојба на самите згради, социо-економската состојба на семејствата на учениците, културното потекло, религијата, локалната заедница околу училиштето. Утврдување на систем на одговорности и поддршка на директорите, наставниците и училишниот кадар е исто така важно, како и соработка со родителите. Многу работа има.
Слики: Marie Ponsar
Извор: Женски магазин