Перформанс на американската уметница Кијун Томас во МСУ

03.09.2020 13:55
Перформанс на американската уметница Кијун Томас во МСУ

Перформансот „Мојот последен американски долар“ (My Last American Dollar) на Кијун Томас, една од најзначјаните современи американски изведувачки уметници, ќе биде изведен вечер од 21 часот во Музејот на современа уметност во рамки на осмиот фестивал за квир култура „Викенд на гордоста Скопје 2020“.

Кијун Томас живее и работи во Њујорк. Дипломирала на Школата за визуелни уметности, а магистрирала на Школата на Уметничкиот институт во Чикаго. Своите дела ги претставува национално и меѓународно во познати музеи, театри, центри за изведувачки уметности и фестивали. Добитничка е на Фондот „Френклин Франс“ за 2018 година.

Во своите перформанси таа комбинира рапсодични слоеви на глас снимен во живо, а посветите на песните се различни и во нив го истражува задоволството и притисокот од зависноста, грижата и поддршката.

Со перформансот „Мојот последен американски долар“ Томас поставува мултимедијална инсталација со комбинација на структурални фрагменти на средини што се поврзуваат со труд, ритуал и гостопримство, како што се машки соблекувални, стриптиз клубови, чекалници, црковни клупи.

„Истражувајќи ги формите преку кои луѓето со црна и кафеава боја на кожата го зафаќаат просторот еден за друг, Томас прашува: како да се носиш со сложената ситуација кога си млад, надарен и црн? Преку моќната обработка на испреплетените истории на трудот, покорувањето и отпорот, Томас нагласува колку е сложено да се носат толку многу страни“, наведува организатрот на настанот.

Темата на годинашниот фестивал за квир култура, уметност и теорија „Викенд на гордоста Скопје“ е „Суров оптимизам“. Фестивалот беше отворен вчера, организиран е од Коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ-Центарот за поддршка, во партнерство со Музејот на современа уметност.