Пари за ништо: Германија експериментира со плата без работа

03.09.2020 11:32
Пари за ништо: Германија експериментира со плата без работа

Интересот за учество во експериментот беше огромен. За една недела, повеќе од 1,5 милиони волонтери пријавија желба да учествуваат во големата студија за безусловниот основен доход. Организаторите бараа 1,500 учесници, од кои 120 ќе добиваат 1,200 евра месечно за период од три години.

„Тие не мора да прават ништо освен да пополнат седум онлајн прашалници за овие три години“, се наведува во описот на експериментот. Парите ги спонзорираат 150,000 донатори и за нив примателите не плаќаат данок. На крајот, секој учесник ќе добие по 43,200 евра, или севкупно 5,2 милиони евра за целиот проект. Сето ова беше иницирано од добротворна организација од Берлин.

Претставниците на добротворната организација „Мојот основен приход“ (Mein Grundeinkommen) се убедени дека безусловниот приход за сите граѓани ќе реши многу проблеми. Претпоставката е дека луѓето ќе станат покреативни, послободни и посреќни доколку не се постојано соочени со притисокот да заработуваат доволно за да преживеат.

Дали тоа ќе го покаже и реалноста, ќе испитуваат научници за време на проектот. „Ќе анализираме што прават луѓето во периодот додека имаат гарантирана материјална сигурност“, вели шефот на проектот Јирген Шуп од германскиот Институт за економски истражувања за ДВ.
Меѓу прашањата кои него го интересираат се: Дали луѓето ќе ги потрошат сите пари или нешто ќе заштедат? Дали целосно ќе престанат да работат или ќе работат помалку? Ќе донираат ли пари на други?

Експериментот ќе му ги даде на неговиот тим сите потребни одговори, вели Шуп. Дури и промените во нивото на стрес кај луѓето може да се идентификува со помош на примероци од коса, вели тој.

Идеолошки бариери

Дебатата за безусловниот основен приход трае со години, и најчесто е одбележана од идеолошките предрасуди на луѓето. Основното прашање е што прават луѓето кога не мора да прават ништо. Критичарите велат дека ова е идеја на левичарските мрзливци кои сакаат да уживаат на сметка на целата заедница. Спротивно на нив, поддржувачите во ваквиот приход гледаат алатка за решавање на актуелни и идни проблеми. Образованието, негата и помошта на соседите ќе добијат повисок социјален статус, велат тие.

Дополнително, можат да се изработат модели за времето кога се повеќе работни места ќе бидат скратени поради тековната дигитализација и автоматизација.
„Сакаме да знаеме“, гласи слоганот на пилот-проектот.
„Нашата студија секако нема да биде во можност да одговори на сите прашања, особено оние поврзани со основниот приход“, вели Шуп. Но тој се надева дека ќе биде одговорено клучното прашање: Како парите влијаат врз однесувањето на луѓето?

„Тоа е важно научно прашање, и досега не се направени сериозни студии на таа тема“, вели Шуп.

Вакви експерименти се веќе направени во други земји. Резултатите од слична студија во Финска не донесоа јасни резултати. Слична и поголема студија во Канада беше прекината по кусо време поради експлозијата на трошоците за неа.

Слики: Claudia Rogge

Извор: Дојче веле