Почнува вториот дел на КРИК 05 – фестивал за критичка култура

14.09.2020 11:35
Почнува вториот дел на КРИК 05 – фестивал за критичка култура

Од утре, 15 септември до 18 септември во Музејот на современа уметност – Скопје ќе се одржи вториот дел на КРИК 05 – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт. Темата на фестивалот е „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, инспирирана од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“.

На 15 септември, со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи предавање на Елизабета Шелева во разговор со Мања Величковска„Тропи на ранливоста (потеклото како долг или бегство од биографија)
„Ковид денешницата ја размрда подзаборавената а длабока потреба (и потрага) на човекот за поинаква праведност и моралност (онаа, која не исцрпува во селфи-идеологијата како метафора, туку примарно постои преку заемноста, базичната грижа за Другиот и неговата добробит), етичноста - при тоа, не толку однадвор наметната како покорност (кон Бога), туку изнедрена однатре, како инхерентна потреба од „доброволна", изворна заемност, но, и утопизам: непресушна верба во подоброто утре, или, во самиот концепт на иднината, различна од (тековната) апокалипса, деструкција или сеопшто обезвреднување“, пишува професорката Шелева најавувајќи го своето предавање на фестивалот КРИК 05.

Истата вечер од 21 часот, џез составот „Кадабајас“ ќе одржи концерт.

Елизабета Шелева, литературен критичар и теоретичар, е родена во Охрид, 1961 година, докторирала на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје каде што е редовна професорка по Теорија и методологија на литература при катедрата за Општа и компаративна книжевност. Таа е актуелна претседателка на Независните писатели на Македонија како и уредничка на списанието за книжевност Наше писмо. Меѓу другото, Шелева е претседателка на управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата и уредничка на регионалното списание за култура и книжевност Сараевски тетратки. Шелева има објавено повеќе од 230 статии и 10 книги. Во нејзините истражувања, помеѓу другото, таа се фокусира и на пост-колонијалната критика (Балканска имагологија), родови прашања и современа македноска литература.

Мања Величковска дипломира на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Моментално е на магистерски студии на програмата Естетика на катедрата за Филозофија на истиот универзитет. За време на своите додипломски студии волонтирала во издавачките куќи Готен и Темплум и е дел од тимот на студентската филолошка конференција „Како си ми?“. Учествувала на неколку интернационални симпозиуми и волонтирала и работела на домашни фестивали во областа на културата („Друга приказна“, „Стушки вечери на поезијата“, „Прво па женско“, „КРИК“ итн.). Сега работи како програмска асистентка во Коалиција МАРГИНИ, а членка е и на регионалната група на книжевни критичарки ,,Pobunjene čitateljke” и на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена.

Наредниот ден, 16 септември, од 19:30 часот во МСУ ќе се одржи „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“ – предавање на Славчо Димитров во разговор со Артан Садику. Во истиот термин на 17 септември ќе има дијалог на Артан Садику и Станимир Панајотов од Бугарија, насловен „Смртта и сексуалноста.

На завршниот ден, 18 септември, од 19:30 часот ќе биде премиерно прикажан краткиот филм на Иван Блажев „All time is all time“, по што ќе се одржи „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“ – предавање на Небојша Вилиќ, проследено со излагања и разговор со Натали Р. Павлеска и Јованка Попова.

Годинашното петто издание својата програма ја започна во јуни (во јунската програма гости беа Франко Берарди Бифо, Џули Реше, Светлана Слапшак, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо) и ќе се одвива до декември.

„Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале – што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Во мигов сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми. Сега ни се случуваат во реалниот простор и време тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум“, вели Искра Гешоска, програмска уредничка на фестивалот.

Тимот на КРИК истакнува дека се фокусира на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување, кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот.

„КРИК оваа година ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите капиталистички наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, солидарни заедници. Каков вид на политички, социо-културен и економски поредок би бил идеален/оправдувачки за нас како битија кои се соочуваат и не можат да ја прифатат сопствената смртност? Каков начин на живот треба да живееме и што треба да направиме колективно/заеднички, за да се овозможи коренита промена во идејата за заедниците? Како можеме да ги преиспитаме и повторно да ги земеме предвид концептите за слобода и еднаквост? Какви движења можеме да поттикнеме кои ќе го конфронтираат досегашниот концепт на заедници и ќе понудат праведни општествени концепти и практики?“, соопштува тимот на КРИК.

Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.

Постојани партнери на Контрапункт и на КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk
КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz kulturstiftung, Министерство за култура на Северна Република Македонија, Гете институт Скопје, Гете институт Брисел, Фондација Отворено општество.