Дискусија за искуствата на уметниците во услови на пандемија

07.09.2020 14:49
Дискусија за искуствата на уметниците во услови на пандемија

Дискусијата е на тема: „Обична криза, системска криза и иднината на знаењето во контекст на Ковид-19 пандемијата на и нејзините последици“.

Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ вечер од 20 часот ќе организира онлајн-дискусија на тема: „Обична криза, системска криза и иднината на знаењето во контекст на КОВИД-19 пандемијата и нејзините последици” како дел од програмата на Меѓународна летна школа „Курирање во контекст”.

Дискусијата е обид да се истражат искуствата во периодот на криза, особено кај уметниците, изведувачите, кореографите, танчарите, кураторите и какви критички форми на знаење, стратегии и политики на курирање овие искуства може да генерираат.

„Какви типови на инволвираност се рефигурираат помеѓу новите медиуми, социјалните медиуми, онлајн-платформите, онлајн-комуникација и настава, од една страна, и димензијата на телесна интеракција, лице в лице во живо, како конститут на изведбените пракси и уметност, од друга страна, се вели во најавата за дискусијата.

Учесници ќе бидат Рок Вевар и Јасмина Заложник од Словенија, Јасна Јасна Жмак од Хрватска, Маријана Цветковиќ од Србија, а модератори – Биљана Тануровска-Ќулавковски и Славчо Димитров.

Дискусијата ќе се одвива на англиски јазик и ќе може да се следи во живо на фејсбук страницата на Меѓународната летна школа „Курирање во контекст”, која се реализира од 25 август до 15 септември.

Меѓународната летна школа е дел од истоимениот проект „Курирање во контекст”, кој се реализира во партнерство помеѓу Локомотива Скопје, Танцфабрик од Берлин, Универзитетот за уметности во Стокхолм и Универзитетот во Загреб (Факултетот за драмски уметности). Проектот е поддржан од „Еразмус +” програмата за образование, тренинг, млади и спорт на Европска Унија. Меѓународна летна школа „Курирање во контекст”оваа година е поддржана и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.