Започна Скопје филм фестивал – и ова издание ќе понуди независна и оригинална програма

10.09.2020 15:40
Започна Скопје филм фестивал – и ова издание ќе понуди независна и оригинална програма

На отворено и со максимален број посетители во предворјето на Кинотеката, вчера вечер свечено беше отворено годинешното издание на Скопје филм фестивал.

Целта и на ова издание е да понуди што поинтересна и поквалитетна програма, која и во овие услови ќе го постигне она што отсекогаш било обележје на Скопскиот филмски фестивал - независна програма која со своите теми и пристап дише со оригиналност, која носи поинакви приказни, полни со жестина, предизвик, специфичен хумор и сецирање на реалноста што никого не можат да го остават рамнодушен.

Во галеријата на Кинотеката беше отворена изложбата на верзии на плакати од филмовите на Фелини на меѓународно познатиот македонски уметник и дизајнер Зоран Кардула, која ќе биде отворена до крајот на фестивалот.

„Прашање беше, како и секаде, дали фестивалот треба да се одржи и во која форма, но одлучивме да го преместиме во септември и на отворено за да им овозможиме на гледачите колку што е можно да уживаат во подвижните слики. Бидејќи, како што се покажа насекаде во светот, особено со оглед на траењето на оваа вонредна состојба, публиката е желна за култура, која дефинитивно не е луксуз, туку потреба“, од името на фестивалот порача на отворањето актерот Павел Маслов.

Програмата ја отвори австралиско - британскот филм „Вистинската историја на Бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел, а потоа започна и ретроспективата на филмови од големиот италијански режисер Федерико Фелини, на која присуствуваше и амбасадорот Н.Е. Карло Ромео, а пред публиката со воведен збор за делото на Фелини се обрати Марко Пешетели, советник за култура во амбасадата на Италија.

Од денеска (10 септември) до 12 септември во рамки на 23 – то издание на Скопје филм фестивал се одржува програмата Денови на квир кино овозможена во соработка со “International Queer & Migrant Film Festival“ од Холандија. Програмата започнува со документарниот филм „Добре дојдовте во Чеченија“. Селектор на оваа програма е Крис Белони.

Станува збор за група активисти кои ризикуваат незамислива опасност за да се спротивстават на моменталниот анти-ЛГБТК погром што беснее во репресивната и затворена Руска република. Од 2016 година тиранскиот водач на Чеченија, Рамзан Кадиров, спроведува операција „да ја прочисти крвта“ на ЛГБТК Чеченците, и ја надгледува кампањата раководена од Владата да ги уапси, мачи и погуби. Голема, таинствена мрежа активисти ги презема работите во свои раце. Дејвид Франс, номиниран за Оскар, прави хроника на современа подземна железница, со исклучителен пристап за да ја заштити анонимноста на ликовите. Франс е совршениот автор за оваа приказна. Тој е воин со камера и го почитува императивот дека документарец треба да разоткрие ужаси и да предизвика промена. Со ужасна моќ што ќе ве потресе, „Добре дојдовте во Чеченија“ се осмелува да се спротивстави на геноцидот што сега се случува.


Програма Денови на квир кино

Четврток 10.09.2020
21:30ч : “ДОБРЕ ДОЈДОВТЕ ВО ЧЕЧЕНИЈА (WELCOME TO CHECHNYA) “
Режија: David France

Петок 11.09.2020
19:00 ч: “АДВОКАТ (THE LAWYER)”
Режија: Romas Zabarauskas

Сабота 12.09.2020
21:30 ч: “ДА БЕШЕ ЉУБОВ (IF IT WERE LOVE)” од Франција
Режија: Patric Chiha

Сите проекции се бесплатни.