Јана Бауер е добитничката на главната награда на „Друга приказна“

05.09.2020 16:35
Јана Бауер е добитничката на главната награда на „Друга приказна“

Вториот ден (4 септември) на годинашното петто издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“, целосно посветен на литературата за деца започна со работилницата „Како изгледа Грозовилата“, каде децата цо своите цртежи одговорија на ова прашање. Аниматор беше ликовниот уметник Доротеј Нешковски. Работилницата се одржа во паркчето пред платото пред Младинскиот културен центар. Децата ја цртаа Грозовилата, на крајот нивните цртежи беа изложени и поставени да бидат дел од детската уметничка инсталација во паркчето . Имаше и чајчиња и чајни колачи со кои можеа да се послужат, а на крајот сите деца учесници добија на подарок сликовница од Темплум по свој избор.

Во рамки на програмата се одржа и разговорот „ Грозовилата го скротува дивилото“ на кој учествуваа Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Ване Костуранов, Билјана Црвенковска и Марија Тодорова. Стана збор за состојбата, перспективите и развојот на книжевноста за деца во Македонија, но се осврнаа и споредбено во однос на соседните земји во регионот. Беше истакната потребата од иновација и од поголема разновидност во книженоста за деца која денес се продуцира. Се дискутираше и критички за класичните и за современите македонски дела за деца.

Билјана Црвенковска се осврна на уредничкиот аспект на книжевноста за деца, и промените во нејзиниот квалитет низ годините. Ване Костуранов зборуваше за сопствениот пристап кон илустрациите и пишувањето за деца и неопходноста од иновации и експериментирање во полето. Фросина Крушкаровска се осврна на врските помеѓу книжевноста за деца и општествените науки како психологијата и философијата, и проблемот на потценување на важноста на книжевноста во емотивниот и интелектуален развој на децата.

Марија Тодорова, која живее во Хонг Конг, имаше десетминутно видео обраќање во кое зборуваше за начинот на кој општеството се отсликува во македонската книжевност за деца и за својот пристап во преведувањето на книги за деца.

Словенечката писателка Јана Бауер е добитничка на главната награда на фестивалот „Друга приказна“. За нејзиното творештво зборуваше професорот Владимир Мартиновски. Јана Бауер не можеше да дојде па имаше свое кратко видео обраќање, проследено со интервју спроведено од Лидија Димковка, инаку преведувачка на македонски на нејзината книга „Грозовилата во Страшната шума“. Таа зборуваше за своите почетоци како писател, за тоа од каде потекнала идејата за Грозовилата, за важноста и состојбата на книжевноста за деца...

Централен фестивалски настан на вечерта беше краткиот сценско-театарски приказ на Грозовилата, во режија на Нела Витошевиќ со Ивана Павлаковиќ во улога на Грозовилата и Драгана Лошкова, Исмет Шабановиќ и Никола Настоски во улоги на животинките во Страшната шума. Перформансот беше возбудлив за сите возрасти и даде оригинална, возбудлива интерпретација на книгата.

Вториот ден заврши со двете кратки претстави со сенки на Нина Максимова и Благојчо Стојанов од театарот на сенки „Наш мал театар“. Тие го задржаа вниманието на најмалите посетители на фестивалот со магичните приказни „Заробената љубов“ и „Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“.  

Фотографии: Ванчо Џамбаски

05.09.20. (сабота)

18.00. ГРОЗОВИЛАТА ПРИРЕДУВА КНИЖЕВНА ЧАЈАНКА;разговори за книги со деца;
аниматори: Биљана Црвенковска, Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Искра Димковска, Симона Спировска...
(задолжително пријавување: nesovskidoro@gmail.com)

20.00. Концерт: МОЈАТА ОМИЛЕНА ПЕСНА ЗА ДЕЦА;изведувачи: Абе Ана Човече, Ива Дамјановски, Долорес Поповиќ, Хана Корнети, Јоана Ристеска, Џијан Емин, Оливер Јосифовски, Ненад Тонкин, Лукаш & Јовановиќ, Харикли & Лукаш, Сашко & Олег Костов, Сецко & Исак Хаџиќ...; водителка: Теа Шалдева

 

ОкоБоли главаВицФото