Како животната средина влијае на здравјето и благосостојбата во Европа

17.09.2020 23:54
Како животната средина влијае на здравјето и благосостојбата во Европа

Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) објави ново истражување со наслов „Здраво опкружување, здрав живот: како животната средина влијае на здравјето и благосостојбата во Европа“ во кое заклучуваат дека во 2012 година 13 проценти од сите смртни случаи во ЕУ може да се припишат на спрегата на загадувањето на животната средина и човечкото здравје. Веднаш потоа се повикуваат на заклучокот на Светската здравствена организација (СЗО) според кој тоа можело да се спречи и додаваат дека сличните исходи во иднина е можно да се намалат со зголемување на напорите за подобрување на квалитетот на животната средина.

Истакнуваат дека моменталната состојба на животната средина во Европа има негативен учинок на здравјето и квалитетот на животот на европските жители. Според податоците на СЗО за 2016 година, бројот на починати предизвикан од состојбата на животната средина е проценет на 630 000 случаи. Товарот на болестите кои се резултат на еколошката ситуација е нерамномерен, а додека ситуацијата е најдобра на Исланд и во Норвешка (9 проценти), најлоша е во Албанија (23 проценти) и Босна и Херцеговина (27 проценти). Загадувањето на животната средина е поврзано со низа болести како ракот, болестите на срцето, мозочните удари, респираторните болести и невролошките нарушувања.

Загадувањето на воздухот е причинител за болести кои ги предизвикува загадувањето на животната средина. Лошиот квалитет на воздухот во затворен простор е поврзан со греењето на сурови горива, што предизвикува околу 26 000 предвременми смртни случаи годишно во Европската економска област. После загадениот воздух, вревата е вториот нарушувачки фактор кој влијае на човечкото здравје. Таа зема 12 000 животи годишно и се поврзува со уште 48 000 случаи на исхемиска болест на срцето. Потоа, тука се и климатските промени кои влијаат на здравјето, на пример, наглите промени на времето и зачестените топлински удари, екстремните заладувања и брзите и екстремни промени на температурата. Но, освен тоа климатските промени предизвикуваат и зоонотски болести како Ковид-19 како и оние кои се шират преку водата и храната. Собраните докази посочуваат дека долготрајната изложеност на загаден воздух може да ја зголеми и чувствителноста и на Ковид-19.

После климата, штета на човечкото здравје причинува и изложеноста на опасни хемикалии, а СЗО проценува дека на глобално ниво 2,7 проценти од смртните случаи можат да му се припишат на овој причинител. Во ЕУ ситуацијата е комплицирана зашто вкупното негативно влијание на хемикалиите врз луѓето, впрочем, не е познато. Европската агенција за животна средина истакнува дека постојат дупки во разбирањето како хемикалиите влијаат на здравјето на луѓето во ЕУ зашто тие може да имаат „синергиски и долготрајни ефекти врз ендокриниот систем“. Но, додека за тоа веќе знаеме нешто - влијанието на електромагнетните полиња на луѓето е повеќе или помалку здравствена непознаница, но нужно е да почнеме да се занимаваме со тоа, смета Агенцијата за животна средина бидејќи се очекува зголемување на ова влијание врз луѓето. Иако постојат добро дефинирани акутни здравствени учиноци за изложеноста на одредени електромагнетни полиња (на невролошкиот систем и сетилата, загревањето на ткивата...) има малку докази во врска со долгорочните влијанија по здравјето на општата популација. Освен овие тука се уште и прашањето за квалитетот на водата, како водата за пиење така и комуналните води, загадувањето со антибиотици кое создава отпорност и овозможува развој на супербактерии. Се чини дека од проблеми со бактериски инфекции (разни видови сепса) и отпорност на антибиотици во ЕУ би можеле да настрадаат 25 000 луѓе годишно. Но, смртта не е единственото нешто што го предизвикува загадувањето, туку предизвикува и зголемување на болестите на кардиоваскуларниот систем, мозочен удар, астма, хипертензија, деменција, стрес и топлотни удари, дијабетес и имуноболести.

Нееднаквоста во општеството и здравјето

Најизложени на опасностите од загадената животна средина се социјално најизложените групи во општеството. На макро ниво тоа станува јасно со еден поглед на мапата на загадувањето во Европа. Ситуацијата е значително подобра во побогатите отколку во посиромашните земји на континентот. Истиот образец се покажува и на микро ниво во одредени земји. Притоа со набројаните проблеми особено се загрозени постарите и децата. Во една паневропска група за присутноста на штетните состојки во животната средина - штетни хемикалии се пронајдени во урината кај 90 проценти жени и деца! Изложеноста на загаден воздух, врева, греење на сурови горива (наспроти греењето на одржливи извори на енергија) и слично, зависи од тоа каде живееме, каде одиме на училиште, каде се занимаваме со земјоделство, каде одиме на работа. Сите овие се социоекономски прашања кои се неодвоиви од темата за загадување на околината и влијанието на здравјето. Затоа, Европската агенција за животна средина особено предупредува на социјалните аспекти на загадувањето и нагласуваат дека малиот број опции кои ни стојат на располагање за почеток на решавањето на овие прашања, никако не смеат да станат оправдување за недејствувањето.

Како решенија секако се нудат „зелени опции“ - од наједноставните - одржување, заштита и садење нови паркови и шуми во урбаните области, до заштита на морињата во крајбрежните области. Заштита на биодиверзитетот, еколошкиот транспорт и други идеи кои ни се добро познати. Квалитетното природно опкружување поттикнува и на физичка активност, опуштање и регенерација, а ѝ помага и на социјална кохезија (како што, на пример, може да се види од примерот со општествените движења кои се изродија од потребата за заштита на парковите, реките, шумите итн.) Престојот во зелен појас поттикнува подобро функционирање на имунолошкиот систем, менталното здравје и когнитивните функции, намалување на смртноста кај новороденчињата и најпосле - генерално - намален број на предвремена смртност.

Доказите за позитивното влијание на природата врз човекот, ЕЕА ги објаснува на 50-тина страници од истражувањето кое овде го прикажуваме накратко. Ако разбирате англиски јазик, истражувањето може да го прочитате тука. А ако не, тогаш зависите од вакви и подобри новинарски текстови, зашто преводи на научни истражувања нема. Заради таквиот недостаток на точни информации, наместо разбирање на околината во која живееме, почнуваме да им веруваме на секакви естрадници и верски фундаменталисти, развиваме теории на заговор за вакцините и телеком мрежите, а наскоро веројатно и за електромагнетните влијанија. На последните десетина страници од своето истражување ЕЕА наведува можни конкретни потези за остварување на целите, но тогаш, впрочем, почнуваат политичките прашања, па Агенцијата за животна средина ја губи моќта. Впрочем, инструментите за остварување подобар живот и поздрава животна средина не се непознати, нема потреба да се осмислуваат некои радикално нови решенија кои бараат технологија што ја немаме, а онаа што е во развој, уште долго нема да биде комерцијално достапна. Затоа, како што суптилно се провлекува низ ова, но и сите други истражувања објавени на темата за климатските промени во последните Икс години, впрочем, потребна ни е промена на општествената парадигма. А за да го оствариме тоа треба сите да имаме точни информации, а не одговорите на суштинските општествени проблеми да ги бараме во теориите на заговор. И во тој контекст проблемот е голем, зашто најшироко достапните информации не се доволно добро обработени, тие на јавноста не ѝ нудат увид во целокупниот причинско-последичен след, а недостатокот на таков увид резултира со теории на заговор. Затоа е тешко да се очекува дека состојбата на нашата животна средина ќе се поправи, сѐ додека нејзиното прекумерно искористување е економски исплатливо. А исплатливо е сѐ додека не се смета вистинската цена на тоа искористување. Вистинската цена не се смета зашто како што веќе рековме, сето ова не ѝ е транспарентно на јавноста.

Фотографии: Scott Kooken

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото