Теориско- поетски разговор за смртта и сексуалноста на Станимир Панајотов и Артан Садику на КРИК 05

17.09.2020 14:14
Теориско- поетски разговор за смртта и сексуалноста на Станимир Панајотов и Артан Садику на КРИК 05

Во вчерашното предавање на теориетичарот и активист на Славчо Димитров, стана збор за новите концепти за телесноста, заедницата и политичкото во чиишто рамки тој се осврна и на тезите за заедницата на францускиот филозоф Жан Лук Нанси. Понатаму тој говореше за политиките на еднаква дистрибуција, можности за иновација, учество во процеси на одлучување и пролиферација на екотехнологии на телесноста. По предавањето следуваше дискусија со Артан Садику и со публиката.

Вечерва (17 септември) во 19, 30 часот, во МСУ, на програмата на КРИК – фестивал за критичка култура, ќе се одржи и предавање во форма на дијалог на Станимир Панајотов и Артан Садику на тема „Смртта и сексуалноста“. Настанот ќе има два дела. Во првиот дел тие ќе разговараат за тоа каков е моменталниот режим на производство на сексуалност под гнилиот посткапитализам. Но, исто така, ќе го постават прашањето: како перверзните економии на неолибералниот капитализам се вкрстуваат со која било форма на сексуалност која се смета за „перверзна“? Во фокусот ќе бидат Де Сад, Ник Ленд, Денис Купер, Жан Жене, Џонатан Кемп, Пјер Гјујот, итн. Исто така, Садику и Панајотов ќе се обидат да реферираат на жив материјал од секојдневните практики, барајќи содржина која живее под нашиот истрошен производствен циклус, оној кој нѐ соочува со два избори: да повториме сè и да станеме подобри манипулатори или да заборавиме на сè и да станеме аматери.

Во вториот дел од настанот, Панајотов и Садику ќе ги читаат своите песни посветени на „оваа изопаченост наречена љубов“ (Jun'ichirō Tanizaki), на сексуалната „жед за анихилација“ и други грандиозни неправилности. Песните се дел од заедничката книга, која се состои од нивна поезија, заедничко читање и меѓусебно креативно уредување, со цел да се произведе искривен чуден глас на изопачености.

Станимир Панајотов роден во Сливен, Бугарија, моментално го завршува докторот по компаративни родови студии на Централноевропскиот универзитет (Будимпешта, Унгарија), со специјализација во областа на средновековните студии. Твори на раскрсницата на континенталната и феминистичка филозофија, нефилософијата, неоплатонизамот и новиот / шпекулативен реализам, додека пак во овие области специјализирал на Словенечката академија на науките и уметностите во Љубљана (2013); Институтот за општествени науки во Скопје (2015); Универзитетот Линкопинг(2016); Американскиот истражувачки центар во Софија (2016/17); Универзитетот Кингстон во Лондон (2017); Универзитетот во Утрехт (2018). Член е на организацијата Non-Philosophique Internationale од 2016 година. Тој е ко-режисер и ко-организатор на Sofia Queer Forum (Софија, 2012-денес), како и на Летна школа за Сексуалности, култури и политики (Скопје / Белград, 2012- 2017), а од 2017 година е уредник на списанието Identities: Journal for Politics, Gender and Culture, како и член на уредничкиот одбор на списанието Oraxiom: A Journal of Non-Philosophy.

Артан Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните практики во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде што ја водел Школата за критика и политика. Основач на Левичарското Движење Солидарност и Културниот Клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам. Тој беше еден од клучните актери во протестните движења АМАН!, #протестирам и Академскиот пленум, а во моментот е дел од уредувачкиот и организацискиот борд на КРИК фестивалот за критика култура и Контрапункт. Редовен соработник е на регионални и меѓународни списанија како Le Monde Diplomatique, Journal Identities и Bilten. Неговите последни текстови се однесуваат на просторот за уметноста во општеството и естетската форма на работниците.

Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.

Постојани партнери на Контрапункт и на КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk
КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz kulturstiftung, Министерство за култура на Северна Република Македонија, Гете институт Скопје, Гете институт Брисел, Фондација Отворено општество.