Пандемија- како стојат работите со солидарноста во ЕУ?

14.09.2020 14:23
Пандемија- како стојат работите со солидарноста во ЕУ?

 

Извор: Дојче веле

Европските членки на Светската здравствена организација (СЗО), овој понеделник и вторник повторно имаат онлајн советување. Главна тема секако е пандемијата со коронавирусот.

Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, ЕЦДЦ, во меѓувреме на европскиот економски простор (ЕУ плус Исланд, Норвешка, Лихтенштајн) и Велика Британија се регистрирани околу 2.574.000 позитивни тестови на коронавирус. Над 184.000 починале како последица на вирусот.

СЗО говори за „огромна солидарност" меѓу европските земји во кои оваа организација го вбројува и Израел и некои централно азиски земји. " Тоа е навистина инспиративно: спротивно на сите очекувања дури и кога границите беа затворени, добивавме огромна поддршка," вели Дорит Низан одговорна за итни интервенции во огранокот на. СЗО за Европа.

На почетокот имаше проблеми

Гледано од страна, на почетокот од пандемијата не можеше баш да се зборува за европска солидарност. Практично во низата осамени потези земјите ги затвораа границите и забрануваа извоз на медицинска опрема. Сето тоа без меѓусебен договор. Петер Лизе, портпарол за здравствени прашања на Европските народни партии во Европскиот парламент знае кој е виновен: „Секогаш самите земји членки беа тие кои ги блокираа заедничките иницијативи кои ги иницираше Европскиот парламент или Комисијата“.

Проблемот е дека темата јавно здравје спаѓа под надлежност на земјите членки. ЕУ тука смее само да пружа поддршка доколку некој ѝ побара. Дури и ЕЦДЦ овде има, како што вели Лизе, „многу ограничени надлежности." „Тие смеат да прават анализи, но не и да даваат јавни препораки како национално здравствените власти, " заклучува претставникот на Европските народни партии.

Поголеми надлежности на централните институции

Но, како што се развива ситуацијата тоа во иднина треба да се промени. „Веќе следните недели ќе бидат претставени предлози во насока на јакнење на Европските институции", вели Лизе кој веќе и сега гледа позитивен напредок. „Соработката е многу подобрена, болниците од одредени земи примаа пациенти од други ЕУ земји, а имаше и меѓусебна размена на персонал и донации од медицинаска опрема, " вели политичарот и лекар, Лизе.

Во позадина на борбата против пандемијата се изменети и одредени закони со кои се овозможува и поинтензивна медицинска соработка но и взаемна потрага и изработка на вакцина. Во меѓувреме и понудите за набавка на медицинска опрема се поднесуваат заеднички на ниво на ЕУ. И на крајот, тука е договорот од 750 милијарди евра за економска помош на земјите членки. Единствено не функционира апликацијата за предупредување која би требало да е активна и преку границите на одредени земји членки, но тоа не беше случај за време на особено важната летна туристичка сезона.

Европскиот парламент би требало да расправа и за Законот за превенција во случај на катастрофи. Целта е да се креираат рамковни одредби за производство на медицински материјал и лекови во ЕУ.

Се покажа дека Евопа во однос на набавка на лекови и сировини за нивно производство е многу зависна од далекиот Исток, посебно од Кина. „Мораме да создадеме услови со кои ќе се овозможи производството на лекови повторно да биде исплатливо и во Европа," вели Лизе.

Борбата сè уште не е готова

Борбата против пандемијата од коронавирусот се уште не е готова. Од крајот на јули повторно расте бројот на заразени во Европа. Австрискиот канцелар зборува за „втор бран".

Претставничката ма СЗО, Низан стравува дека претстојната есен и зима земјите од ЕУ повторно ќе може да посегнат по рестриктивни мерки и карантин што според неа би било штетно за сите. „Во првиот бран сфативме дека спасувањето животи и зачувување на темелите на нормалниот живот мора да течат паралелно," вели Низан.

И Лизе, исто така, предупредува од несигурна есен и зима. Најмногу е загрижен од некоордираните мерки на одредени земји членки. „Унгарија во целост ги затвора границите додека во Чешка нема никакво ограничување иако таму молскавично расте бројот на заболени," вели овој политичар.

СЗО предупредува и од еден друг тренд: „Ме загрижува кога гледам како се повеќе граѓани се приклучуваат кон протестите против заштитните мерки против ширење на пандемијата. Ме вознемирувa кога ги слушам како говорат за имунитет на стадо па дури и дека пандемијата не постои."