Против британската космичка десница во подем, левицата мора да се бори со разумот

24.09.2020 14:38
Против британската космичка десница во подем, левицата мора да се бори со разумот

На 29 август на лондонскиот плоштад Трафалгар се собраа неколку илјади луѓе под слоганот „Соединети за слобода“. Што овој неодреден слоган всушност значи не им беше нејасно само на минувачите, туку и некохерентно варираше помеѓу учесниците. Толку барем беше јасно од плакатите, транспарентите и маиците со кратки ракави на кои беше изложена грда мешавина од активизам и уверувања, вклучително и анти маскери, теории на завера, анти ваксери и оние за 5Г мрежата, трампистичката QAnon мета-завера, па дури и Британската фашистичка унија. Тоа беше воедно и досега најголемото претставување на она што би го нарекол „космичка десница“, растечки понов феномен во склоп на кој њу ејџ, спиритуалните и велнес заедниците ги прифатиле теориите на завера на екстремната десница.

Терминот „теоерија на завера“ е маглива и контроверзна фраза со која со различни нивоа на точност се опишува широк распон на идеи. Многу од поблагите примери содржат некои елементи на вистина но помеѓу главните говорници на собирот беше и Дејвид Ик, човек кој верува дека со светот владее тајна раса на камелеонски луѓе-гуштери од вселената кои пијат крв. Уште повознемирувачки беа бројните видливи изложби на следбениците на QAnon, брзорастечките направи-сам мрежи на теории на завера, втемелени на идејата дека Доналд Трамп спроведува тајна војна против сатанистичката, либерална кабала на длабоките државни службеници/чки кои користат педофилија и жртвување на деца за да го контролираат светот.

Наспроти оваа блатантно апсурдна премиса, QAnon неодамна пронајде нови следбеници помеѓу оние кои се незадоволни со ситуацијата но не се политички ангажирани. Претходниот викенд следбениците организираа стотина собири ширум светот, настојувајќи да привлечат нови следбеници под наизглед безопасниот хаштаг #SaveOurChildren. Меѓутоа, патот по кој се движи ова движење е далеку од безопасен. Меѓу неговите заеднички координати е „the Storm“ („Олуја“), претстоечкиот библиски конечен суд, во текот на кој Трамповите непријатели ќе бидат уапсени или елиминирани. Некои следбеници малку побрзале, па така QAnon веќе инспирарл десетици насилни инциденти, вклучително и убиства.

При соочувањето со вакви нешта, кои звучат налудничаво, инстинктивниот одговор на поголемиот дел од левицата е да се потпре на одбраната на разумот и на поврзаните институционални форми, како знаењето и стручноста. Но, ако ги разгледаме претходните манифестации на истиот рефлекс, како во 2016 година за време на моралната паника околу „пост-вистината“, јасно е дека овде постојат и некои замки за левицата. Овој пат мораме да се чуваме да не западнеме во замка и наизглед да се вклучиме на страната на естаблишментот под плаштот на либералниот разум.

Да бидеме јасни: левата политика е проект на разумот. Почива на идејата дека човештвото, под услов за тоа да постојат вистински услови, може да го искористи разумот за подобро да го разбере светот и колективно да влијае кон негова промена. Ако не верувате во таа можност, тогаш сте конзервативни. Меѓута, тоа не значи дека мораме да го прифатиме поедноставеното или етерично поимање на разумот.


Иако и либерализмот верува во разумот, се разликува од левицата во неколку важни аспекти. Пред сѐ, додека либерализмот верува дека капацитетот за разум почива во дискретни, автономни поедници, левицата го толкува разумот и како колективен капацитет. Всушност, користењето на разумот има најголем потенцијал да влијае на светот што станува колективен проект во кој, под вистинските услови и со вистинските алатки и организација, може да соделува целата популација. И науката и демократијата ја содржат оваа идеја, но јасно е дека моментално не ја отелотворуваат во потполност.

На пример, вистина е дека финансирањето, фокусот, а оттаму и научната пракса е дисторзирана со капиталистичкиот порив кон максимизација на профитот и општествените нееднаквости. Исто така е вистина и дека демократијата, како што ја практикуваме моментално, е испразнета и поткопувана од богатите елити кои посакуваат додатно да се обогатат. Меѓутоа, овие елити не се актери кои слободно го бираат својот пат, прилагодувајќи го светот на својата волја. Тие се и самите фатени во динамиката на капиталот и поттикнати од неа. Поголемиот дел од ова се одвива на отворено, дури и ако се чини дека нашата сопствена испреплетеност со капиталот се одвива зад нашиот грб. Тоа значи дека не можеме да ги решиме своите проблеми со враќање во светот од 2015 година, или кога и да беше кога либералниот разум последно царуваше. Нештата не функционираа ни тогаш па затоа ни е потребно нешто ново. Проектот на левицата е ширење на размерите на колективниот разум и неговите демократски институции.

Оваа приказна ќе биде покомплексна од моралистичката приказна за доброто кое го надвладејува злото. Штом еднаш прифатиме дека сме вовлечени во проблеми со кои се соочува целиот свет, ниното решавање станува многу позахтевна задача од едноставното уривање на некое тајно учење. Меѓутоа, тоа сепак значи дека можеме да адресираме и да понудиме подобри објаснувања и решенија за вистинските светски проблеми и искуства поради кои луѓето можат за завршат во зајачка дупка на екстремно десните теории на завера.

Тоа не значи дека со разум можеме да ги разувериме луѓето од нивните осиромашени уверувања, барем не на некој едноставен начин. Популаризирањето на левите анализи може да ги имунизира луѓето пред да се заразат со овие идеи, но штом еднаш се закачат на нив, стануваат имуни на нас. Така, додека разгледуваме како да ја прекинеме репродукцијата на овие движења, исто така би требало и да учиме од нив. Не од нивните содржини, туку од нивните форми.

QAnon потсетува на масивна игра на улоги во алтернативна реалност во која учесниците мораат активно да партиципираат во дешифрирање на трагите. На луѓето тоа им е возбудливо и предизвикува поприлична зависност. Светогледот на QAnon пружа чувство на заедница и на месијанска агенција. Приказните за сатанистичките елити и рептилите кои цицаат крв на некои луѓе им помагаат да побегнат од секојдневната реалност на животот и одново да го очудат светот. Левицата мора во сопствената историја да пронајде поинакви методи на адресирање на таквите потреби. На крајот, токму левицата ги измисли модерните ритуали на колективноста од 19 и 20 век, а одредени алатки може да се пронајдат и во разиграната култура на хакирање од 1980-ите и 1990-ите. Таквите тактики сигурно може одново да се осмислат и стратешки да се дизајнираат така што секогаш да водат наназад кон партиципативниот проект на колективниот разум. QAnon укажа на дел од територијата на која ќе се води политичката битка во 21 век – време е да одлучиме да ја заиграме сопствената игра.

Извор: slobodnifilozofski.com