Корупција и љубов - изложба во Москва

16.09.2020 14:37
Корупција и љубов - изложба во Москва

Второто издание на Триеналето на Музејот „Гараж“ во Москва, кое се отвори деновиве е на тема корупција.

Како што може да се очекува за голема и разновидна земја како Русија, составувањето преглед на современата уметничка продукција е монументална задача. Големата инаугуративна изложба во 2017 година, беше резултат на екипа од шест куратори кои барале дела во 42 градови и населени места низ 11 временски зони.

Овојпат, кураторите се одлучиле за понеортодоксен пристап. Валентин Дијаконов и Анастасија Митјушина побарале од над 60 уметници кои учествувале на изложбата во 2017 година, тие самите да ги изберат авторите за второто издание. Нормално, голем број уметници номинирале свои пријатели и членови на семејството, додека други избрале да го направат тоа со аукција или ждрепка.

Кураторите се согласиле со сите варијанти под услов сите врски меѓу селекторите и селектираните да бидат точно објавени, а селекторот и избраниот уметник да соработуваат на некоја димензија од презентацијата на делото.

Изложбата е отворена под наслов „Убава ноќ за сите луѓе“, и според авторите се занимава со важната улога што ја имаат врските во руската култура. Изложбата има и полуофицијално мото кое гласи „Корупција и љубов“.

„Од памтивек, корупцијата е движечка сила за Русија, но често забораваме дека корумпираните политичари и поединци сето тоа го прават од љубов - стан за бабата, приватен авион за љубовницата“, вели Дијаконов. „Изложбата целосно функционира по тој принцип: практично купувате место за најблискиот пријател со вашиот ентузијазам. И прекрасно функционира - доверба се исплати, а квалитетот на делото го рефлектира квалитетот на односите“.

Извор: news.artnet.com

Слични содржини

Активизам / Фотографија / Свет / Уметност / Око
Јавни простори / Свет / Уметност / Историја
Свет / Технологија / Уметност / Око
Графички Дизајн / Свет / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото