13-годишната Рут Бејдер Гинсбург околу предрасудите и петте документи што го оформиле човешвото

20.09.2020 23:24
13-годишната Рут Бејдер Гинсбург околу предрасудите, лекот против нив и петте документи што го оформиле човешвото

„Општеството ја откри дискриминацијата како големото општествено оружје со кое човек може да убива луѓе без крвопролевање“, напиша Хана Арент во 1940-ите борејќи се со Еврејството, имигрантскиот идентитет и потребата за припаѓање. Истовремено едно младо девојче што ќе израсне во жена со огромно влијание по политичката мисла и напредокот на правдата се зафаќала со темата на предрасудите, лекот против нив и со столбовите на човековото достоинство - во нејзиниот школски весник, каде била уредница.

Рут Бејдер Гинсбург (15 март 1933 – 18 септември 2020) едвај била премината од дете во тинејџерка кога гледала како нејзиниот најголем идол, Елеонор Рузвелт, била назначена за раководител на нововоспоставената Комисија за човекови права на Обединетите нации.

Не може да се прецени разбиструвањето на душата и огромниот наплив на инспириран идеализам што големите идоли го побудуваат кај младите луѓе. Во време кога светот се соочувал со смеша на жал и срам опоравувајќи се од најнечовечката војна, тринаесетгодишната идна судијка на Врховниот суд го избрала храбриот идеализам пред кукавичлукот на цинизмот, размислувајќи за патот на човештвото кон побезбеден, поразумен, поеднаков свет во нејзиниот текст во школскиот весник во јуни 1946 година, објавен со поднасловот „Рут Бејдер, клас 8Б1“.

Рут Бејдер како дете

Размислувајќи за „четирите важни документи“ што го оформиле светот од неговите почетоци – „важни поради сите користи за човештвото како резултат на нивните софистицирани идеали и принципи“: Десетте Божји заповеди, Магна Карта, Повелбата за правата од 1689 и Американската декларација за независност – младата Рут пишува:

„Сега имаме и петти важен документ, Повелбата на Обединетите нации. Нејзината цел и принципи се да ги одржи меѓународниот мир и безбедност, да практикува толеранција и да потиснува какви било акти на агресија или други повреди на мирот.

Витално е мирот да биде осигуран, бидејќи сега постои оружје што може да го уништи светот. Ние, децата кои сме дел од ерата на јавното образование, можеме да направиме многу за унапредување на мирот. Мораме да се обидеме да се обучиме себе и останатите околу нас да живееме заедно и еден со друг како добри соседи бидејќи оваа идеја е отелотворена во важната нова Повелба на Обединетите нации. Тоа е единствениот начин да се заштити светот од идни војни и да се одржи траен мир.“

Подоцна истиот месец, додека Хана Арент ги истражувала последиците од Холокаустот и ги креирала своите пресвртни идеи, Рут ја поземала темата во уште еден текст, насловен „Еден народ“, објавен во изданието на нејзината синагога:

„Војната остави крвава трага и многу длабоки рани кои не зацелуваат лесно. Многу луѓе останаа со лузни кои долго ќе се гледаат. Никогаш не смееме да ги заборавиме ужасите на кои нашите браќа беа подложени во нацистичките концентрациони логори. Потоа, мора да се трудиме да разбереме дека за праведните луѓе омразата и предрасудите не се ниту добра занимација ниту соодветни придружници. Рабинот Алфред Бетлехем еднаш рече: ‘Предрасудите ни го штедат времето за мислење’.“

Рефлектирајќи ја опомената на Бертранд Расел дека „дури и најобичните меѓу нас може еден ден да станат малцинство и затоа сите имаме интерес да ја ограничиме тиранијата на мнозинството“, таа додава:

„Никој не е слободен од опасност и уништување додека многуте скинати нишки на цивилизацијата не се врзат повторно заедно. Не можеме да се чувствуваме сигурни сѐ додека секоја нација, без разлика на наоружувањето или моќта, не се обедини во добра волја. Може да постои среќен свет и ќе постои повторно, кога луѓето ќе создадат силна врска еден со друг, врска нескршлива од предрасуди и минливи околности.“

Насловна слика: Тед Ејтан
Извор:
Brain Pickings

 

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Свет / Историја
Општество / Свет / Историја
Општество / Европа / Свет / Историја
Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото