Таван

15.09.2020 11:08

Таванот е за куќата
како за човека главата -
довека ја држи исправена ставата!

Во сандакот среде таванскиот мрак,
под шубарите и волнените доколеници
ѕиркаат востаничките реденици.

А крај оџакот начаден
во тесното таванско сопче,
го лулаат пајажини црешовото топче.

За нашите буни и востанија
против султанот и бејот,
повеќе знае таванот отколку музејот!

Затоа, се накриви ли таванската глава,
треба да се променат итно и плански
гнилите греди оломлански!

Со кубик штици, чекан, шајки
и две-три борови греди,
накривеното итно да се среди!

Зашто таванот е стара книга,
возбудено напишана сторија,
за куќата, за семејната историја.

Таванот е за куќата
како за човека главата -
довека ја држи исправена ставата!

 

Владимир Шопов (1948-2000) - македонски поет, критичар, публицист хроничар, писател, хуморист и сатиричар. Пишувал поезија и на англиски јазик. Човек со широка лепеза на творечко интересирање, се занимавал и со концептуална уметност.

Негов татко е Ацо Шопов, еден од најпознатите современи македонски поети, а неговата мајка е Благородна Цветковска, сестра на народниот херој Здравко Цветковски.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото