1029 hPa
62 %
10 °C
Скопје - Вто, 10.03.2026 09:59

Гебелс, Хитлеровиот министер за пропаганда, по канцеларот бил втората доминантна фигура на Третиот рајх. Историчарот Петер Лонгерих ја објави неговата биографија на 900 страници. Како извор ги користел дневниците на Гебелс.
Февруари 1943, средина на Втората светска војна. Германската војска претрпела страшен пораз во битка кај Сталинград, Северно-африканскиот фронт е пред колапс – било очигледно дека е бескорисно да се продолжи војната. Во таквата безизлезна ситуација Јозеф Гебелс, министерот за пропаганда на Третиот рајх, во спортската сала во Берлин го фатил микрофонот и викнал: Сакате ли тотална војна? Ја прашал зовриената маса која едногласно и воодушевено му вратила со: ДА!
Токму тука лежела силата на Гебелс: шефот на Хитлеровата пропаганда можел да ја мобилизира масата, да ја запали, да манипулира со неа – сè во склад со нацистичката идеологија. Гебелс бил близок соработник на Хитлер и втора најпозната и највлијателна личност на Третиот рајх, по фирерот. Неговите тиради полни со омраза кон Евреите, со кои го подготвувал теренот за нацистичката политика, се незаборавни. Така, во април 1933 г., само три месеци по преземањето на власта, тој повикал на бојкот на еврејските продавници.
„Ова утро во десет часот почна бојкотот, а ќе продолжи до полноќ. Тој се спроведува со неверојатна жестина и силна машкост и дисциплина! На нашата партија и нашиот Фирер: хајл, хајл, хајл!“, велел Гебелс.
Историчарот Петер Лонгерих напиша сеопфатна биографија, која за првпат фрла поглед зад кулисите на Министерството за пропаганда. Лонгерих е првиот германски биограф за Гебелс, кој како извор го користел целиот дневник на министерот за пропаганда. Од 1924 па сè до самоубиството во 1945 г. Гебелс детални ги запишувал мислите, забелешките и настаните. Во неговите сведочења биографот Лонгерих забележува сериозно пореметување на личноста на нацистичкиот пропагандист.

Роден е во католичка покраина, и рано и’ го свртел грбот на верата, додека негов нов месија станал Адолф Хитлер.
„Очигледно е дека тој во Хитлер гледал Божји пратеник, човек со натчовечки способности. Треба да додадеме и дека самиот тој не бил во состојба да развива политички концепти. Тој му се восхитувал на Хитлер. Му се чинело дека Хитлер е во состојба да воспостави една визија. Исто така, и’ се восхитувал на силата со која можел да ја зачува присебноста во кризни ситуации, како и способноста да почека до последен миг со одлуката, но потоа, сепак, на крајот да ја донесе. А тоа се нештата кои недостасувале кај него“, вели историчарот Петер Лонгерих.
Национал-социјализмот за Гебелс претставувал замена за религијата. Партијата и Хитлер му овозможиле да напредува во заедницата и му го дале признанието по кое копнеел тој. Од неуспешен писател и новинар станал агитатор на нацистичкото движење и нешто слично на „главен и одговорен уредник“ на тоталната војна.
Бил исклучително успешен во својата работа. Без Јозеф Гебелс, кој од Хитлер направил бренд, нацистичката политика не би имала толкава моќ. Шефот на пропагандата го сковал и слоганот „Еден Фирер – еден народ“, а виртуозно се служел со новите медиуми на тоа време, звукот и филмот, како и со нивните манипулативни моќи.
Биографијата исто така покажува портрет на човекот за кој во борбата за статус и успех жртвите биле оправдани, па дури и ако се работи за сопственото семејство. На 1-ви мај 1945 г., набрзо по капитулацијата на нацистичка Германија, побегнал со својата жена Магда и извршил самоубиство. Претходно брачната двојка ги отрула своите шест деца.
Извор: deutsche welle