Куќни помошнички заробени во Заливот

11.09.2020 00:11
Куќни помошнички заробени во Заливот

Кога девет африкански жени куќни помошнички останаа без своите работни места во Саудиска Арабија заради коронавирусот, агенцијата која ги регрутираше ги пикна во празна соба со само неколку тенки чаршави. А потоа ги заклучи.

Некои се на истото место уште од март. Една е трудна, но нема никаква помош ни здравствена заштита. Друга ја искинала облеката во напад на бес, па од агенцијата ја врзале со ланци за ѕид.

Жените велат дека добиваат храна еднаш дневно, но не знаат кога ќе излезат, а камоли кога ќе им биде дозволено да се вратат во своите земји.

„Сите се плашиме“, рече една од жените, Аписаки од Кенија, во порака преку WhatsApp. „Опкружувањето тука не е добро. И никој не сака ни да нѐ сослуша.“

Бројни семејства во арапските земји се потпираат на милиони слабо платени работници од Африка и Азија. Тие им ги возат автомобилите, им ги чистат домовите, се грижат за нивните деца и постарите роднини од условите кои, според толкувањето на организациите за заштита на правата на работниците, наликуваат на експлоатација и злоставување.

Пандемијата ги зголеми сите овие опасности. Многу семејства не им дозволуваат на своите куќни помошнички да излезат од домот, стравувајќи дека ќе се вратат со вирусот. Истовремено, од нив очекуваат да работат многу повеќе, бидејќи сега цели семејства се во домовите.

Некои работнички останаа без работа и се далеку од домот, без никаква помош. Во Либан, работодавачите истоварија десетици жени од Етиопија во конзулатот на земјата во Бејрут, зашто веќе не можат да ги плаќаат.

Во земјите од Персискиот залив во 2016 година живееја речиси 4 милиони домашни работници, повеќе од половината беа жени. Стотици илјади странски жени работат како домаќинки и дадилки во други арапски земји. Според податоците на Меѓународната организација на трудот, во арапскиот свет има повеќе жени како послуга отколку каде било на друго место во светот.

Поголемиот дел од нив на Блискиот исток доаѓаат со помош на агенции за регрутирање и се вработуваат преку системот на „спонзорства“: нивниот статус на резиденти е тесно поврзан со работното место, што значи дека работодавачите имаат голема моќ над нив. Во многу случаи тие не можат да го сменат работното место а да не ризикуваат укинување на работната виза. Често се случува да не можат ни да ја напуштат земјата на престој без експлицитна дозвола од работодавачот. Многу работодавачи им ги одземаат пасошите и не им дозволуваат слободно време и годишни одмори. Некои им забрануваат да користат мобилни телефони или интернет. Физичкото и сексуалното злоставување се вообичаени.

Комбинацијата на нивниот пол, системот на спонзорства и нивната изолација ги прави особено ранливи жените кои работат во домаќинствата, вели Вани Сарасвати, уредничка во организацијата Migrant-Rights.org.

„Дури и кога ќе доживеат екстремно злоставување, работничките не сакаат да ги напуштат своите работодавачи, зашто стравуваат дека ќе бидат исфрлени на улица“, вели Сарасвати.

Десетици Кенијки од Саудиска Арабија се жалат на „недоволно храна, недостаток на одмор, насилство, закани, заробување, следење“, вели Рут Какаме, претседателка на еден кениски синдикат. „Не ви дозволуваат да користите телефон. Останувате сами и немате кому да се обратите.“

За Аписаки неволјите почнале кога минатиот месец, откако не ја плаќале, го напуштила своето работно место и се вратила во агенцијата за вработување. Останала заробена со неколку други жени од Кенија и Уганда, кои исто така немале ни работа ни можност да се вратат дома, зашто агенцијата им ги одземала пасошите.

Собата има мал прозорец, но тој е заварен. Жените велат дека ги затворила агенцијата од Саудиска Арабија со име „Almuhait Recruitment“.

Откако Њујорк Тајмс му се обрати на претпријатието „Almuhait“, Аписаки ѝ рекла на една колешка која не е во Саудиска Арабија дека неколку жени, вклучувајќи ја и трудницата, се однесени во болница на прегледи и дека се тестирани на ковид-19.

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото