Наташа Бошкова: Полицијата често незаконски постапува со луѓето кои употребуваат дроги

24.09.2020 12:30
Наташа Бошкова: Полицијата често незаконски постапува со луѓето кои употребуваат дроги

Наташа Бошкова дипломирала право во 2003 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2008 година станала магистер по родови студии на Центарот за интердисциплинарни постдипломски студии при Универзитетот во Сараево, Босна. Работи како адвокатка и правна советничка во Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ каде што стратешки застапува случаи на прекршување на човековите права на луѓето кои употребуваат дроги, на сексуалните работници/работнички, ЛГБТ-луѓето, луѓето кои живеат со ХИВ и маргинализираните жени.

Колку често денес, во 21 век, нашата Полиција незаконски ги третира корисниците на дрога и на кои начини го прави тоа?

Наједноставниот одговор би бил да, Полицијата често незаконски постапува со луѓето кои употребуваат дроги, но проблемот е повеќеслоен и облиците и начинот на кој постапува Полицијата се менува во различни временски периоди. Па, би сакала малку за тоа. Од самостојноста на Македонија законската рамка со која се регулира поседувањето и употребата на дроги од физички лица е речиси непроменета. Самостојната употреба на дроги се казнува само доколку се случува на јавно место, и тоа со парична казна, а поседувањето за лична употреба не е казниво според одредбата во законот. Проблемот што постојано го истакнуваме е дека е воспоставена лоша пракса од Полицијата, а потоа поддржана од ОЈО и судот е, всушност, местото каде што треба да го лоцираме проблемот. Всушност, лошата пракса е воспоставена врз основа на личниот став на професионалците на неодобрување на таквото однесување. Во 2008 година беше направено истражување за тоа колку е инклузивно македонското општество, а дел од прашањата беа за односот на луѓето кон оние кои употребуваат дроги, но и каква е перцепцијата на луѓето во однос на тоа како е регулирана употребата на дроги.

Висок процент покажаа неприфаќање на луѓето кои употребуваат дроги и дека треба да се казнува ваквото однесување. Однесувањето на Полицијата и на останатите институции во кривично-правниот систем покажува дека тие воопшто не се разликуваат од она што го мислат мнозинството граѓани, иако законот им налага поинакво постапување. Личниот став и предрасуда кон употребата на дроги е главен двигател за незаконитото постапување на Полицијата. Главна карактеристика на постапувањето на Полицијата во минатото беше примена на физичка сила и насилство што, според стандардите за човековите права, се квалификува како тортура, што е сериозно прекршување на правата, право што не смее да се дерогира и во исклучителни услови како воена или вонредна состојба. Со други зборови, не постои оправдување за тортура, под ниеден услов.

Во последниве десетина години, иако не е исклучено, ваквото постапување е намалено, но сѐ уште се присутни физичкото насилство, додека психолошкото насилство и вознемирувањето е редовна пракса при постапувањето на Полицијата независно дали лицето е жртва или сторител на кривично дело или пак учесник во сообраќај. Повреда на правото на приватност е исто така едно од честите повреди на правата на луѓето кои употребуваат дроги. За жал, ретки се случаите на законито постапување на Полицијата со почитување на достоинството. Полицајците забораваат дека законитото постапување подразбира и почитување на личноста и на достоинството независно од здравствената состојба или која било друга лична карактеристика на луѓето. Полицијата, всушност, како и мнозинството од општеството се однесуваат како овие луѓе да се помалку вредни и имаат помалку права од останатите.

Македонската полиција е прогласена за виновна од Судот во Стразбур за незаконити постапки против нивните граѓани, конкретно против корисниците на дрога. За што точно станува збор?

Всушност, одговорна е државата поради тоа што не постои јасна законска рамка на кој начин, во кои случаи може да се зема ДНК-примерок од граѓаните, а Полицијата со произволно однесување ги повредила правата на неколку лица, а институциите и судовите пропуштиле да обезбедат ефикасна заштита за ваквото постапување на Полицијата. Имено, станува збор за повреда на правото на приватност од страна на Полицијата кога во повеќе наврати Полицијата без основа земала ДНК-примерок од осомничени за кривични дела без притоа да се знае за што ќе биде искористен примерокот, колку време ќе се чува и сл. Она што е важно да се каже е дека сите случаи до кои ние дојдовме во контакт, а на кои им е земен ДНК-примерок се луѓе кои употребуваат дроги. Овој е еден од случаите со кои се потврдува претходно кажаното дека на корисник на дрога можеш да му земеш ДНК и никој да не одговара за тоа бидејќи сигурно станува збор за криминалец кој направил некое кривично дело.

Од каде ваков случај во Стразбур? Кој е проблемот со домашното судство?

Пресудата е резултат на долгогодишна борба пред домашните институции и судови која започна од 2010 година да докажеме дека не може Полицијата да прави што сака со генетскиот материјал на луѓето и истовремено да ги убедиме судовите дека луѓето кои употребуваат имаат исто така право на приватен живот, приватност што имаат обврска да ја штитат. Дел од луѓето чии права беа прекршени тогаш повеќе не се со нас. Имено, во периодот 2009/2010 година неколку клиенти на ХОПС пријавија дотогаш невообичаена пракса на Полицијата, односно дека по приведувањето во полициска станица, при испитувањето, се носат на фотографирање, на дактилоскопирање и на земање брис од уста. Во тоа време тие зборуваа дека полицајците им се фалеле дека МВР набавила нова опрема за испитување генетски материјал, па ете сакале да ја испробаат. По 10 години се покажа дека има вистина во ова, посебно што дел од луѓето чиј ДНК–примерок беше земен беа обвинети за кривичното дело за кое првично беа приведени, но ДНК-материјалот не беше употребен како доказ во овие постапки.

Дополнително, во текот на постапката, МВР се објаснуваше дека тие земаат ДНК- -примерок само за тешки кривични дела, а не и кога станува збор за кражби, но во конкретните случаи тоа не беше точно и тоа успеавме да го докажеме пред Судот во Стразбур, не само што нема јасна законска рамка туку и дека МВР ја злоупотребува оваа правна празнина со арбитрарно постапување што се применува очигледно најлесно врз ранливите категории кои веќе се етикетирани како криминалци. Затоа и Дирекцијата за заштита на лични податоци не утврди повреда на правото во 4-те случаи што се водеа, а подоцна Управниот суд и Вишиот управен суд не утврдија повреда.

Колку луѓе од граѓанскиот сектор беа вклучени во оваа акција и колку траеше целиот случај од моментот кога е започнат до пресудата?

Успехот за оваа постапка пред ЕСЧП се должи на континуираната поддршка што доаѓаше од организациите што работат на унапредување на правата на луѓето кои употребуваат дроги. Жртва во постапката беа луѓе кои претходно ги користеа услугите на ХОПС и така и дознавме за ваквата пракса на Полицијата и заедно со поддршката на Коалиција Маргини ги градевме случаите на домашно ниво.

Постапката за докажување на неправдата е долга и често луѓето, притиснати од секојдневните проблеми и обврски, губат интерес, надеж и мотивација да останат активни во сите фази на постапката како услов да се бара правда од Европскиот суд за човекови права. Затоа тука ќе ги спомнам сите колеги од ХОПС и Маргини кои несебично се дадоа во поддршка на жртвите да бидат истрајни до крај и без кои немаше да го постигнеме денешниот успех. За време на постапката пред Стразбур, еден од жалителите се соочуваше со притисок од Судот во друга постапка поради фактот дека имаше поднесено жалба пред Европскиот суд, што повторно не го поколеба да продолжи со докажување на неправдата.

Мислите ли, по пресудата во Стразбур, дека доаѓаат подобри времиња кога станува збор за почитување на човековите права на маргинализираните заедници од страна на Полицијата?

Секако дека пресудата на Европскиот суд ја сметам за важен чекор во низата активности за подобрување на постапувањето на Полицијата кон маргинализираните заедници. Сепак, самата пресуда нема да ги направи суштествените промени што ни се потребни доколку не притискаме за нејзино спроведување и одблиску ги следиме другите случаи каде што Полицијата постапила произволно или ги пречекорила овластувањата. Судот укажува на проблем со недостаток на јасна законска рамка што остава простор за повреда и истовремено укажува на повредата извршена со произволното постапување на Полицијата. Поради ова потребно е одредбите од Законот за полиција и подзаконските акти со кои се уредува оваа област во делот на земањето, на обработката и на чувањето на ДНК-примерокот да се доуредат на начин што во иднина Полицијата, но и граѓаните ќе знаат што е дозволено и до каде се овластувањата за Полицијата. Тука се здруженијата и самата заедница да притиска за ваквата измена и дополнување и потоа да го следи спроведувањето на новите одредби, но и брзината и квалитетот со кои се спроведува самата пресуда.

Што може да направиме за да го промениме односот на Полицијата кон луѓето кои употребуваат дроги?

Многу труд е вложено од страна на граѓанскиот сектор во однос на работа со Полицијата преку разни обуки, преку правните постапки кои ги водиме пред надлежните институции и преку примена на стратегии за застапување со донесувачите на одлуки за подобрување на законите и постапувањето на институциите кон луѓето кои употребуваат дроги. Преку застапување на луѓето пред Полицијата, Обвинителството и судовите не само што обезбедуваме одбрана, истовремено ги едуцираме професионалците во овие институции за правните, економските, социјалните и здравствените аспекти што произлегуваат од употребата на дроги, што е различно од кривичните дела опишани во законот.

Од 2018 година Коалиција Маргини потпиша меморандум за соработка со МВР врз чија основа, заедно со Центарот за обука при МВР, е подготвен модул за етичко постапување на Полицијата со маргинализираните заедници во кои се опфатени сексуалните работници, луѓето кои употребуваат дроги и ЛГБТ-луѓето. Досега се обучени околу 80 полициски службеници, а во следниот период ќе следуваат уште обуки. Овој модул е дел од редовната наставна програма на Центарот за обука, па слушатели се и во иднина ќе бидат професионалните полициски службеници кои имаат обврска редовно да добиваат обуки и вештини од различни области. Од досега спроведените обуки можам да кажам дека се потврдува она што го кажав на почетокот на ова интервју, а тоа е дека постои голем отпор на Полицијата кон луѓето кои употребуваат дроги. Постои недоверба, предрасуда за моралниот квалитет на овие луѓе, опасноста за средината итн. Содржината на обуката меѓу другото зборува за истражувања од нашава земја и странство, а преку кои е очигледен неуспехот на т.н. „борба против дрогите“ која се води на грбот на најранливите. Мене лично ми дава надеж фактот дека по завршување на секоја од овие обуки дискусијата завршува со заклучокот дека Полицијата, здруженијата и маргинализираните заедници треба да бидат партнери во подобрувањето на безбедноста во средината, унапредувањето на јавното здравје и заштитата на правата на граѓаните.

Насловна фотографија: Маргини

 

 Извор: hops.org.mk

Слични содржини

Општество / Живот / Теорија
Општество / Графички Дизајн / Живот

ОкоБоли главаВицФото