Филмови за Њу Ордер, Антон Корбејн и џез вечер на шестото издание на Синема Сити

18.09.2020 11:05
Филмови за Њу Ордер, Антон Корбејн и џез вечер на шестото издание на Синема Сити

Утре (сабота, на 19 септември), во летното кино на Кинотека на С. Македонија, ќе започне првиот дел од шестото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема сити“ каде премиерно ќе бидат прикажани 4 филмови, тематски поделени во два дела.

Фестивалот ќе се отвори со филмот „Декади“ на режисерот Мајк Кристи за бендот „Њу Ордер“ кои се музичари во фокус на фестивалот. Филмот е приказ на нивниот проект со Интернационалниот фестивал во Манчестер, каде се случуваат уметнички инсталации и проекти и филмот е истовремено полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серија настапи по европските градови.

Истата вечер, ќе биде прикажан филмот „Изнесено на виделина“ за познатиот уметнички фотограф и режисер Антон Корбејн. Филмот е биографски и го следи како соработува на фотосесии со бендови како U2, Depeche Mode, или на сцена додека ги режира филмовите како „Контрола“ и „Американецот.“

Втората вечер, на 20 септември, е џез вечер и ќе бидат прикажани филмовите за Ли Морган „Го викав Морган“ и „Бил Фрисел: Портрет“. Ли Морган бил еден од најталентираните џез трубачи со блескава кариера и џез изданија кои се сметаат за антологиски. Меѓутоа неговата кариера била запрена кога бил убиен од сопругата. Ова е емотивен филм за како една блескава кариера дошла до својот крај и луѓето кои биле инволвирани во оваа приказна.

Бил Фрисел е еден од најпознатите и најпочитувани џез гитаристи. Овој интимен портрет на режисерката Ема Франц е сниман неколку години додека Фрисел работел на неколку различни проекти. Овој повеќекратен добитник на наградата Греми и редовен добитник на наградата „Гитарист на годината“ кој го доделува џез часописот Downbeat, се смета за најиновативниот и највлијателен американски џез гитарист во последните 4 декади.

Помеѓу овие два филма ќе следи настап на реномираниот џез гитарист Сашо Поповски. Поповски е професор по гитара на унив. Гоце Делчев – Штип, директор на Jazz Factory фестивалот во Битола, а наскоро треба премиерно да го објави својот нов албум „Fallen Land” за етикетата на Скопскиот Џез Фестивал.

Карти за проекциите ќе можат исклучиво да се набават на касата на Кинотека. Фестивалот е организиран согласно здравствените протоколи.

Вториот дел од фестивалот ќе се организира на 2 и 3 октомври.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје во соработка со Кинотека на С. Македонија, и е помогнат од Агенцијата за филм на РСМ.

 

Слични содржини

Култура / Уметност / Музика
Европа / Балкан / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото