Најважниот случај на обвинителката Харис

02.09.2020 01:01
Најважниот случај на обвинителката Харис

Името Камала е изведено од зборот за лотос на санскирт. Но не за каков било лотос. „Симболиката е јасна: лотосот секогаш лежи на вода, но никогаш не се наводенува“, рече во една прилика сопственчката на ова име, и на презимето Харис. „Неговите корења се во кал. Тој има добар темел. Секогаш мора да знаете од каде сте.“

Камала Харис, кандидатката за потпретседателка на САД на „тикетот“ на Џо Бајден, претставник на Демократската партија, добро знае од каде е. Нејзината мајка Шјамала дошла од Индија и се запишала на Беркли 1958 година, во момент кога во цела Америка живееле само 12 000 дојденци од Индија. Таму ќе запознае друг бруцош, исто така имигрант, Доналд Харис (и тоа било реткост: тие години само стотина државјани на Јамајка добивале дозвола да се доселат).

Двајцата биле претставници на првиот повоен имиграциски бран, оној кој за промена не бил од Источна и Јужна Европа, и кој ќе ја промени демографската и човечката слика на САД, бран помогнат од Законот за имиграција и националност од 1965 година со кој се срушени „квотите“ за доселување, воведени четириесетина години порано за Америка да остане мнозински бела и протестантска.

Значи, тие ја променија Америка. Нивната ќерка би можела да ја промени историјата.

Сенаторката Камала Харис, поранешна државна обвинителка во Калифорнија, минатата недела стана првата Афроамериканка и првата Американка со индиско потекло која би можела да се всели во Белата куќа. Засега како десна рака, но ќе видиме... Со 55 години и долга политичка километража зад себе, таа ѝ припаѓа на првата генерација деца доселеници која почна да се интересира за политика.

Тие не се малку, барем на хартија. Повеќе од 23 милиони имигранти ќе имаат право на глас на претседателските избори во 2020 година, според податоците на центарот Pew Research. Тоа е околу десет проценти од вкупниот број гласачи, најмногу во историјата. А бидејќи имигрантите и нивните деца главно стануваат понаклонети кон демократите, тоа значи дека се менуваат и политичките карти во државите како што се Аризона, Невада, Вирџинија, Џорџија и Тексас. Тие стануваат сини.

Откако Џо Бајден вети дека кандидатот за потпретседател впрочем ќе биде кандидатка за потпретседателка, почна лицитацијата. Медиумите имаа свои фаворити. „Левата“, „умерена“ и тивка „поконзервативна“ струја на Демократската партија агитираа за Сузан Рајс (поранешна советничка за национална безбедност), гувернерката од Мичиген, Гречен Витмер, сенаторката од Илиноис, Тами Дакворт, сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен, Стејси Ејбрамс од сенатот на Џорџија...

Критериумите не беа само харизма, моќ и популарност. Во теорија, кандидатот за потпретседател треба да биде некој кој е подготвен во секој момент да стане претседател. Теоријата премногу често отстапува од праксата, а праксата ја предводи аритметиката од електронскиот колеџ. Вообичаено кандидатите одлучуваат да одиграат колку-толку на сигурно: да предложат некој кој може да им донесе една од оние „свинг стејтс“, држава која секои четири години преминува од републикански во демократски раце, и обратно. Така Доналд Трамп го промовираше Мајк Пенс, додека Хилари Клинтон се одлучи за Тим Кејн, за да обезбеди победа во Вирџинија (државата со 13 секторски гласови каде во 2000 и 2004 година победи Џорџ В. Буш).

Потесно гледано, Камала Харис нема да донесе ништо во таа смисла. Таа ја претставува Калифорнија, која е најсина од сите сини држави и во која Бајден би ги победил сите дури и ако номинираше некој таксист од Лос Анџелес или возач на трамвај од Сан Франциско. Но наместо политичката географија, тука ќе биде важна улогата на демографијата: Камала Харис би требало да ги разбуди заспаните малцински гласачи, кои во голем број апстинираа пред четири години, а пред сѐ на гласачките места да ги изведе жените.

И покрај бојата на кожата, Камала Харис не беше премногу популарна кај црните гласачи за време на примарните (2020 Democratic Party presidential primaries). Затоа нејзиниот пол е поважен: иако ова не е првпат жена да се приближи на еден изборен ден до Белата куќа, ова е првпат една жена - заедно со денес речиси заборавената Џералдин Фераро, 1984 - навистина да има квалификации и да не ја следат сериозни дилеми за кредибилитетот, како што беше случај со несреќната кампања на Хилари Клинтон.

Камала Харис е остварена политичарка со завидно искуство. Претходните четири години ги помина во Вашингтон, на местото каде што се води, или барем се спроведува политиката; пред тоа беше државен обвинител во Калифорнија, а заради големината и значењето на оваа сојузна држава тоа е речиси како позиција министер за правда во сенка. Не застана случајно на бината покрај Бајден кога треба повторно да се спротивстави на „деполитизацијата“ на политиката во режија на Доналд Трамп, но најпрвин во момент кога во земјата се води голема дебата за реформата на полицијата, за прекумерната употреба на сила, за нерешените убиства на припадниците на малцинствата.

До убиството на Џорџ Флојд и (анти)расните немири во Америка, нејзиното фалење дека е „top cop“ не паѓаше толку во очи. Сега „Kamala is a cop“ им стана рефрен не само на републиканците на социјалните мрежи туку и на сите кои се длабоко разочарани зашто демократите, според нивното мислење, премногу брзо ја продале борбата за реформа на полицијата.

Сето тоа не ѝ одеше во прилог пролетоска кога се обидуваше да се наметне на примарните избори во Демократската партија. На почетокот многу аналитичари сметаа дека таа е можен фаворит од сенка, но исто како што беше случај со сенаторката Ејми Клобучар, која исто така беше обвинител пред Капитол, се најде на нестабилно тло кога во дебатите и во медиумите ја започна приказната за реформа на кривичниот закон. На обвинителите им е премногу лесно да најдат недоследности меѓу она што го работеле во кариерата и она за што се залагаат, а Камала Харис и Ејми Клобучар тоа добро го знаеја.

На пример, Камала Харис го предизвика бесот на полицијата и политичкиот естаблишмент кога од позицијата обвинителка не бараше смртна казна за убиството на еден полицаец (зашто таа се противи на институцијата смртна казна); од друга страна, либералите можат да најдат сосема доволно аргументи ако не се залагаше доволно за истражување на полициските злосторства и за соборување на лошите пресуди.

Тоа не е сосема вистинито: Камала Харис во Калифорнија спроведе неколку пионерски реформи кои подоцна беа имитирани ширум САД. Таа прва воведе задолжителни камери на полициските униформи, за да се утврди дали има прекумерна употреба на сила. Таа го промени законот според кој за трето кривично дело („third strike“) престапниците по автоматизам завршуваа во затвор на најмалку 25 години, често и на доживотна робија. „Третиот престап“ сега се смета само за сериозно или насилно кривично дело.

Сепак, не беше премногу јасна кога зборуваше за здравствената заштита, односно за „Медикер“, заради што во левите ешалони на Демократската партија беше прозвана како дел од естаблишментот. Се покажа дека Бајден немаше доволно храброст - или, ако го посматрате тоа поинаку, имаше доволно за здрав разум - да не се заврти кон тој дел од демократите, кои ги претставуваат Берни Сандерс и Елизабет Ворен. Тие ги собираат младите, прогресивни гласови, со нив се малцинствата и работничката класа, но освен што нема никаква гаранција дека таквите навистина ќе излезат на изборите на 3 ноември (или барем ќе ги испратат гласовите по пошта, што е опција која нималку не му се допаѓа на актуелниот претседател), постои и голем ризик со умилкувањето на „социјалистите“ да се отфрли централниот, најброен дел од гласачите кои, дури и ако тоа не смеат гласно да го кажат во оваа доба на поларизација, впрочем навистина копнеат по „старата нормалност“.

Родителите на Камала Харис, Шјамала Харис и Доналд Харис

Во Србија буквално заборавивме како тоа изгледа навистина, но постои и уште една школа на мислења која оди во прилог на изборот на Камала Харис. Кандидатите за потпретседателки не можат да ви помогнат да ги добиете изборите во кампања, вели теоријата на неколку угледни аналитичари (иако можат да ви помогнат да ги изгубите изборите, што беше случај со Сара Пејлин, која ќе се најде во реалните шоуа), освен ако не ги сметате оние неколку часови кога нивната личност и ораторските вештини се мошне важни.

Тоа е потпретседателската дебата, закажана за 7 октомври на Универзитетот во Јута. Камала Харис, како и сите најдобри правници, е одлична говорничка, а нејзиното „бришење на подот“ со Џо Бајден, кое на многу републиканци сега им послужи за нови обвинувања за лицемерието на демократите, е добра најава на она што би можело да се случи пред аудиториумот.

Џо Бајден многу придонесе за триумфите на Барак Обама и во 2008 и во 2012 година. Неговата пресметка со Сара Пејлин беше толку убедлива што и 12 години подоцна видеата од таа дебата сѐ уште се споделуваат и испраќаат; со Пол Рајан му беше малку потешко, особено затоа што Мит Ромни се покажа како многу потврд орев во дуелот со тогашниот претседател.

Во Америка сите избори имаат далекусежни последици. 2020 година нема да биде исклучок, напротив: заради фактот дека Џозеф Бајден, доколку биде избран, ќе стане убедливо најстариот претседател на САД во историјата, името и угледот на неговиот потпретседател ќе значат многу повеќе.

Откако Џон Адамс првпат беше избран на местото потпретседател 1789 година, 14 од 47 потпретседатели искачија една скала погоре. Тоа значи дека ова место несомнено дава најголеми шанси за вселување во Белата куќа. Од 13 потпретседатели од завршувањето на Втората светска војна (не сметајќи го Мајк Пенс), осум - значи повеќе од половина - беа номинирани од партии за претседателските избори. Само тројца не влегоа во претседателската трка по завршување на мандатот: Спиро Егну, Нелсон Рокфелер и Дик Чејни.

Но само тројца успеаја да победат: Ричард Никсон, Линколн Џонсон и Џорџ Буш постариот, покрај Џералд Форд кој стана претседател кога Никсон поднесе оставка.

Бајден се надева дека ќе биде петтиот кој ќе успее во тоа, иако веќе најави дека нема да бара втор мандат.

Откако нејзините родители се развеле, Камала Харис останала да живее со мајка ѝ. Но Шјамала немала роднини во земјата, па „пошироко семејство“ на малечката Камала ѝ станала црната заедница во Оукленд. Камала и нејзината помлада сестра пееле во детски хор во една афроамериканска црква, а посетувала и предавања за црните лидери како што се Фредерик Даглас, Џорџ Вашингтон Карвер и Соџурнер Трут. Одела во основно училиште во кое белите и црните деца се возеле во ист автобус. Во Беркли тоа било можно. Во други места во Америка тоа сѐ уште не било можно, а тоа засекогаш ја освестило за расизмот. Но, од друга страна, тоа ја натерало да сфати дека најдобриот начин за да се промени системот - е борбата одвнатре.

Сето ова делува како една бајковита приказна. А таквите вообичаено кријат барем еден штос.

Она што не ѝ оди во прилог на Камала Харис се речиси унисоните коментари во мејнстрим медиумите и поздравите на водечките политички фигури во земјата. Од умерените гласачи и функционерите демократи можеби и можеше да се очекува јавно да се израдуваат на ваква кандидатка, но мошне брзото „премислување“ на прогресивците - од кои многумина, според извештаите на американските медиуми“, до последен момент правеа сѐ за да го „изрешетаат“ нејзиниот статус кај Бајден и да протуркаат приказни дека двајцата се катастрофален спој - би можело да го интензивира чувството дека Камала Харис е „премногу естаблишмент“, „премногу политичар“ и „премногу мејнстрим“.

Да речеме, на таквите не им се допаѓа што и Силиконската долина и Волстрит со мошне големо воодушевување - или барем со олеснување што не бил некој „полиберален“ - ја дочекаа веста за нејзината номинација. Весникот Гардијан во еден од ретките текстови во овој контекст потсети дека Камала Харис одби да подигне обвинение против сегашниот секретар за финансии Стивен Менушин, во времето кога беше директор на банката One West. Менушин наводно го прекршил законот за извршители неколку илјади пати после големата финансиска криза од 2008 година.

Затоа улогата треба да ја одигра токму Џо Бајден. Со одлуката да ја кандидира жената која, во жарот на дебатата, речиси и да го нарече расист зашто се противеше на заедничките автобуси за белите деца и децата од малцинските заедници и своевремено соработуваше со сенатори кои отворено се залагаа за сегрегација („Не верувам дека сте расист“, рече на почетокот, а потоа додаде едно зашеметувачко „но...“; заради тоа не му се извини на Бајден, ниту се чини дека има намера да го направи тоа) и со топлото обраќање во кое ги цитираше зборовите на својот прерано починат син Бо, кој работеше со Камала Харис, Бајден покажа дека не очекува таа само да климнува со главата и безрезервно да ја поддржува неговата политика.

Најпосле, ни Џо Бајден не беше таков потпретседател, и неговата препознатливост, искована во децениите занимавање со политика, не се претопи во харизмата на претходниот претседател: Џо и Барак постојано изгледаа како добри пријатели кои можат да се испокараат, да си кажат сешто еден на друг, но утредента да продолжат да се гледаат.

Доналд Трамп, порачуваат од редовите на Бајден и Камала Харис, е премногу личен, осветољубив и суров; политиката во Америка веќе никогаш не смее да биде таква.

Реакцијата на Трамп беше предвидлива, дури и ако претседателот ги изненади сите со подготвениот спот против Камала Харис кој беше објавен на неговиот Твитер профил буквално за помалку од еден час по првите вести. „Заспаниот Џо“ и „Фолирантката Камала“, пишуваше во официјалниот мејл од кампањата на Трамп испратен на потенцијалните донатори, „претставуваат корумпирани кариерни политичари кои САКААТ анархија и ја МРАЗАТ Америка. Ова е борбата на ВИСТИНСКИТЕ Американци против СОЦИЈАЛИСТИТЕ“.

Извор: Nedeljnik