1023 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 10:41
Февруари. Во Горни град, во Загреб, снегот со сета сила се бори против пролетта и повторното раѓање. Годината е 1965-та и улицата Фројденрајхова е тивка и празна. На предната страна на зградата со број три, во поткровјето блеска еден прозорец. Гласовите се пригушени и не се слушаат. Низ стаклото се наѕираат фигури на луѓе во необична положба. Еден седи со грбот свртен кон останатите четворица. Тие гледаат преку неговото рамо. Пред нив има штафелај. И платно. И бои кои се разлеваат во облици кои само навидум личат на своите отелотворувања во стварноста.
Малата искривеност, како исчашен зглоб, сјаје од секој потег на четката со која управува шеесетгодишен старец. Челото и мустаќите му се намргодени. Не и очите. Но тоа неговите набљудувачи не можат да го видат. Внатре владее неред. На ѕидовите се потпрени платна исликани од двете страни. Парчиња ткаенина, картони, крпите и ѕидовите се исшарани. Дури ни книгите не успеале да избегнат да бидат променети. Препознатливата техника се вовлекла помеѓу кориците, на некои од страниците кои веројатно заслужуваат да бидат пресликани. Во воздухот се чувствува мирис на бои и тежина на непријатноста. Се слуша дишење и чекорење.
По неколку часови, тие стануваат. Навидум задоволни. Четворицата сериозно кимаат со главите. Старецот огорчено ги испраќа. Останува само со своите дела. Своите дела. На сликата чиешто создавање беше исфлекано со погледите ѝ додаде уште еден детал. Пет букви. Илија.
Животот почнува во шеесеттата
Заклучокот што лесно го донесуваме од искуството кое ни го нуди историјата со своите факти засновани врз бројки е впечатлив и поразителен. Кој сака да се занимава со уметност мора својата дарба да ја почувствува уште во најраното детство. Пикасо цртал по ѕидовите на куќата уште на тригодишна возраст. Големите ѕвезди на рокенролот, Џим Морисон, Џенис Џоплин, Курт Кобејн и Џими Хендрикс, своите кариери ги довеле до врвот пред смртта која ги дочекала во 27-та година од животот. Моцарт уште бил момче кога бил признаен како пијанист и композитор во подем. Се разбира, постојат и исклучоци како Гоја, кој почнал да слика дури во четвртата деценија од животот, но тие се ретки. Талентот, велат познавачите, мора да се негува. Да се развива и обработува, да се усовршува.
А што би му кажале познавачите и историјата на шеесетгодишен земјоделец кој би изразил желба да се фати за палета и четка? Веројатно истото што го кажал и неговиот син пред првиот пат кога се обидел да го обесхрабри. Пред неговото име – Илија Башичевиќ Босиљ да стане едно од најбараните во светот во областа на наивното сликарство. Мора да признаеме дека кога станува збор за уметноста – историјата нема поим.
Сè до 1957 година, Илија Башичевиќ бил земјоделец со четири одделенија основно училиште. Надвор од Шид и неколку околни села никој немал слушнато за него, ниту пак му паѓало на памет дека неговото име би можело нешто да значи надвор од кругот луѓе кои секојдневно ги среќавал. И тогаш го изгубил она што го чинело земјоделец. Му била одземена земјата. Во тогашна Југославија, на 28 март, 1957 година, стапил на сила новиот закон за експропријација и Илија Башќевиќ морал да го даде својот имот на власта. Во обид еланот да го пренасочи во некој нов потфат, на ужас на неговиот син Димитрије, почнал да слика.
Димитрије Башичевиќ во тоа време бил почитуван историчар на уметноста, ценет во Белград и Загреб. Кога ги видел сликарските обиди на неговиот татко му ги искинал сите дела со желба да го обесхрабри. Но тоа не му успеало. Илија продолжил да слика. Поразен од упорноста на старецот, Димитрије почнал да го охрабрува и да се задлабочува во делата на неговиот татко. Дури кога ги исчистил од себе наслагите на научениот поглед на сликарството, кои научил да ги носи како дел од своето битие, почнал да ја сфаќа големината на делото на Илија. Неговиот татко успевал, делумно благодарение и на својата неукост, да го постигне она што великаните на светското сликарство ги поставило на пиедестал. Целосно оригинален пристап и изведба. Желба на секој уметник. Автентичност.
Аферата Босиљ
Галеријата „Рад“ во Белград, прва ги понудила своите ѕидови за делата на Илија Башичевиќ. Сликите биле изложени, но името на авторот било скриено. Димитрије се плашел од реакциите и сомнежот на јавноста. Кога изложбата поминала далеку подобро од очекувањата, почнало нагаѓањето за идентитетот на авторот. Најчесто прстот се вперувал кон Димитрије и неговиот брат. Се нагаѓало дека делата се плод на нивната даровитост. За да конечно докажат дека тие не се авторите, браќата го откриваат својот татко Илија. Тој факт јавноста го прифаќа со резерва.
Илија Башичевиќ продолжува да изложува. Како заштитен знак го зема прекарот Босиљ. Отакако неговите дела постигнуваат уште поголем успех и воодушевување, црвот на сомнението продолжува да ги поткопува и онака климавите односи расклимани од суетата. Првиот глас го пушта славниот хрватски сликар Крсто Хегедушиќ. Во белградскиот весник „Политика Експрес“ неговите зборови биле објавени за јавноста да суди за нив. „Се сомневам дека Босиљ е авторот“. Оваа изјава покренува стампедо кое со залет добива облик и сила, а со тоа го заслужува и името: „Аферата Босиљ“. Оваа несекојдневна хајка достигнува врв во текот на изложбата на Илија во Загреб.
На уметникот му било поставено нечуено барање. Комисијата на просветно – културното собрание на градот Загреб го повикува Илија, пред посебно избрани сведоци, да ја докаже „автентичноста на неговиот творечки чин“. Како сведоци биле повикани познати хрватски уметници и предводници на тогашната авангарда, Матко Мештровиќ, Зденко Мунк, Радослав Путар и Вјенцеслав Рихтер. Тие се оградиле од таквиот начин на испитување, сметајќи го за срамен, но ја прифатиле поканата за да побрзо се смири целата ујдурма и во фокусот на јавноста да се врати тоа што е најважно – самата уметност.
На 18 февруари, 1965 година во Загреб, во станот на Димитрије Башичевиќ во улицата Фројденрајхова број 3, четричлена комисија го гледала Илија како создава уметничко дело. Едногласно ја потврдиле автентичноста и стопостотното авторство на претходно насликаните дела. На Илија и на семејството им олеснило, но ова ги засрамило сите оние што се сомневале.
Во подножјето на Карпатите
Аферата Босиљ имала двојно влијание врз животот на семејството Башичевиќ. Димтрије Башичевиќ бил свесен дека народот сака да ја памети туѓата несреќа и дека порадо во сеќавањето ги чува лошите впечатоци отколку достигнувањата. Иако бил отстранет сомнежот дека тој и неговиот татко се обиделе да ја измамат уметничката јавност, Димитрије почнува да создава под уметнички псевдоним Мангелос, кој подоцна и сè до денес станува и останува познат во светот. Од друга страна, на творештвото на Илија му годи свечената популарност. Освен во Југославија, неговите дела ги обиколуваа Џенова, Франкфурт, Токио, Дортмунд, Базел, Мексико сити, Њујорк, Минхен, Амстердам, Милано, Венеција... И Илија го обиколува светот кој копнеел да го види, а единствениот неуспешен обид го опишал во својата биографија.
Кога почнала Првата светска војна, Илија имал 19 години и не служел војска. Но меѓу повиканите да одат на фронт бил неговиот постар брат и Илија, желен за патувања и авантури, се понудил тој да оди наместо брат му. Со себе понесол и две кобили, едната што ја откупила државата и втората што морал да ја поведе според барањето на властите. Се измолил да понесе и едно ждребе кое никако не сакало да се одвои од својата мајка. Со мислите во Карпатите, Илија стигнал до селото Кукујевци, во билизина на Шид, каде била станицата за проверка на коњите. Кога го виделе ждребето на Илија, му наредиле да го врати дома.
А бидејќи во домаќинството Башичевиќ имало тројца мажи, а ниеден не отишол во војна, стигнал нов повик. Била есен и на војската ѝ биле потребни волови да ги влечат топовите. Заминал братот на Илија, но набрзо испратил писмо во кое се жалел дека многу му недостасувааат децата. Илија тоа го видел како нова прилика, па заминал да го замени братот. Старешините немале ништо против. Само што слушнал неколку куршуми, братот се вратил дома. Но, кога се вратил морал принудно да работи за мала плата, а во војската се плаќало повеќе. Така Илија повторно се вратил не успевајќи да ги види Карпатите.
И третиот и четвриот обид не биле успешни. Војската сакала да ги намали трошоците, ги зела воловите, а цивилите ги вратила дома. Меѓу нив бил и братот на Илија. А бидејќи повторно биле семејство со тројца мажи, а без војници, воената полиција доаѓала да го исправи тоа што го гледала како неправда. Братот на Илија се обидел да побегне, но го стигнале, па Илија уште еднаш се понудил тој да оди. Војската немала ништо против сè додека не отишол на лекарски преглед каде се покажал отокот на вратот заради кој го вратиле дома. И така уште еднаш, воена полиција, бегство, замена, лекарски преглед, назад дома. Карпатите сè уште далеку.
Додека браќата Башичевиќ се мислеле, едниот како да ја избегне воената служба, а другиот како да го види светот, војната поминала, а тие останале во Шид.
Илијада
Иако не ги видел Карпатите, Илија од војната го понел искуството на однесување со луѓето, запознавајќи ги нивните многу лица. Така, во едно писмо до неговиот пријател и лекар, тој пишува:
„Во својот живот чував некои зборови, а запамтив дека човекот е шамија со две лица. Ете ти си учен човек па веројатно ќе разбереш зошто на моите слики луѓето имаат две лица. Ни животните не се без дволичност зашто и нив ги создал истиот Господ како и човекот според својот лик. Дали некогаш си видел во шумата како крволочно се ѕверат кога ги бранат младенчињата и убиваат сè живо околу себе. Често во животот сум се прашувал дали е навистина божја волја она што се случува без потреба па луѓето велат, ете, божја волја. Денес додуша модерно е да се кажува дека нема бог, меѓутоа кога луѓето би биле сосема сигурни во тоа, би биле уште полоши“.
И навистина, сликите на Илија се полни со необични суштества, понекогаш двоглави и летечки. Инспирација за делата наоѓал во Библијата, но и во митологијата, античката и словенската. Еден голем опус на неговите дела го нарекол Илијада, но не според епот на Хомер, туку според сопственото гледање на светот. Илијада всушност значи свет според Илија. Така и дошол до својот автентичен израз. Отфрлајќи ја научената слика на светот, се движи од нулта точката на гледање. Се поништуваат облиците и боите, како и законите на физиката или другите облици на стварноста што се подразбираат, постоењето никнува од самиот уметник, а според односот на елементите потсетува на светот кој сме научиле да го гледаме. Тој занес на оригиналноста кај Илија се преточувал и надвор од рамките на една слика, па често на едно платно цртал повеќе слики, или ги користел двете страни на платното, а сликал и на разни картони, ткаенини, па дури и на разни книги и на ѕидовите на својата куќа. Илијадата течела од Илија и го исполнувала светот од којшто настанала.
Илија во својот занес насликал неколку стотици слики. Стотина слики биле откупени од голема галерија за наивна уметност во Лозана при неговата прва изложба во странство. Освен фантастиката во спроведувањето на своите идеи, Илија се служел и со поп иконите на тоа време, па на една изложба во Швајцарија, Карло Понти се нашол лице в лице со сликата на својата сопруга, Софија Лорен. Се раскажува дека Понти сакал да ја откупи целата изложба, но бил од одбиен од таткото и синот Башичевиќ. Сликите на Илија се наоѓаат и во приватната збирка на семејството Рокфелер.
Богат со години, сиромав со здравје
Илија Башичевиќ Босиљ починал во 1972 година во Шид. Две години пред смртта со Општината Шид договорил отворање на Музеј на наивна уметност Илијанум”. Во 2007 година неговите дела биле изложени во светот заедно со сликите на големите мајстори како Пикасо, Кандински и Шиле, а истата година, лондонскиот „Raw Art Magazine“ го вброил муѓу педесет класици на арт брут движењето (пандан на наивната уметност). При покренувањето на иницијативата за основање на музеј во Шид, кај него имало мал одек на цинизам, затоа што гледал дека неговото дело повеќе било ценето во странство отколку дома. Затоа своите слики кои ги подарил на музејот и ги наменил за идните генерации ги испратил со зборовите: „Богат со години, а сиромав со здравје, со добра намера и желба со својот скромен прилог, колку толку да придонесам за културата на својот роден град, решив еден дел од резултатите на својата сликарска работа – 300 слики да ги предадам на мојата општина со надеж дека овие слики за Шид, неговата култура, било сега или за идните генерации имаат некаква вредност“.
Извор: politikin-zabavnik.co.rs