Летото на посткапитализмот

16.09.2020 00:11
Летото на посткапитализмот

На 12 август оваа година се случи нешто невообичаено. На веста дека во првите седум месеци од 2020 година економијата на Велика Британија забележа најголем пад во историјата (националниот доход опадна за повеќе од 20 проценти), лондонската берза реагираше со скок на вредноста на индексот FTSE 100 за 2 проценти. Истиот ден, индексот S&P 500 на њујоршката берза собори нов рекорд, иако Америка сѐ повеќе наликува на пропадната држава со изморена економија.

Да нема забуни, финансиските пазари често позитивно реагираат на настаните за кои е извесно дека ќе турнат многу луѓе во беда. Лошата вест за работниците во некоја компанија - на пример, најавите за отпуштања - е одлична вест за нејзините акционери. Но во ситуациите кога најголем дел од работната сила во исто време е во проблеми, пазарите со капитал вообичаено реагираат со пад, поаѓајќи од разумната претпоставка дека ако најголем дел од популацијата е принуден да го затегне појасот, тогаш сите приходи, вклучувајќи ги просечните профитни стапки и дивидендите на компаниите, мора да опаднат. Логиката на капитализмот не беше убава, но беше разбирлива.

Веќе не е така. Во настаните кои кулминираа на 12 август нема капиталистичка логика. Првпат се случува очекуваниот пад на приходот и добивките да генерираат - или барем да не спречуваат - продолжување на налудничавото купување на берзите во Лондон и Њујорк. А тоа не се случува затоа што инвеститорите проценуваат дека економиите на Велика Британија и Соединетите држави го допреле дното - што би било најдобро време за купување акции.

Првпат во историјата инвеститорите изгубија интерес за состојбата на реалната економија. Јасно им е дека пандемијата го запре растот и дека профитните стапки паѓаат. Го гледаат надоаѓачкото цунами на сиромаштијата и неговите долгорочни последици и знаат што значи тоа за агрегатната побарувачка. Гледаат и како пандемијата ги разоткрива и продлабочува класните и расните поделби во општеството.

Берзанските шпекуланти многу добро знаат што се случува, но на тоа не му придаваат значење. И во право се. Необичната ситуација во која пазарите со капитал продолжуваат да растат додека економијата околу нив се распаѓа е прифатена како нова нормална состојба. Тоа се случи кога пандемијата му се придружи на финансискиот меур создаден со обидите на централните банки да го покренат финансискиот систем после 2008 година. Ова е историски важен момент на суптилна но јасно воочлива транзиција од капитализам во еден вид посткапитализам.

Но да почнеме од почеток.

Пред појавата на капитализмот задолжувањето секогаш доаѓаше на крајот од економскиот циклус. Во феудализмот сѐ почнувало со производството. Кметовите работеле на земјата на властелините, а распределбата се правела после жетвата, кога шерифот доаѓал да го собере делот на властелинот. Властелинот ги монетизирал вишоците со продажба. Дури тогаш можел да започне кругот на задолжувањето со давање кредити на заемопримачите (често и на самиот крал).

Тој редослед е обратен во капитализмот. Бидејќи трудот и земјата се комодификувани, за отпочнување на производството треба да се задолжи однапред. Капиталистите морале да најдат пари за да закупат земја, работна сила и машини. Дистрибуцијата на приходите зависела од условите на овие закупи. Единствено на тој начин било можно да се започне производство кое донесува приход и генерира добивка за капиталистот. Ветувањата на раниот капитализам биле условени од кредитот. Сепак, дури со втората индустриска револуција капитализмот успеа да го преобликува светот според своја мерка.

Електричната енергија ги донесе првите вмрежени компании кои произведуваа сѐ, од генератори и опрема за електрична мрежа до светилките во секој стан. Огромните финансиски апетити на таквите компании создадоа мегабанки способни да прават пари од ништо. Со агломерацијата на мегакомпаниите и мегабанките е изградена техноструктура која ги узурпираше пазарите, демократските институции и масовните медиуми. Резултат на тоа беа „лудите дваесетти“, а потоа економскиот крах во 1929 година.

Од 1933 до 1971 година глобалниот капитализам му беше потчинет на механизмот за централно планирање преку разните прилагодувања на рамки на Њу Дилот, вклучувајќи ја воената економија и повоениот систем воспоставен во Бретон Вудс. Кога оваа рамка беше отстранета во седумдесеттите години, техноструктурата повторно стекна моќ, овојпат облечена во плаштот на неолиберализмот. Следеше доба на „ирационално однесување“, слично на дваесеттите години од 20 век, што кулминираше со глобалната финансиска криза во 2008 година.

За да го реанимираат финансискиот сектор, централните банки го преплавија со бесплатни пари, истовремено наметнувајќи мерки за фискално штедење со кои беше ограничена потрошувачката на домаќинствата со понизок и среден приход. Бидејќи од потрошувачите погодени од строгите мерки за штедење не е лесно да се извлече добивка, инвеститорите развија зависност од нови инјекции за ликвидност од централните банки, а таа зависност создаде сериозни несакани ефекти.

Да го разгледаме следниот редослед на настаните: Европската централна банка на Дојче банката ѝ одобри нова финансиска инјекција со каматна стапка која беше речиси рамна на нула. За да оствари профит, Дојче банката тие пари мора да ги пласира како заем. Но нема да им го понуди на „обичните луѓе“, зашто нивната кредитна способност е компромитирана заради пропаѓањето на економијата. Кредит ќе му понуди, на пример, на Волксваген, компанија која веќе има огромни резерви готовина, затоа што нејзините раководители во страв од пад на побарувачката за нови и квалитетни електрични автомобили ги запреа сите инвестиции во нови технологии и добро платени работни места. На шефовите на Волксваген не им се потребни пари, но банката ги нуди со толку поволни услови што сепак ќе ги земат и веднаш ќе ги вложат во купување на акциите на Волксваген. Секако, цената на акциите ќе скокне, а со неа и бонусите на раководството (бонусите се директно поврзани со пазарната капитализација на компанијата).

Со таквите практики во периодот од 2009 до 2020 година најпосле беше прекината секоја врска помеѓу цените на акциите на берзата и реалната економија, а многу компании се претворени во живи мртовци. Таква беше состојбата на капитализмот во моментот кога почнуваше пандемијата. Со истовремен удар на потрошувачката и производството пандемијата ги принуди државите на програми за надоместување на приходите во момент кога реалната економија имаше најмалку капацитети за адекватни инвестиции во генерирање нефинансиско богатство. Централните банки добија налог дополнително да го зголемат меурот кој многу компании веќе ги претвори во зомби.

Така со пандемијата е завцрстена погубната врска која ги руши темелите на капитализмот после 2008 година: тоа е директната поврзаност на добивката и акумулацијата на капиталот. Тековната криза ни откри нова посткапиталистичка економија во која случувањата на пазарите со стоки и услуги не влијаат на економските одлуки, нема граници за манипулациите на нововоспоставената техноструктура (високотехнолошките компании и Вол стрит), а демосот е практично избркан од демократијата.

Слики: Scott Everingham

Извор: https://www.project-syndicate.org/
 

ОкоБоли главаВицФото