Песна за прасобарот

10.09.2020 19:02
Песна за прасобарот

Во прапрадамнешна доба

Немало ни куќа, ни соба.

Ама имало еден прачовек добар,

Везден без работа, оти бил ‒ собар.

 

За жал, таков тип актери,

Во таа доба, во тие сфери,

Можеле да бидат само аматери,

Оти соби немало, само пештери.

 

Се нудел, секогаш со љубезна гримаса:

„Дали ви треба средување на соба?“

Но тешко му било со пештерската раса:

„Собар?! Не постои таква особа.“

 

Несреќниот прачовек се потел,

Страдал, иако бил сосема фин.

Еден ден видел оглас на хотел

По име „Неолит ин“.

 

О, тоа било модерно здание,

Направено вкусно,  без мани,

Со посебен акцент, т.е. внимание

На луксузните пештерски апартмани.

 

Неолит ја красел секоја просторија:

Крзна, тојаги, мамутски заби...

Хотелски бисер на праисторијата,

Со добро име, што мами. 

Хотелот не трпел пропусти,

Оти гостинот мора да се опушти,

Да преспие или дремне макар.

На ентериерот еве попис:

Камен кревет, камен плакар,

Тивка камена атмосфера, сè по пропис;

И другите работи, за разни намени,

пештерски и други, исто биле камени.

 

Сред убавината на врвната камена роба,

Со оцена над највисокиот плус,

Еве го и нашиот ценет собар,

Стручно речено: хомо собитус.

 

Бил примен од сопственикот на хотелот,

Човек со космато лице и ниско чело;

Со лов се занимавал од хоби,

а и заради општествен пробив.

 

Освен тоа, тој пристоен господин,

на модата на камената доба роб,

имал вкус не баш евтин,

Т.е. бил пештерски сноб.

 

„Барем земете ме на проба“,

Рекол собарот, и зборувал толку

Убаво за својот изум, за собата,

Што сопственикот рекол: „Колку

Величествено! Сосем ме обработи!

Доста беше со пештери, оти

Многу многу сакам нови работи!“

 

И собарот веднаш пристапил кон проби

Пештерите да ги замени со соби.

 

Оттогаш „Неолит Ин“

Станал хотелски поим:

Наместо јами, мрак, студ и насилие

Дошла удобноста на собното изобилие.

 

Како палата била секоја соба ‒

На ентериерот еве попис:

Камен кревет, камен плакар,

Тивка камена атмосфера, сè по пропис;

И другите работи, за разни намени,

пештерски и други, исто биле камени.

 

Знам дека сакате да го прашате ова:

„И?! Која работа тука е нова?“

 

Читајте добро, слово по слово:

во неолитот сè ви е ново;

А кој сака уште зборови да арчи

Нека провери „нео“ што значи!

 

Илустрации: Коста Миловановиќ

Препев: П. Вулкански

Извор: Дејан Алексиќ, ЈАНУАРИ ВО ЖИРАФА (Темплум, 2020)

Повеќе песни од Дејан Алексиќ на Окно

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото