Американската катастрофа во очите на Германците

03.09.2020 23:46
Американската катастрофа во очите на Германците

Никој не го смета американското тетеравење кон авторитаризмот под претседателот Доналд Трамп како толку алармантно како Германците. За повоена Германија, САД беа спасител, заштитник и модел на либерална демократија. А сега, Германците зборуваат за „американската катастрофа“.

Неодамна на насловната страна на германскиот неделник Шпигел беше прикажан Трамп во Белата куќа со запалено чкорче во раката. Земјата во прозорецот зад него гореше. Насловот: „Der Feuerteufel“ или буквално „Огнен ѓавол“.

Германците имаат посебен однос со оганот. Палењето на Рајхстагот во 1933 година на Хитлер и нацистите им овозможи да ја уништат кревката вајмарска демократија која ги донесе на власт. Хитлеровите убиствени фантазии сега би можеле да станат реалност.

Мајкл Стајнберг, професор по историја на Универзитетот Браун на Роуд Ајленд и поранешен претседател на Американската академија во Берлин, неодамна ми напиша:

„Американската катастрофа се влошува секој ден, но особено ме вознемирија настаните во Портланд. Како да се работи за еден вид стратешки експеримент за фашизам. Сценариото од германскиот пад на демократијата во 1933 година како веќе да е тука, вклучувајќи ги одметнатите воени фракции, дестабилизацијата на градовите и слично.

Стајнберг продолжи: „Основната споредба го вклучува расизмот како политичка стратегија: расистичка замисла за чиста татковина и градови кои се демонизирани, претставени како места на декаденцијата“.

Трамп предизвикува бес во каскадата која е направена да го пригуши алармот. Но ако досега можевме само да слегнеме со рамениците, има нешто во необележаните автомобили и во федералните агенти во камуфлажни одела без доволно видливи ознаки што нѐ тера длабоко да се замислиме.

Од распоредувањето на федералните единици во Портланд во Орегон, каде демонстрантите бараа расна правда и одговорност на полицијата, до користењето паравоени формации (како германските „Freikorps“ од дваесеттите години на минатиот век) патот не е далечен, особено кога тоа се прави под маската „ред и мир“. „Freikorps“ се бореа против комунистите. Денес Трамп тврди дека се бори против „анархистите“, „терористите“ и насилните левичари. Тоа е лајтмотивот на неговата потера по втор мандат.

Можеби годините кои ги поминав известувајќи од Аргентина, за време на владеењето на воената хунта, ме направија особено чувствителен на користењето необележани автомобили во кои се трупаат левичарските противници. Тие беа „изчезнати“.

Одделението за царина и заштита на границите на американското министерство за национална безбедност неодамна потврди дека распоредило полицајци од единици кои наликуваат на паравоените за да ги разбијат протестите во Портланд. Администрацијата на Трамп, соочена со тужби, ги цитираше законите донесени после 11 септември 2001 година, кои му даваат право на одделението за вакви потези. Сега Чикаго е следниот град на листата на Трамп за предизвикување конфронтации.

Како што наведе Том Роџ во едно интервју, републиканец кој беше прв челник на Одделението за национална безбедност, овој департман „не е основан со задача да биде лична стража на претседателот“.

Во воени времиња, Третата женевска конвенција, чиј дел е Америка, бара дури и од нерегулираните сили да носат „јасни и впечатливи ознаки, лесно препознатливи од далечина“.

Кога единиците кои наликуваат на паравоените немаат јасни ознаки, тогаш нема транспарентност, нема одговорност. А тоа значи дека нема ни казнивост. Демократијата умира. Помислете како ќе изгледа „вонредната состојба“ на Трамп доколку не му се допаднат резултатите од изборите во ноември. Социјалните мрежи се доволно запаливи што не мора ни да дојде до физичко отворање оган.

Германското запрепастување со Трамп има многу компоненти. Тој е циркузант кој раководи со стравот, дивее со национализмот, расизмот и насилството како дваесеттиот век да не понуди никакви лекции.

Карикатури: Bill Bramhall

Извор: New York Times/International Report

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото