1033 hPa
53 %

9 °C
Скопје - Саб, 08.02.2025 12:59
Музичка песна
Во оркестарот
еден бас
кашлал
секој час.
На тоа му се чудел светот!
Се чудел и диригентот.
И тогаш рекол свирачот: - Му ја земале
прекривката! А друга немале
за да го покријат стариот бас,
та настинал и сега кашла
секој час.
Нека извини затоа светот
Нека прости и диригентот.
Клавир
Во клавирот
со стомак од жици
има триста
птици певици.
Затоа секој клавир -
сите тие птици за да може
да ги носи -
има три нозе.
Во што сè свири ветрот
Во што сè свири ветрот,
во какви инструменти,
музичарот славен кој носи
од златно лисје медали и ленти?
Во што сè свири ветрот?
Можеби во свирчето
со кое некој полицаец избувнува
а потоа дома смирено
во флејта си дува.
А потоа ветрот
го забавува насобраниот свет
дувајќи во кларинет,
па седнува на некој пен скапан
и со дланката удира в тапан,
па на небото следи авион
дувајќи во тромбон,
а потоа заспива цело село
гудејќи виолончело,
па потерува коњ в кас
чупкајќи контрабас,
па зачукува на прозорец од некој стан
и одеднаш се разлева звук од тимпан,
па оди во природа и во некоја долина
(или клисура?) свири виолина,
па во дворецот на грофицата Марфа
со прсти ја прочешлува нежната харфа
и за инает на седиот гроф Дибоа
силно дувнува во нивната обоа
и сè уште обземен од немир
претрчува преку некој клавир,
па доаѓа ко ловец страшен и строг
и силновешто дувнува в рог,
а потоа засвирува и пиколо
(иако за ниеден инструмент нема школо)
па по небото расфрла бело перје,
и во труба засвирува повечерие,
и останува сосем сам,
растегнувајќи некоја кожа во рам
за само еднаш да лупне во там-там.
Вчера некои девојчиња весели
му рекоа: „Повели!
Музиката треба да се сподели!“
И му подарија од злато чинели.
Слики: Gus Gordon - Herman and Rosie
Избор и превод: П. В.