Минута небо

23.09.2020 12:27
Минута небо

(Филолошките чекори на книжевниот ôд)

Додека романот „Шиндлеров лифт“ на Дарко Цвијетиќ од 2019 сѐ уште не е вдомен во македонскиот јазик и додека сѐ уште го чекаме потенцијалниот преведувач да стави или не, член во односната придавка на насловот („ШиндлеровиОТ лифт?“), еве го неговиот најнов роман „Што на поду спаваш“ (КрР, Белград 2020) како нова препорака за превод, ново книжевно искушение за нашиот јазик. Овој бележит книжевен ôд на Дарко Цвијетиќ, вреднуван и наградуван во неговата матична јазична средина е квалитативно предодреден за „пресадување“ и во други јазични биотопи, зашто функционира на секоја и секаква почва. Со доволно труд и со вистинска нега.

1. Филолошки чекори

Најверојатно насловот на новиот роман на Цвијетиќ на македонски, од нога, од око и од ракав, би бил „Зошто спиеш на под“. Претпоставувам и се надевам дека потенцијалниот преведувач би се решил за нешто похрабро и поинтересно за синтаксичката инверзија на оригиналот која не може директно да се преслика во нашиот јазик. Ми се чини дека „Зошто на под спиеш“ е најлесното, но не и најдоброто решение, зашто не звучи граматички коректно на македонски каде што глаголот многу ретко, речиси никогаш, не се решава за последното место во реченицата. Инверзијата на глаголот, поместувањето од неговото природно место во исказот (реченицата) во македонскиот јазик не е ефектно како во оригиналот, всушност, не ја доловува поетичноста како во оригиналот, зашто пресилно ја крши синтаксата на нашиот јазик која неумоливо бара, инсистира и на член заради музиката на стандардот (подОТ: Зошто спиеш на подОТ – Зошто на подОТ спиеш). Но, морфолошки и семантички сметам дека членот е непотребен, особено во контекстот во којшто оваа реченица стои во оригиналот. (Станува збор за спиење на под во сон, во базично онирична контекстуализација, не за реален под на реалистична локација и во реалистична фактура.) „Зошто спиеш на под“ е можно и прифатливо решение, и покрај тоа што е полито, поисплакнaто во однос на оригиналот. Со поцврсти филолошки чекори можеби би се втасало до свежо решение, првин за насловот, а потоа и секаде низ книжевниот ôд на романот, зашто, насловот не е само наслов на овој роман – тој како фраза има и мошне прецизна наративна и композициска функција во него. Се провлекува и се повторува, се варира на многу раскажувачки делници, во многу глави-писма.

1.1. Тема и рема

Во „Зошто спиеш на под“ спиењето е тема, на под – рема; се става акцент, значи на последното, демек, во ред е што спиеш – ама зошто на под. Во „Зошто на под спиеш“, пак, тема е на под, а рема – спиењето, значи суштината на прашањето е зошто не правиш нешто друго на под (зошто не си играш, не танцуваш, на пример, како што имплицитно граматички се очекува) туку „си зел да спиеш“, кажано колоквијално. Родените говорители спонтано го менуваат редоследот во реченицата за да доловат што е тема, што рема, иако реченицата останува навидум иста, зборовниот материјал е тој, сепак со тумбањето се решава на што ќе падне реченичниот акцент. Се чини дека во случајот на новиот роман на Цвијетиќ, на под како рема е посилно од на под како тема (ремата по дефиниција е посилна од темата) и затоа поприфатлив е потенцијалниот наслов „Зошто спиеш на под“.

1.2. Членот

Апропо членот, пак, дистинкцијата помеѓу на подот – на под, е слична и со дистинкцијата наземи – на земја(та). Предлогот (на) и именката (под) не се сраснати до тој степен како наземи за да бидат чист прилог. На под, пак, си останало како прилошка определба составена од предлог и именка, а со самото тоа членот не може да се наметне како можно решение или синтаксичко помирување. Оттаму, сметам дека членувањето на под(от) би било несоодветно решение за во насловот. Засега, ми се чини сигурно само „... спиеш на под“. Но, останува да видиме со што точно би можеле да се сменат трите точки во можниот превод на насловот.

1.3. Трите точки

Цвијетиќ во оригиналот, во јазикот на којшто пишува, имал можност и за зашто (на поду спаваш) и за што (на поду спаваш), ама се решил за пократкото – за што. Во македонскиот јазик зошто има кратка варијанта, но таа во никој случај не е што, туку оти. Еве ја првата отстапка во јазичните системи на јазиците која мора внимателно да се проследи. Оти во првичното значење е повеќе одговор, отколку прашање. Лингвистички еквиваленти му се затоа што, зашто, дека... (Зошто не дојде? Оти не сакав), но, многу често се сретнува и како прашање, т.е. со прашално значење (Оти не дојде? Зашто не сакав.) Нѐ интересира вториот случај, каде што оти е кратко зошто, нешто приближно како што му е што на зашто во српскиот јазик. Оти сосем сигурно може да ги пополни трите точки (Оти спиеш на под). Секако дека не треба да се одмине макар бегол коментар и за чуму како филолошки потенцијал на нашиот јазик. Чуму е датив од што и најчесто се употребува наместо прилогот зошто при прашања за причината и целта на нешто (поради, заради што) со дискретна боја на негодување, несогласување. Чуму одговара во контекстот на насловот на оригиналот, но како лексички регистар – не е податливо, зашто чуму е архаизам. Употребата на архаизмите е силен аромат на стилот, затоа треба да се биде мошне внимателен дали одговара со општата лексика на делото, книгата, писмото... Не. Кај Цвијетиќ сметам дека не е потребна архаична боја, самиот не го користи тоа, па и во преводот не гледам нужност од архаизација. Едноставно, оригиналот нема ни таква интенција, ни таква валенција. Значи, чуму е кандидат за пополнување на трите точки, ама многу понесериозен од оти. „Оти спиеш на под“ е филолошки мошне коректно за „Што на поду спаваш“. Отстапката од збороредот „Оти на под спиеш“ не е лошо решение, синтаксата и треба да се крши заради стилот, но сметам дека овде кршењето нема доволно силна причина. 

Но, да им го оставиме преводот на преведувачите.

2. Книжевен ôд

Откако ме освои „Шиндлеров лифт“, „Што на поду спаваш“ го дочекав барем поподготвена како читател. Знаев со што, со кого, всушност, (ќе) си имам работа. Повторно кус роман, повторно поетски, повторно за војната, но поинаку. Црвениот солитер, носечкиот топос, ама и носечката метафора, дури и конструкт во „Шиндлеров лифт“, како да се вселил, влегол, пикнал во само еден стан; како добрите и лошите од претходниот роман да се испомешале и сите здружно станале само жртви. На што? На сѐ!

2.1. Личното

Во никој случај не треба да се каже дека „Што на поду спаваш“ е поличен роман од „Шиндлеров лифт“, зашто тоа би го компромитирало самиот израз лично. Што е, всушност, личното? „Шиндлеров лифт“ е создаден врз смртта на едно дете во лифтот од зградата (Црвениот солитер) каде што живее нараторот, на крајот од романот (одличната досетка со текст на внатрешната страна од задната корица, дури и под клапната), од променета раскажувачка точка дознаваме дека токму таткото на нараторот е тој што го повикал лифтот. Навистина не можам да замислам ништо полично од тоа признание, од таа вина, од тој оживеан сомнеж. Она што се случува во „Што на поду спаваш“ не е полично од најличното во „Шиндлеров лифт“, туку само зумирано, раскажано од поблиску.

2.2. Зумирана нарација

Со зумирање, најмногу што дозволува „апаратот“ (книжевниот занает) се предава едно од семејствата во Црвениот солитер, тоа на раскажувачот. Работата со автобиографија (на авторот или на јас-раскажувачот, сеедно) е проклета книжевна работа, но, истовремено и многу моќна. Цвијетиќ има искуство со тоа; книжевноста – исто така. Ова ми е можеби најпознатата, најблиската творечка врата преку која можам да влезам во романот на Цвијетиќ, но не и најудобната и највозбудливата. Преферирам кога пишувам за автори од ваков ранг и формат, да пишувам за дребулиите во нивните писма, а не за големите книжевни манири.

Иако од најголемиот дел од романот бев фасцинирана, крајот сосем се размина со моите очекувања и претпоставки за завршување на оваа приказна. Ваквите приказни и немаат краеви во една суштинска смисла, но, бездруго, мора да се завршат. Како сѐ толку многу цврсто да се исповрза, што ми одмиле секоја желба за одврзување на јазлите, зашто јазли се одврзуваат само кога се разлабавени. На крајот Цвијетиќ ги престегнува, затвора и заокружува сѐ, спојувајќи ги расфрланите ликови низ романот во конечни, неодврзливи јазли. Само еден пример. Бота, братот на нараторот за време на отслужувањето на воениот рок кое директно влетува во војна, има една многу интересна и филмски моќна епизода со преисчистените чизми на непријателот. По години и години, двајцата од спротивните ровови се среќаваат на монтирање клима-уред во Америка и додека тече дијалогот кој мошне суптилно ги детектира едниот во очите на другиот, последната нишка на препознавање се преисчистените чевли на едниот од нив. Но, овој одличен јазол наместо да се остави вака разлабавен, Цвијетиќ го престегнува со уште објаснувања, што сметам дека се непотребни. Нема што да се допише откако последните букви веќе ќе ја завршат работата – читателот ќе сфати. Слично престегнување има уште на неколку места во романот, а самиот крај е само утврдување на тоа, на преисконструираноста која, ете, ја имеував како престегнато врзување на јазлите на текстот.

2.3. Книжевно макраме

Како и да е, мојата омилена дреболија во овој роман на Цвијетиќ е постапката на макраме (кажано рачноработно), или епистоларната фрагментарност. Макраме е техника на преплетување, исповрзување на нишките за да се добие специфична шара. Текстил, перниче, украс за на ѕид. Освен со ликови и ситуации, во „Што на поду спаваш“ најинтересно е поврзувањето на нештата со зборови, синтагми, реченици и цели наративни пасажи.

Конкретни зборови (минута), синтагми (излупено небо), реченици (Зошто спиеш на под, сине?) и реченични низи (Где у ноќ уѓе човек, напукне свјетло. Као да ќе пожар. Како да ќе нетко горети.) се исповрзани во романот токму како макраме. Ваквите јазли, лексички и наративно, ја формираат шарата на приказната распната на разурнатиот ѕид на југословенството. Автобиографскиот материјал дополнително фундиран со вистинското име, и не само име, на еден од синовите (Дарко), колку и да ѝ подлегнал на фикцијата, сепак е основната искра во овој лесно запалив роман. По само неколку страници од почетокот – тој пламнува и се разгорува со секој ред што Цвијетиќ го фрла во него како деланка, како ново суво дрво: за братот, за таткото Србин и мајката Хрватка, за хрватските баба и дедо, за српските баба и дедо, за Сенка, саканата Бошњачка, за другарите муслимани...

2.4. „Ти си ми мене минута!“

Зборот минута полека и вешто се извлекува од својата примарна семантика и се претвора првин во симбол, потоа и во поглед на светот, воопшто, како филозофска обмисла внушена во внимателниот лексички избор. Првин зборот минута го има само во контексти кои не го онеобичуваат, во контексти кои не ги онеобичува. Потоа се врзува со зборот небо и синтагмата минута небо почнува да функционира како метафора, како маскиран оксиморон, како поетска матрица за спој на навидум неспоивото. Како што зборот минута низ романот приграбува сѐ поголеми семантички полиња (ти си ми мене минута и ти си мојата минута – звучат како соопштување љубов!), така постепено се загатнува и прашањето на мигот и минливоста. Имено, ако небото е бескрајот, а минутата негова дребна честичка; тогаш луѓето си се минути едни на други. Нивните, нашите животи се само обични минути во постоењето на времето – светот воопшто. Слична постапка е остварена и кога небо е основниот збор што се врзува со излупено (изгуљено небо), но овде немаме случај за предоминација само на еден збор кој првин е сам, а потоа се врзува во синтагма со друг, туку „настапува“ во текстот одеднаш како двочлена синтагма. Кога двочлената синтагма цврсто ќе се постави во односот помеѓу внукот и бабата Хрватка, се остварува поширока димензија од поетската, зашто освен што се лупат овошките за внукот, бабата за него може да излупи сѐ. Дури и небото. Бескрајот.

2.5. Прозни рими

При наоѓање на целите исти реченици од една во друга глава-епистола, од една во друга рака што ја пишува (Што на поду спаваш, сине, на пример, ама и Где у ноќ уѓе човек...), вмрежувањето на сѐ во едно цело станува раскажувачка стратегија по принципот на римата во поезијата; стратегија потрајна од самиот текст, филозофска обмисла, продолжена мисловна рецепција на читателот. Прозна рима.

Конструираноста на сложените, современи книжевни писма совршено ѝ одговара на епистоларната формула на Цвијетиќ во најновиот роман. Таа постои и во „Шиндлеров лифт“, ама во него полабаво се врзани јазлите и можеби затоа романот е покомпактен. Цврстите јазли не придонесуваат за компактност колку и тоа да ни се чини логично. Компактноста и целосниот впечаток на уметничкото дело (роман ли што ли) ја дава лабавоста на јазлите во уметничкото макраме – ништо да не затега, ништо да не стега во макрамето, за да може тоа да се закачи каде било, да го чита кој било. Зашто, во спротивно, ако јазлите се престегнати, макрамето нема слободно да паѓа и да виси на кој било ѕид, туку ќе набира на одредените точки и тоа постојано ќе го окупира окото на гледачот, во овој случај – на читателот.

2.6. Возбудливо неверство

Највозбудливо од сѐ во најновиот роман на Цвијетиќ е раскошното неверство на Поезијата со Прозата, при што ниту едната од нив не е повредена. Можеби „Шиндлеров лифт“ е подобар роман од „Шта на поду спаваш“, ама мора да се земе предвид дека двата се одлични.

 

Илустрации: корици на романот „Što na podu spavaš“

ОкоБоли главаВицФото