Пестицидите го забрзуваат ширењето смртоносни паразити

23.09.2020 00:12
Пестицидите го забрзуваат ширењето смртоносни паразити

Истражувањето објавено во списанието Lancet Planetary Health дојде до заклучок дека распространетата употреба на пестициди и други агрохемикалии може да ја забрза трансмисијата на исцрпувачката болест шистосомоза, истовремено нарушувајќи ја еколошката рамнотежа на водените средини која спречува инфекции.

Шистосомозата, позната и како полжавска треска или билхарциоза, е предизвикана од паразитските црви кои се развиваат и размножуваат во слатководните полжави и се пренесува преку контакт со заразената вода. Оваа зараза, која може да предизвика трајно оштетување на црниот дроб и бубрезите, погодува над 200 милиони луѓе годишно. Меѓу паразитските болести само маларијата е поштетна во поглед на глобалното влијание на човечкото здравје. Не постои вакцина за шистосомоза, а лекувањето често е неефикасно.

Според Светската здравствена организација, шистосомозата преовладува во тропските и субтропските области, особено во сиромашните заедници без пристап до вода безбедна за пиење и адекватни санитарни услови. Околу 90 проценти од оние на кои им е потребно лекување живеат во субсахарска Африка. Особено е распространета меѓу децата кои пливаат или си играат во заразена вода.

Кај жените кои ги извршуваат домашните работи како перење облека во заразена вода, може да дојде до развој на женска генитална шистосомоза, ризичен фактор за зараза со вирусот ХИВ.

Новото истражување, предводено од истражувачи и истражувачки од Беркли на Калифорнискиот универзитет, откри дека агрохемикалиите можат да ја зголемат трансмисијата на шистосомски црви на многу начини: со директно влијание на опстанокот на самиот паразит кој се пренесува преку вода, со истребување на водените предатори кои се хранат со полжави кои носат паразити, како и со промена на композицијата на алгите во вода, главниот извор на храна на овие полжави.

Кристофер Хувер од УЦ Беркли, водечкиот автор на истражувањето, вели:

„Познато ни е дека изградбата на брани и проширувањето на иригациските системи ја зголемува трансмисијата на шистосомозата во места каде што живеат луѓе со ниски примања зашто ги нарушува секојдневните екосистеми. Шокирани сме од јачината на доказите што ги откривме, а кои го поврзуваат јакнењето на трансмисијата на шистосомозата и со агрохемиското загадување.“

Овие сознанија се појавуваат во момент кога преку пандемијата со Ковид-19 се разоткрија врските помеѓу околината и заразните болести, која е предизвикана од новосоздаден патоген за кој се верува дека е поврзан со дивите животни.

Џастин Римејс од Школата за јавно здравје од УЦ Беркли вели:

Загадувачите на околината можат да ја зголемат нашата изложеност и подложност на заразни болести. Од диоксините кои го намалуваат отпорот на грипот, до загадувачите на воздухот кои ја зголемуваат смртноста од вирусот Ковид-19 и арсенот кој влијае на долниот респираторен систем и цревните инфекции - истражувањето покажа дека намалувањето на загадувањето на средината е важен начин за заштита на луѓето од заразни болести.“

Истражувачите утврдија дека дури и ниски концентрации на често користените пестициди - вклучувајќи атразин, глифосат и клорпирифос - можат да ја зголемат стапката на трансмисија и ги отежнуваат напорите да се конролира шистосомозата. Агрохемиското зголемување на трансмисијата на паразитите не беше безначајно. Во заедниците во областа на сенегалскиот речен слив, кои беа предмет на истражувањето, прекумерното оптоварување со болеста кое може да му се припише на агрохемиското загадување им одговара на болестите предизвикани од изложеноста на олово, диетите на богатите со натриум бикарбонат и недоволна телесна активност.

Кристофер Хувер поентира:

„Мораме да развиваме политики кои ќе го заштитат јавното здравје со ограничување на зголемувањето на трансмисијата на шистосомозата со агрохемиско загадување. Повеќе од 90 проценти од случаите на шистосомоза се појавуваат во областите на субсахарска Африка, каде употребата на пестициди е во пораст. Ако успееме да осмислиме начини да ги задржиме агрикултурните бенефиции од овие хемикалии, истовремено ограничувајќи ја нивната претерана употреба во областите каде шистосомозата е ендемска, би можеле да ја спречиме повредата на јавното здравје во заедниците кои веќе се под голем и неприфатлив товар на оваа болест.“

Слики: Alexis Rockman

Извор: https://climateandcapitalism.com/

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото