Славниот фотограф Роберт Капа и прашањето за вистината и војната

12.09.2020 02:16
Славниот фотограф Роберт Капа и прашањето за вистината и војната

Снимките се матни. Сепак, единаесетте фотографии кои ги снимил Роберт Капа на плажата во Нормандија на 6 јуни 1944 година на т.н. ден Д, му ја донесоа репутацијата на најпознат воен фотограф. И 75 години по Втората светска војна неговите фотографии се паметат ширум светот.

Капа бил единствениот фоторепортер кој во текот на инвазијата излегол на копно заедно со американските војници. Ги фотографирал од грб, во јуриш на „плажата Омаха“ која ја бранеле германските трупи. На сликите како што е „Човек во брановите“ се гледаат војниците во вода до врат или како бараат засолниште.

Човек во брановите“, 4 јуни 1944 г.

Одважно и храбро – но, од неодамна, настанувањето на тие фотографии и со тоа реномето на Капа како воен фотограф, донекаде е доведено под прашање.

 

Одисеја на унгарскиот Евреин низ Европа во 30-тите години

Роберт Капа ((Robert Capa) е роден како Ендре Ерно Фридман, во Будимпешта, 1913 година во еврејско семејство, татко му бил кројач. Имал 18 години кога бил уапсен на демонстрациите против режимот на Хорти во 1931 година и кога морал да ја напушти Унгарија за да не оди во затвор.

Прво заминал во Виена, па во Прага и на крајот во Берлин каде што студирал новинарство и почнал да се занимава со фотографија. На пример, за германски весник го фотографирал Лав Троцки додека држел говор во Копенхаген.

Откако нацистите ја презеле власта во Германија во 1933 година, тој прво бега во Виена, а потоа во Париз. Таму ги запознава веќе реномираните фотографи и талентираната фотографка Герта Похориле, Германка и исто така Еврејка, која ќе стане негова ученичка и свршеничка.

Герда Таро и Роберт Капа, фотографија од изложба во Штутгарт

За да успеат да ги продадат своите фотографии тие смислуваат приказна за богат американски фотограф кој живее во Париз – Роберт Капа. Неколку месеци подоцна кога уредникот ја открива измамата, тој го презема името како свое, а Герта оттогаш станува Герда Таро. Двајцата почнуваат да се пробиваат како фотографи и во август 1936 година заминуваат во Шпанија каде почнала граѓанската војна (1936-1939).

 

Граѓанската војна во Шпанија

Капа и Таро се среќни и вљубени, уверени дека ништо лошо не може да им се случи сè додека се заедно, затоа што преживеале авионска несреќа при слетувањето во Барселона само со гребнатини.

Тие востановуваат нов стил на фото новинарство, користат мали апарати за да можат што поблиску да им се приближат на борбите. Славната реченица на Капа гласи: „Ако сликите не ти се доволно добри, значи не си доволно блиску“.

По успешно завршената работа, двајцата се враќаат во Париз. Меѓутоа, во 1937 година, Герта Таро повторно заминува во Мадрид со желба да продолжи да ги следи борбите на републиканците. Таму таа загинува вршејќи ја својата работа. Роберт Капа бил длабоко погоден од смртта на неговата свршеничка и никогаш не се оженил.

Герда Таро (1.08.1910. - 26.07.1937.) била првата воена фотографка. На нејзиниот погреб во Париз дошле голем број луѓе и тој се претворил во масовен антифашистички протест кој го предводеле Пабло Неруда и Луј Арагон.

За многу од нејзините фотографии се мислело дека се на нејзиниот партнер Капа, но сега, во 21-от век, таа слика полека се менува.

 

Заминување во Америка

Во 1939 година Роберт Капа заминува во Сеодинетите држави со туристичка виза. Своите добри контакти со новинари, фотографи и автори ги искористил за да се вработи. Почнал да работи во познатото списание „Life“.

Капа сакал ексклузивни фотографии и силно посакувал да биде фоторепортер за време на сојузничката инвазија на Нормандија. Пред денот Д ги сликал борбите во северна Африка и напредувањето на сојузниците во Италија. Американската војска го примила в тесниот круг на репортери за планираниот ден Д, иако бил државјанин на Унгарија, земја која била сојузник на нацистичка Германија.

 

Ден Д - фотографиите се чекале со авион

На денот Д за тогаш триесетгодишниот Капа не се работело само за тоа како да преживее, тој морал да го почитува и рокот што му задал уредникот. Фотографските ролни морале од француското крајбрежје да стигнат до Лондон, каде биле развивани. Еден примерок на фотографиите бил за списанието „Life“, втор за британската влада, трет за Пентагон каде се вршела воена цензура и уште еден примерок за централата на списанието во Њујорк која ги добивала и негативите.

Специјален авион чекал да ги префрли фотографиите и негативите преку Атланскиот океан каде биле пишувани описи на фотографиите испраќани од Капа. За тоа време тој останувал со сојузничката војска која напредувала во Нормандија.

Позната фотографија на мајка и ќерка на кои им била избричена главата заради соработка со Германците; Роберт Капа, Шартр, Франција, 16.08.1944 г.

Роберт Капа не бил единствениот воен фотограф во Втората светска војна, но неговите фотографии на денот Д најверојатно се најпознатите слики на таа војна. Американскиот генерал Двајт Ајзенхауер во 1947 година, на Капа и 19 други воени известувачи им доделил „Орден на слободата“.

 

Сомнеж во деталите

Но, митот за воениот фотограф Роберт Капа честопати бил доведуван во прашање. Така, на пример, во 2014 година авторот Алан Даглас Колеман започнал блог (capadday.com) каде тој и други се обидуваат да ги реконструираат настаните на денот Д.

Роберт Капа (лево) и Ернест Хемингвеј (десно), Франција, 13 јули, 1944 

Накратко, критиката е заснована врз истражувањето според кое на плажата Омаха Капа стигнал подоцна отколку што кажал. Имено, околу час и половина по т.н. прв бран, кога најжестоките борби веќе биле завршени. Исто така, наводно не останал на плажата толку долго колку што кажал подоцна.

Понатаму се тврди и дека Капа направил многу помалку од 106 фотографии како што навел, веројатно имало само 11 снимки – оние што се познати.

Напад на Нормандија, 6 јуни, 1944 г. Една од 11-те фотографии од амерканските војници на денот Д

На блогот се тврди дека приказната на уредувачкиот тим на списанието „Life“ дека техничарот во фото лабораторијата во Лондон по грешка со топлина ги уништил останатите ролни со филмови, наводно е невозможна.

Џон Морис, кој бил долгогодишен уредник на списанието „Life“ и одговорен за објавување на тие фотографии во бројот 19 од јуни 1944 година, во ноември 2014 година за Си-еН-еН изјавил дека дека на трите уништени филма очигледно немало никакви снимки.

„Денес мислам дека е сосема возможно Боб само да ги спакувал своите 35-милиметарски филмови и да ги пратил во Лондон знаејќи дека сликите се на едната од филмските ролни што ги снимил тоа утро“, рекол Морис, кој починал во 2017 година.

Реконструкцијата на она што се случило на 6 јуни 1944 година на плажата Омаха е тешка и сè уште не е завршена. На пример, уште не е разјаснето кој е човекот на најпознатата фотографија што ја направил Роберт Капа, насловена „Човек во брановите“ – на неа наводно се препознале ветераните Едвард Реган и Хјустон Рилеј.

 

Дискусија и за „Смртта на војникот“

Славната фотографија на Капа „Смртта на војникот“ од шпанската граѓанска војна, првпат била предмет на дискусија уште во седумдесеттите години на минатиот век. До денес се поставува прашањето дали сликата е вистинска или загинувањето на војникот во тој момент било симулирано?

Фотографијата „Смртта на војникот“ на изложба во Сеул

Она што е сигурно е дека Капа и Герда Таро себе си не се доживувале како неутрални набљудувачи во шпанската граѓанска војна. Двајцата биле на страната на републиканските борци и народот – против Франко.

Ирме Шабер, авторка на биографијата на Герда Таро истакнува: „Фотографијата ‘Смртта на војникот’ е дидактички дел на историјата на медиумот која поставува прашања што го надминуваат фотографот Капа. Овој тековен дискурс е неопходен и возбудлив и овозожува оваа рана фотографска икона да биде поучно префрлена во дигиталното доба“. Освен тоа, ако тоа се однесува на двата примери, останува особено тешкото прашање за вистината во војната и за војната.

 

Крајот на војната и Ингрид Бергман во разорениот Берлин

По инвазијата на Нормандија, на 25 август 1944 година, Капа во воен џип влегол во својот сакан ослободен Париз. Во март 1945 година кај германскиот град Везел, околу 100 километри северно од Келн, Капа со американски падобранци скокнал зад непријателската линија на Германците. Тој ја фотографирал битката за Берлин.

Ингрид Бергман, фотографија на Роберт Капа, Берлин, 1945 г.

Во овој град Капа дошол дури по завршувањето на војната, летото 1945 година и го фотографирал ослободениот град и неговите луѓе. Таму била и шведската и холивудска ѕвезда, Ингрид Бергман, која била на турнеја по Европа, на која ги забавувала американските војници. Капа и Ингрид се запознале два месеци порано во Париз, а љубовната врска почнала тоа лето во разорениот Берлин.

Ингрид Бергман се вљубила и сакал да го остави сопругот заради него. Во декември 1945 година, Капа заедно со неа отишол во Холивуд, но таму не му се допаднало. Познат е неговиот цитат во кој вели: „Никогаш не сум згазнал во поголемо гомно од Холивуд“.

За врската со мажената филмска ѕвезда, која завршила летото 1946 година, Капа молчел, јавноста дознала за тоа од актерката.

 

Остварен сон и смрт

По Втората светска војна, Капа заедно со пријателите фотографи Хенри Картие-Бресон, Дејвид Сејмур и Џорџ Роџер, остварил еден од своите големи сништа и ја основал фото агенцијата Магнум, која до денес е една од најпознатите во светот.

Потоа Капа фотографирал уште две војни: првата арапско – израелска војна по основањето на државата Израел во 1948 година – задача која му била исклучително важна и француската војна во Индокина (1946-1954).

Се смета дека Капа секогаш прецизно одлучувал за која војна ќе го ризикува животот како фотограф, а за која не. Всушност, не сакал да оди во Индокина. Не е познато зошто сепак отишол таму. Се претпоставува дека му недостасувала работата во воено опкружување, но и дека му биле потребни пари, зашто Капа бил страствен коцкар, сакал покер. Можеби сакал да ја обнови репутацијата на воен фотограф, тоа е уште една теза.

Роберт Капа  (22.10.1913 - 25.05.1954)

На 25 мај, 1954 година, 40–годишниот Капа ја следел француската единица во акција против комунистичките војници на Виетнам. Одел малку настрана во полето и згазнал мина. Велат дека и мртов, со левата рака, сè уште го држел апаратот.

 

„Роберт Капа беше сјајен уметник и фотограф“

Алекс Кершо, биографот на Роберт Капа вели дека прашањата во врска со неговите фотографии не менуваат ништо во однос на тоа дека „тоа се најдобрите слики на денот Д и се вистински“. Новинарот Кершо вели: „Фантастични се“ и додава дека ништо не може да го промени фактот дека Роберт Капа, еден од најпознатите воени фотографи во светот, „бил сјаен уметник и фотограф“, „рок ѕвезда“ на своето време.

Да имал прилика да го запознае би му поставил две прашања: „Дали вредеше да се ризикува животот на 40 години?“ и „Какво е чувството во тебе да е лудо вљубена Ингрид Бергман?“

Извор: Дојче веле на српски јазик

 

Слични содржини

Фотографија / Уметност / Историја
Фотографија / Историја
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја

ОкоБоли главаВицФото