Неолибералниот универзитет паѓа на испитот за коронавирусот

14.09.2020 00:31
Неолибералниот универзитет паѓа на испитот со коронавирусот

Во зафрленото предградие Норт Шор во метрополитенската околина на Милвоки, коалцијата студенти, професори, персонал и дипломци од универзитетот Маркет (Marquette) на 16 август маршираше до куќата на Мајкл Лавел под будното око на полицијата и приватното обезбедување. Автомобилскиот приод беше заграден со портокалова градежна ограда. Групата дојде да протестира против одлуката на Маркет да ги отвори своите врати за образование во живо среде глобална пандемија.

Преку заштитните маски опишаа дека негата и заштитата за време на пандемијата со Ковид-19 е одложена зашто Маркет не им понуди здравствено осигурување. Ги споделија своите стравови во врска со партнерките и партнерите со компромитирани имунитети кои живеат меѓу студентската популација, каде веќе се одржуваат забави без маски и социјално дистанцирање. Други повикаа на формирање синдикат кој најпосле би им обезбедил независен глас на работничките и работниците во Маркет во одлкуите за нивните работни услови.

До протести дојде после најновиот во низа фантастични планови со кои администрацијата на Лавел ветуваше дека повторно ќе ги отвори вратите на кампусот на безбеден начин. Планот подразбира крајно неадекватна стратегија за намалување на заразата. Студентите ќе бидат тестирани дури кога ќе почнат да покажуваат симптоми, а од наставниците се бара образованието истовремено да го пружаат онлајн и во живо.

За да ги привлече студентките и студентите, Лавел им вети максимална флексибилност: студентите можат да посетуваат предавања во форма која ја преферираат. На наставниците не им е овозможена таква дискреција. Иако на многумина редовно вработени професори им е одобрено подучување од далечина, за инструкторите на дипломските студии и контингентниот персонал, кои предаваат поголем дел од бруцошките предмети, беше поизвесно дека барањата за настава онлајн ќе бидат одбиени. Администрацијата очајнички работи на привлекување нови бруцоши, со што ги зголемува постоечките нееднаквости меѓу наставниците и ги поставува во ситуација на зголемен ризик оние наставници и наставнички кои имаат најмала можност да се одбранат.

Мајкл Лавел

Слични ситуации се случуваат на универзитетите ширум земјата. Универзитетите, кои се гладни за пари од школарините, го приоретизираат профитот пред безбедноста на студентите, професорскиот кадар и персоналот. Меѓутоа, Ковид-19 не ги предизвика толку овие проблеми, колку што фрли ново заслепувачко светло на темелните прашања за нееднаквоста и обесправеноста во академскиот простор.

Од средината на 20 век, дојде до сериозно намалување на безбедноста на академското вработување. Во 1969 година, 78 проценти од факултетскиот персонал на американските високообразовни институции беа редовно вработени. Денес, 75 проценти од работните места ги заземаат привремено вработените, контингентните предавачи и предавачки.

Редукцијата на редовно вработените факултетски работнички и работници во прилог на контингентните предавачи создаде ранлива академска работна сила пред која се поставуваат сѐ поголеми истражувачки очекувања, професионални критериуми и опсези на знаења во замена макар и за најава на стабилност при вработување.

Речиси секоја позначајна одлука на Маркет ја рефлектира сѐ поголемата индиферентност на универзитетските администратори кон одлуките на академската работна сила, персоналот и студентите. Во јули повеќе од четириесет студенти и студентки од Маркет се заразија кога изби коронавирусот, и тоа во момент кога кампусот во споредба со новопредложената ситуација, беше напуштен. Универзитетот од Северна Каролина истовремено доживеа повеќе случаи со Ковид-19 само за неколку дена после повторното отворање, и одлучи да го затвори кампусот после само една недела. Дали Маркет ќе ја повтори истата грешка? Речиси е сигурно дека одржувањето на инструкциите во живо ќе ги принуди универзитетите како Маркет да преминат на виртуелна настава среде семестар, што ќе создаде дополнителна неплатена работа за инструкторите и ќе ја поремети околината во која учат студентите, и покрај здравствените учиноци.

Веднаш спроти кампусот, здравјето на небелите работнички четврти кои го опкружуваат Маркет - во кои најсериозно се чувствува влијанието на неверојатно високите нивоа на сегрегација во Милвоки - исто така е загрозено. Епидемијата во Маркет би била само последен настан со кој се покажуваат континуираните проблеми кои Маркет ги има со расизмот и непособноста да се дејствува во склад со мисијата која заговара социјална правда. Како и на другите универзитети, официјалните канали на „заедничкото управување“ во најдобар случај беа беспомошни, а во најлош делуваа како гласноговорници на универзитетските администрации. Уредбите на Маркет имаат конечна одлука во работата на управниот одбор и претседателот, што значи дека „заедничкото управување“ значи она што сакаат да значи Мајкл Лавел и управниот одбор. И покрај надмоќното мнозинство на привремено вработените академски работнички и работници и студентите-работници на дипломско ниво кои заговараат формирање синдикат, претседателот Лавел ги избегнува договорените состаноци со работниците и работничките и спроведува измамничка кампања за разбивање на синдикатот која е во директна спротивност со језуитските вредности на универзитетот, како и неговата мисија за социјална правда.

Понатаму, Лавел се обиде да ја маскира својата кампања за разбивање на синдикатите со католицизмот, тврдејќи дека наметнувањето буџетски резови и прекарноста на предавачкиот персонал на Маркет е во склад со улогата на добар финансиски старател на језуитскиот универзитет - додека истовремено тајно се координира со администрацијата на Трамп и се приклучува на телефонски конференциски разговор со потпретседателот Мајк Пенс од кој претседателите на универзитетите бараат правен имунитет заради барањата на своите студенти поврзани со изложеноста на коронавирусот.

Кога работодавачите ја имаат сета моќ, тие ја злоупотребуваат: претседателот Лавел повторно ги отвора вратите на Маркет и покрај тоа што знае дека со тоа ќе предизвика болест и смрт кај студентите, предавачите и персоналот.

Непрофитниот статус на Маркет и неговиот идентитет на језуитска институција посветена на cura personalis - камен темелникот на језуитската теологија, која се преведува како „грижа за здравата личност“ - не нуди никаква заштита од експлоатација и злоставување. Администрацијата на Лавел посвети значителни ресурси за администраторските плати и фондациите: Маркет на администраторски плати троши повеќе од 80 проценти во однос на сличните институции. Иако универзитетот е регистриран како „непрофитен“, во пракса премногу платените администратори не се однесуваат премногу различно од управите на профитните корпорации.

На Маркет, како и на другите универзитети, единствен начин за да се заштитат образовните работници и работнички е да се организираат. Најголемите победи на Маркет во последните неколку години се директен резултат на нашето континуирано синдикално организирање: со синдикални напори им се помогна на библиотекарките да воведат безбедносни мерки во раните денови на пандемијата со коронавирусот, се оствари понатамошно финансирање нови студенти на дипломско ниво, и се запреа антидемонстрациските политики кои ќе ја загушеа слободата на говорот во кампусот. Единствен начин во кампусот да се оствари позитивна промена е организирањето и спротивставувањето на администраторите кога нивните интереси им се спротивставени на заедниците кои ги експлоатираат.

Додега го подготвувавме текстов, поранешните студенти ни се обратија за да ни заблагодарат што јавно истапуваме против претстојното повторно отворање. Изразија страв за сопственото здравје и рекоа дека се чувствуваат подобро, знаејќи дека нивните предавачи и предавачки ја споделуваат нивната загриженост. Академските работници и работнички не се борат само за себеси, туку и за нашите заедници. Во 2020 година многу животи зависат од нашиот успех.

Сара Кизук е членка на Синдикатот на академски работнички и работници од Маркет, помошна предавачка на универзитетот Маунт Алисон и докторантка на катедрата за филозофија на универзитетот Маркет. Исто така е помошничка на директорот на Центарот за развој на хуманистиката при Маркет.

Том Хансбергер е член на Синдикатот на адакемски работнички и работници од Маркет, докторант и предавач по филозофија на универзитетот Маркет. Исто така е копретседател на огранокот на Демократските социјалисти од Америка во Милвоки.

Извор: https://jacobinmag.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото