Не постојат неквалификувани работни места

21.09.2020 00:07
Не постојат неквалификувани работни места

Во САД не би можеле ни да се избројат сите оние кои својот работен век го започнале во Мекдоналдс. Овој ланец трипати го отпуштил пејачот Фарел Вилијамс, а глумецот Џејмс Франко, кој во младоста бил вработен во оваа фирма, во 2005 година со занес зборуваше: „Едно е сигурно, а тоа е дека Мекдоналдс за мене секогаш беше тука кога и да беше потребно1“. Според зборовите на Пол Рајан, некогашен републикански претседател на претставничкиот дом, печењето хамбургери за оваа мултинационална компанија едноставно му овозможило подобро да го сфати американскиот сон. „Кога работиш за Мекдоналдс забавно е токму тоа што мошне брзо можеш да научиш да работиш сѐ“, се присетува и Џеф Безос, сопственикот на Амазон. „Видов колку јајца можете да скршите за одредено време а да не испуштите ниедна лушпа2“. Тоа било на почетокот од идната кариера на господинот Безос: имено, овој милијардер оптимизацијата на работните перформанси на своите вработени кои ги третира како робови ја направи заштитен знак на деловната стратегија на претпријатието. Во моментов за Амазон работат речиси 800 000 луѓе ширум светот, главно на работни места кои се подеднакво монотони каква што била и првата „работа“ на истоимениот: подготвување нарачки во дистрибутивните центри за тие да им бидат испратени на купувачите.

Продавачите, касиерите, келнерите, доставувачите... сите овие професии се меѓу најраспространетите во САД. Ниско платени, сведувајќи се на работа која се повторува постојано, овие работни места нудат слаби шанси за иднината. Овие занимања спаѓаат во категоријата „неквалификувани работни места“, што често е погрешен израз. Оваа статистичка категорија ги означува работните места кои бараат само основна обука за која не е потребна никаква диплома, што во 2018 година според Бирото за статистика на трудот, опфаќаше значајни 31 процент од американските работници.

Сепак, секој што имал искуство со нив може да потврди дека: овие „работички“ впрочем бараат голема стручност. Послужување во ресторан, јавување на телефон, сортирање предмети, лупење зеленчук, наплатување на каса... сето тоа бара способност, сила, памтење, издржливост, вештини во воспоставувањето меѓучовечки односи. „Неквалификуваната работа“ впрочем е подеднакво разновидна како и вештините кои се потребни за добро да се извршува, а кои често се стекнуваат на работното место. „Со ставањето чинии на подлактицата или меѓу прстите, вештиот келнер може да ја испразни масата одеднаш, наместо да оди двапати“, објаснува Британи Бронсон, која работи како келнерка во еден ресторан и хонорарно како професорка на Универзитетот во Невада. „Изразите ’неквалификувани’ и ’ниско квалификувани’ се спротивни на вниманието и прецизноста со кои моите колеги ја извршуваат својата улога, без оглед на нивото на нивната диплома или познавањето јазици3“.

Додека неквалификуваните занимања бараат вештини, со „менаџерите“ кои управуваат со нив нештата се поинакви. Кога зборуваме за „роботите кои ни ги крадат работните места“, ретко мислиме на автоматизацијата на управувањето, феномен кој е мошне реален. Да размислиме за распоредот на работните места кои мора да се извршуваат навреме во склад со ритамот кој го одредува компјутер и кој им е наметнат на работниците со ниски приходи. Според еден извештај на БЛС, во периодот 2017-2018 година, 31 процент од вработените постари од 25 години кои биле на работни места за неквалификувани работи биле известени за својот работен распоред помалку од една недела однапред, во споредба со 14 проценти од вработените кои имале диплома барем од средно училиште4. Соочени со овој вид несигурност работниците мораат да се натпреваруваат во организацијата и досетливоста за да го усогласат својот приватен живот со работата. Исто така, во кол центрите каде вработените сѐ повеќе и повеќе се подложуваат на алгоритамски анализи засновани на препознавање гласови, нивниот начин на обраќање и ефикасноста ги надгледува црна кутија. Потребно е да поседувате многу вештини за и покрај кратките рокови и строгите правила на однесување, да изгледате енергично и сочувствително, особено кога ќе се соочите со напорна личност.

Постоењето на категоријата „неквалификувана работа“ делумно може да се објасни со застарената номенклатура која е наследена од историјата. Меѓутоа, како што истакнува Џош Кулинан, секретар на австралискиот синдикат на вработените во продажбата на брза храна, денешните работници не можат да се споредат со своите претходници. Личноста која денес работи според драјв моделот за продажба на брза храна (продажба која овозможува купување од автомобил) сега мора да извршува неколку задачи истовремено. Таа ја прима нарачката од купувачот преку слушалка предавајќи ја истовремено на програмата која ја пренесува во кујна, ги собира кесите со храна за да им ги предаде на другите купувачи, врши наплата преку електронски терминали и сето тоа го прави за мошне кратко време, секогаш со насмевка и покрај тоа што нејзините работни денови траат долго и ја исцрпуваат и физички и психички.

Меѓутоа, прашањето за вештините кои ги бараат овие неквалификувани работни места не би требало да ја прикрие вистинската состојба на нештата кои не можат да се негираат: во последните триесет години на овие активности во голем дел намерно им се одзема стручноста. Задачите се делат, се раситнуваат за да можат да се извршат со бескрајно повторување на исти активности, што ги прави уште позаморни. Новинарката Емили Гунделсбергер тоа детално го опиша во својата најнова книга, On The Clock5, која е плод на многу искуства во извршувањето слабо платени неквалификувани работни места, особено во Амазон, Мекдоналдс и во кол центрите. Според нејзините зборови, местото на работникот за логистички работи во складиштата на Амазон е совршен пример на волјата за деквалификација. Секоја задача на работникот во складиштето му ја задава читачот на бар кодови кој пружа строги упатства и го одобрува прецизно одреденото време за извршување изразено во секунди кои се одбројуваат. Таа работа не е тешка сама по себе, но создава толкав стрес и болка што новинарката морала да зема лекови за ублажување на болки. „Одбројување, автоматски казни, сите овие мерки постојат за да се намали неефикасноста на работниците, за тие да станат послични на робот.“ По примерот на индустриската револуција, дигиталната револуција кон луѓето се однесува како кон обични средства за прозиводство, лишени од хуманост.

Колку повеќе работниците наликуваат на автомати, толку е полесно да се „заменат“ во економска смисла на зборот. „Колку повеќе ќе деквалификувате некое работно место, толку помали ќе бидат трошоците за обнова на персоналот, додава Емили Гунделсбергер. „Кога се прават пресметки, поевтино е да се создава постојан прилив на неквалификувани работници отколку работниците да се поттикнуваат да останат и да им се овозможи да станат поискусни или да ја зголемат својата заработка.“ Тоа што Безос неодамна ги зголеми минималните заработки на своите вработени во Америка на 15 долари на час, е само исклучок кој го потврдува правилото и таа одлука помалку е израз на добронамерност, а повеќе претставува прилагодување на тензиите на пазарот на трудот6.

Меѓутоа, работата која бара повторување на сите активности не е привилегија исклучиво на оние со ниски надници. На пример, врвните спортисти во текот на целата своја кариера повторуваат исти движења со цел да развијат одредена група вештини, но нивните напори донесуваат општествено признание кое ја надоместува таа монотонија. Во Болеро на Морис Равел, перкусионистот во петнаесет минути мора да го повторува славното остинато, што во најголема мера е репетитивна задача која не е помалку наградена ако се има предвид воодушевувањето што го предизвикува. Дури и таканаречените квалификувани работни места, како што се оние што ги извршуваат инженерите, сметководителите, банкарите и понекогаш некои занимања во здравството, сѐ повеќе се потпираат на употребата на технолошките системи кои ги модификуваат или намалуваат вештините и знаењата неопходни за нивно извршување. Меѓутоа, тие занимања и натаму се релативно добро платени и почитувани, додека упорно се користи аргументот за репетитивната природа на некои работни места со цел да се оправда нискиот надомест кој се исплатува за нив.

Неспорно е дека без работата што ја извршуваат овие милиони, наводно неквалификувани работници, општеството би престанало да функционира. Синдикатите на градежните работници веќе одамна го користат „Ние го изградивме овој град“. Новинарката Барбара Еренрајх неодамна спомена еден свој пријател, по професија возач на камион, „кој сакал да истакнува дека сѐ што е купено во супермаркет таму стигнало со камион“. „Ништо не функционира без луѓето како мене“, објаснувал тој7. Таквото размислување се однесува и на луѓето кои доставуваат стока, на оние кои работат на благајна, келнерите, работниците во прехранбената индустрија, итн. Луѓето кои ги полнат полиците во супермаркетите, кои ни овозможуваат да јадеме или да се облекуваме, се од суштинско значење за нашиот опстанок. „Ние ве храниме“, се вели во слоганот на австралискиот синдикат на земјоделските работници. Бројни неквалификувани работи без сомнеж се досадни, болни, непријатни, но сигурно не се „посрани работни места“.

За да се направи пресврт во општествената хиерархија и на врвот да се постават оние кои вистински придонесуваат во општеството, работниците ќе мора да се организираат. Искуството на еден американски телефонски консултант е мошне поучно. Во неговиот центар за прием на повици претставниците на синдикатите безуспешно се обидувале да се мобилизираат по бројни прашања. Но едно особено интересно барање послужило како катализатор. Во тој центар, специјализиран за анкети, телефонските повици ги извршувал автомат. Помеѓу два повици работниците на располагање имале кратко време, кое еден вработен сакал да го посвети на читање. Надредената веднаш барала да ја остави книгата, а потоа го отпуштила. Но неговото барање станало двигател на отпорот. Неговите колеги стапиле во штрајк и на крајот успеале да се изборат за правото да читаат и отпуштениот работник да се врати на работа.

Безос своето младешко искуство како неквалификуван работник го искористи за да создаде царство на бедата, кое искористува армија неквалификувани работници. Можеби дојде време да биде натеран да ги слуша и почитува своите вработени.

Лизи О’Шеј е адвокатка. Таа е авторка на книгата Future Histories: What Ada Lovelace, Tom Paine and the Paris Commune Can Teach Us About Digital Technology.

(1) Џејмс Франко, „McDonald's was there for me when no one else was“, The Washington Post, 7 мај 2015.
(2) Чарлс Фишман, „Face time with Jeff Bezos“, 31 јануари 2001, www.fastcompany.com
(3) Британи Бронсон, „Do we value low-skilled work?“, The New York Times, 1 октомври 2015.
(4) „Economic news release“, Bureau des statistiques du travail, 24 септември 2019. www.bis.gov.
(5) Емили Гунделсбергер, On the Clock: What Low-Wage Work Did to Me and How it Drives America Insane, Little, Brown and Company, Бостон, 2019.
(6) „Amazon raises minimum wage to $15 for all US employees“, 2 октомври 2018, www.cnbc.com
(7) „On the origins of the professional-managerial class: An interview with Barbara Ehrenreich“, Dissent, Њујорк, 22 октомври 2019, www.dissentmagazine.org

Слики: Ramiro Gomez

Извор: Le Monde diplomatique

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото