Џуџо и Џино (2)

17.09.2020 14:30
Џуџо и Џино (2)

Најмалиот џин Џуџо
и најголемото џуџе Џино
си имаа еден пријател
– славниот готвач Гино.

Не можеше веќе да ги слуша
да се караат на иста тема
па им направи ваква шема:
(Аман, нека се реши
оваа историска дилема!)
Кој ќе изеде повеќе – тој е поголем!
– Јас ќе ви бидам судија,
на двајцата им рече,
се затвори во кујната
и почна да пече.

Им направи ориз тава
сладолед со колач лава
макарони и колбаси печени
пиперки со лук гмечени
увијачи со кашкавал и сланина
пире големо ко планина
плескавици со зачини лути
со спанаќ детокс-смути
говедско со чили и нудли
со цимет и јаболка штрудли
блитва и лукче со крап
со туна и маслинки врап
маринирано свинско печење
(по волку мрсно ќе треба лечење!)
зеленчуци и филе мињон
па да се види кој е шампион!

И уште многу храна имаше на маса
да изеде повеќе, кој ли прв ќе стаса?
Почнаа да мезат јадења разни
да си ги полнат стомаците празни.

Џуџо почна со чинија њоки
потоа си грицна и чипс и смоки.
Во џебот си пикна парче пастрмајлија:
– Ова за натпреваров ќе ми биде амајлија!

– Ќе биде ова тешка борба!
помисли Џино сркајќи чорба.
Џуџо навали на копани, шпагети
на хумус со крцкави француски багети.

Џино штом ја проба тортата Захер
на Гино му рече: – Стварно си махер!
Џуџо, пак, му честита за еден мазник:
– Со ваков готвач, секој ден е празник!


Џино заврши со чинија помфрит
а одамна веќе беше сит.
И Џуџо по пицата со мајонез
конечно реши да стави рез.

– Не каснав од ова пилешко со кари
но сешто мевот денес ми свари!
Сиот се поду, ќе ми пукне ко балон
по ова ќе морам во фитнес салон!

– За да ги потрошам овие тортиљи
ќе треба да истрчам десет милји!
Сакам да си намачкам и од она песто
но веќе во стомакот немам место!

– Што ми требаше и оној бокал вино! -
прејаден офка на земја Џино.
И Џуџо се препелка, се витка на подот
– Мора да ми е од школките и октоподот!

– И сега, што правиме? – разочаран Гино кажа
да нема победник ептен е бламажа.
Вака: ќе ви сварам уште еден казан грав
победник е оној што ќе го изеде без страв!

Џино и Џуџо се погледнаа сложно
(замислете, ете, и тоа е можно!).
Побегнаа разулaвени, фатија штрафта,
Гино по нив со менито им мавта.

Ноќта пред да заспие на Џино му беше жал
што од руската салата не пробал.
И на Џуџо за едни ќебапи му беше криво,
добро ќе му дојдеа вечерва со пиво!

Слики: Russell Hoban - Bread and jam for Frances (1964)

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото