Игор Исаковски - педесетти роденден

19.09.2020 14:32
Игор Исаковски - педесетти роденден

МИЛО СОНЦЕ

мило сонце,
ќе ме затечеш пак тука
меѓу пијаници, клошари
и пропаднати коцкари
пак ќе ме огрееш
божествено рамнодушно
полно себе, полно светлина
која убива во поим
мило сонце, ќе ме затечеш
меѓу тетки и малолетнички
никаде ја нема жена ми
(можеби зашто спие со нашите деца...)
пак ќе ме огрееш
болно до непрепознавање
како лик разурнат
во парчиња огледало

На денешен ден, 1970 година во Скопје е роден големиот, современ поет, прозаист, преведувач и уредник, Игор Исаковски.

Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Беѓе докторанд на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје. Бил уредник во неколку книжевни списанија. Основач е на Културна установа Блесок, каде што од 1998 година работи како главен и одговорен уредник.

Ги објавил романите: Писма; Пливање во прашина (за кој ја доби наградата Прозни мајстори, 2005): книгите раскази: Експлозии, трудна месечина, ерупции..., Песочен часовник, Гравири – Blues говорница и Blues говорница II (награда за најдобар визуелно-графички дизајн на печатена книга, 2007); поетските книги: Црно сонце; Вулкан – Земја – Небо; Длабоко во дупката; Стажирајќи за светец; Ноќта е најтемна пред разденување (награда на 4. Белградски фестивал на поезија и книга); Љубовна поезија; Смртта има коса од морска трева - објавена минатата година.

Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји, а самиот преведувал поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се шеесет книги. Уредил и четири антологии и два ЦД-РОМ-а. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото