Астрономи пронајдоа индиции за живот на Венера

18.09.2020 12:18
Астрономи пронајдоа индиции за живот на Венера

Два телескопи во Хаваи и Чиле забележале хемиски траги од фосфин во густите облаци на Венера. Овој отровен гас на Земјата се поврзува со живот, се наведува во студијата објавена денеска во журналот Астрономија на природата.

Неколку надворешни експерти, како и авторите на студијата, се согласуваат дека е ветувачки, но не и прв доказ за живот на друга планета. Тие велат дека откритието засега не го задоволува принципот на „извонредни тврдења бараат извонредни докази“ кој го постави Карл Саган, кој и самиот шпекулираше дека е можно да има живот во облаците на Венера во 1967 година.

„Ова не е клучен доказ“, вели ко-авторот на студијата, астрофизичарот Дејвид Клементс. „Дури не е ниту остаток од барут на рацете на главниот осомничен, но има нешто во воздухот што може да сугерира нешто“.

Во потрагата на астрономите по живот на другите планети надвор од Сончевиот систем, главниот метод се состои во барање на хемиски траги кои можат да настанат само како резултат на биолошки процеси. Тројца астрономи во Хаваи одлучиле да бараат такви траги на најблиската планета на Земјата - Венера. Тие барале траги на фосфин и ги пронашле.

На Земјата, фосфинот се формира само на два начина. Првиот е индустриски процес. Гасот бил произведуван како хемиско оружје во Првата светска војна. Вториот начин е природен, и потекнува од некои животни и микроби. Може да се најде како остаток на дното на некои мочуришта, во цревата на некои животни, како и во изметот на пингвини.
Ко-авторката на студијата, планетарниот научник Сара Сигер вели дека биле разгледани сите алтернативи за фосфинот и сите биле отфрлени: вулкани, мали метеорити, удари на молњи...

„Ниту еден од тие процеси не е во можност да произведен толкави количини на фосфин за да го објасни пронајдокот“, вели Сигер.

Астрономите велат дека не е можно да има живот на површината на Венера, затоа што просечната температура е околу 425 степени Целзиусови. Но, во атмосферата над површината, приказната е поинаква.

На околу 50 километри над површината на Венера се наоѓа густа прекривка од облаци, каде температурата е на ниво на собна температура.

Фосфинот би можел да потекнува од некаков вид микроби, веројатно едно-келијни, сместени во капки сулфурна киселина, кои го минуваат сиот живот во тие облаци кои се длабоки 15 километри.

Животот е дефинитивно можен, но потребни се повеќе докази, велат други научници.

Астрономот Лиза Калтенегер вели дека идејата дека можеби сведочиме на биолошки процес е возбудлива, но вели дека не се знае доволно за Венера за да може да се каже оти животот е единственото објаснување за присуството на фосфинот.

Дејвид Гринспун, астробиолог чија книга од 1997 книга сугерираше дека можеби има живот на Венера вели дека откритието се чини „премногу добро за да биде вистинито“.

„Возбуден сум, но и претпазлив. Пронајдовме охрабрувачки сигнал, но сега треба да продолжиме“, вели тој.

Ко-авторот на студијата Клеменс вели дека главата му вели дека „веројатно има 10 отсто шанса дека се работи за живот“, но срцето му вели „дека сака шансата да биде многу поголема затоа што тоа би било многу возбудливо“.

Извор: Дојче веле