1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
Ако му речете на г. Бојко Борисов кој, во Меморандум до ЕУ, заедно со неговата влада тврди (врз основа на научни „ислдвана“ на „български езиковеди, разбира се“) дека бугарска нација постои не порано од почетокот на март 1871 (тогаш Али-паша го објави царскиот ферман за самостојна бугарска црква – Егзархија), бидете сигурни дека очи ќе ви извади.
Ако му речете, потоа, дека тоа не го тврдите вие, туку никој друг ами велеучениот Симиот Радев, „блестящ“ историограф од Ресен, како што со полно право го нарекува еден не помалку „блестящ литературовед“, Михаил Арнаудов (неговите родители се по потекло од Тетово), може да бидете сигурeн дека ќе ви извади грклан со два прста.
Ако му го речете сето тоа, како и еден куп други работи кои нема да му ги речете не само од пристојност, не само од страв дека, навистина, тој може да спушти рампа на патот на Македонија кон ЕУ (како што постојано се заканува „безапелацинно“ Каракачанов, министр на војската во неговата влада), ако, најпосле, му речете дека тоа не е ваша логика, дека вие само ја следите логиката на актуелната „българска политика и езикознание“ кои, црно на бело, а во Меморандум до ЕУ, тврдат дека македонски јазик и нација постојат не порано од мај 1945 (тогаш е кодификуван македонскиот литературен јазик), бидете сигурен дека тој ќе ви врати: вие сте уште еден „дебелоглав Македонец, родоотстъпник и апатрид, който е забравил че е превъсходен българин!“ Зошто така ќе ви одговорaт г. Б. Борисов, неговата владa и неговите учени „езиководи“ кои ја следат верно, од март 1871 па до ден-денешен, доктрината на д-р Стојан Чомаков, во тоа време угледен и висок функционер во турската администрација со „неимоверни“ заслуги за бугарската „самостоятелна црква“ — Егзархија?
Кога зборува за тие работи учениот Симеон Радев од Ресен, „блестящт“ историограф и татко на бугарската дипломатија, а зборува во неговата учена книга “Македонија и бугарската преродба“ (Macédoine et le renaicence bulgaire, 1918), тој вели дека творец на бугарската нација бил великиот везир Али-паша кој „неочекувано“ го потпишал царскиот ферман за самостојна бугарска црква, а не гроф Игнатиев, во тоа време руски амбасадор во Истамбул. Вели, уште, во својата учена книга Симеон Радев од Ресен, дека тој д-р С. Чомаков се залагал за некоја автономија на Бугарија во рамките на Отоманското царство зашто многу се плашел да не потоне Бугарија во големото словенско море.
Каква врска имаат со сето тоа првиот човек на ВМРО Г. Делчев, и првиот човек на македонската наука за јазикот и уметничка литература Б. Конески? Делчев беше прво анархист, потоа социјалист и најпосле „националист“ кој мислеше дека прво треба да се ослободат Македонците (заедно со угнетените Турци во Македонија) од апсолутизмот на Отоманската империја, а дури потоа да се решава прашањето за јазикот.
Токму затоа Конески, во својот обемен предговор кон својата Граматика на македонскиот јазик (1952) пишува дека, како кај Лозарите, така и кај идеолозите на ВМРО, прашањето за јазикот не било „доволно изјаснето“. Конески, од своја страна, во својата расправа „Охридската книжевна школа“, врз основа на истражувања на рускиот „езиковед“ Н. Дурново (учител на големиот лингвист Р. О. Јакобсон), идентификува и опишува некои разлики во јазикот на Охридската книжевна школа (Климент Охридски) и онаа во Преслав, културен центар на тогашната бугарска држава.
Сега сосем накусо: ако, на пример, владата на г. Зоран Заев ја прифати теоријата на г. Б. Борисов и на неговите учени „езиковеди“ дека македински јазик и нација постојат не порано од мај 1945, тогаш автоматски паѓа во вода и јазичката теорија на Конески кој ужива мошне голем углед не само во светот на славистиката, туку и во светот на американската („Граматиката“ на Хораст Лант) и западноеврпска лингвистика (Р.О. Јакобсон, А. Меје).
Ете зошто цел на сегашната бугарска политика и „езиковедение“ е не толку Гоце Делчев, колку Блаже Конески. Зашто токму тој, со неговата лингвистика и научни студии од 19 па сè до 9 век кои зборуваат за “пројави“ на разлики меѓу словенски Македонци и словенизирани Бугари (за тоа зборува и Симеон Радев во спомнатата книга), е трн во око на доктрина која бара некој бугарски „национален континуитет“ од 1871 па сè до св. Кирил и Методиј, св. Кли-мент Охридски и св. Константин Преславски. Ете и зошто сегашните Бугари не признаваат некој „старословенски“ туку само „старобългарски език.“
Да, ние имаме проблем со нашиот национален идентитет (а кој, помалку или повеќе, нема?!), но таков, дури и поголем, имаат и наштите „братя българи“.
Слики: Tom Seidmann Freud - Зајачката книга (Buch Der Hasengeschichten)
Извор на текстот: Либертас