Приватните школи, богатите ученици и факултетите

24.09.2020 23:21
Приватните школи, богатите ученици и факултетите

Фактот дека оценките на средношколските ученички и ученици во просек се намалени многу повеќе од ученичките и учениците од приватните училишта, јасно покажува дека класата, богатството, расата и регионалните нееднаквости ја играат својата традиционална улога во британскиот образовен систем.

На универзитетските приемни испити добро се гледа како функционираат овие неправди. За подобро да го разберете тоа, размислувајте за борбата за места на универзитетите во контекст на уште една голема британска традиција - чекањето во ред. Ако во кино има ограничен број места, чекањето во ред за нив е почесно отколку мешаницата кога ќе се отворат вратите. Колку што сте поблиску до почетокот на редот, поголеми ви се шансите да фатите место. Ако седиштата се пополнат пред да успеете да влезете, барем сте имале чесна можност. Исто е со уписите на универзитет. Вашите оценки на А ниво го одредуваат вашето место во редот: колку повисоко сте на листата, толку поблиску ќе бидете до влез и поверојатно е дека ќе се запишете.

Да ја прошириме аналогијата со она што многу Британци и Британки го сметаат за општествен грев: запишувањето преку ред. Еквивалент на тоа во британскиот образовен систем е приватното образование. Повеќе години плаќате поскапа школарина, што резултира со повисоки оценки на ниво А, подобро место во „редот“ и поголеми шанси за место на попрестижните универзитети, чии ресурси и репутација се посупериорни. Се разбира, колку повеќе плаќате, толку вашата позиција е подобра.

Приватно образованите ученици конзистентно ги надминуваат учениците од државните училишта во поглед на местата кои ги заземаат на уписите во највисоко рангираните универзитети во Обединетото Кралство. Истражувањето на Сатон Труст покажа дека учениците и ученичките од само осум училишта - од кои сите се наоѓаат на југоистокот од Англија, а шест се приватни - пополниле 1 310 места на Оксбриџ од 2015 до 2017 година, во споредба со 1220 од 2990 преостанати училишта.

Покрај оценките, вклучени се и други фактори, на пример, системот кој приватните училишта веќе го воспоставија за да обезбедат подобри информации и водство низ процесот на пријавување на универзитетите, очекувањата и аспирациите на семејствата на ученичките и учениците и подобра подготвеност на апликантите за разговорите при упис на универзитетите. Меѓутоа, неправдата за „запишување преку ред“ најјасно се гледа преку висината на школарините, оценките на А ниво и постапката за прием на универзитет. Двете најскапи приватни училишта во Обединетото Кралство, Етон и Винчестер (кои во 2020 година наплатуваат 14 167 фунти односно 13 903 фунти по семестар), воедно се и далеку најуспешните од сите училишта во Обединетото Кралство според бројот на понуди за студирање кои нивните ученици ги добиле од Оксфорд и Кембриџ.

Државниот алгоритам за одредување на оценките на учениците годинава, овозможува дури и поголем број запишувања преку ред. Шкотската управа за квалификации (The Scottish Qualifications Authority, SQA) преправи 133 000 препорачани оценки, огромен дел од нив најниски, додека најзагрозените ученички и ученици се изложени на најголемо намалување. Стапката за поминување на тие ученици е намалена за над 15 проценти, од 85,1 на 69,9 проценти, додека кореспондирачкото намалување на најпривилегираните ученички и ученици изнесувало само 9,8 проценти.

Приказната е слична и во Англија. Уделот на А/А* оценки е зголемен во сите категории од 2019 година, но зголемувањето е далеку највисоко за приватно образованите ученички и ученици. Нивните оценки се зголемиле за 4,7 поени, што е двојно повеќе од зголемувањето во средните училишта и речиси трипати повеќе од она во академиите (1,7 поени).

Последица е тоа што во моментов речиси половина од испитите на кои присуствуваат учениците од приватните училишта (48,6 проценти) завршуваат со оценка А или А*, за разлика од само еден од петте испити (21,8 проценти) кои ги полагаат средношколците.

Нема смисла да се одговори дека „не е сѐ во оценките“, зашто тие се клучот кој ги отвора вратите од универзитетите, кои пак отвораат други врати. Во голем дел од модерниот британски живот денес доминираат универзитетските дипломанти. И покрај тоа, универзитетот обезбедува огромни образовни, економски и општествени добра, а колку е подобар вашиот универзитет, толку подобри и пообилни се овие добра. Од таа причина исклучувањето од учеството во овие аспекти од животот е длабоко неправедно. Таквата неправда е дополнително продлабочена кога на местата на ученичките и учениците од државните училишта во редот за универзитетот ќе влезе некој кој платил за тоа.

Некои тврдат дека системот е меритократски, зашто испитите на А нивото ја проверуваат способноста на учениците или ученичките непосредно пред приемот на универзитет. Меѓутоа, чесниот труд не е чесен само затоа што нема турканици кога ќе се отворат вратите - не смее да има туркање преку ред уште од самиот почеток. Се разбира, во ситуација кога дошло до претходно влегување преку ред, фер е да се компензира кога ќе се отворат вратите: да се пуштат преку ред оние кои се неправедно погодени.

Оние кои го бранат системот напоменуваат дека е можно да се живее добар, исполнет и смислен живот без запишување на универзитет и затоа не мора да има ништо лошо во намалувањето на бројот места за учениците од државните училишта на универзитетите кои инаку би се оствариле. Премисата е очигледно вистинита, но заклучокот е слаб. Не мора да одите во кино за да ви биде исполнет животот, но тоа не е оправдување за да ви го украдам местото во редот. Можно е да се биде оштетен, дури и ако последично вашиот живот и натаму биде квалитетен. Едноставно нема да биде онолку квалитетен колку што можело да биде.

Не е едноставно да се одговори што да се прави со оценките на А ниво во време на пандемија. Труизам е да се утврди дека Ковид-19 ги разоткри вкоренетите нееднаквости во Британија. Но, намалувањето на оценките, а ученичката или ученикот да немал можност да се докаже на испит, е неправедно. Повторно, исто така е проблематично да им се напишат повиски оценки на учениците. Тоа е како од сите во редот да побарате да направат еден чекор напред: ќе имате впечаток дека сте поблиску до вратите, но вашето место во редот нема да се промени. Редот уште на стартот е неправеден заради неколкумината кои веќе се протуркале до почетокот на редот.

Нема ништо инхерентно погрешно во користењето на алгоритмот за да се модерираат оценките. И покрај тоа, во оваа ситуација се пружаше совршена прилика да се спроведе изедначување, со корегирање на класната дискриминација инхерентна за образовниот систем. Ова можеби изгледа како антимеритократски агрумент, но „меритумот“ не е прецизен концепт и не е саморазбирливо подобрите оценки да одат рака под рака со поголеми заслуги. Ученикот со оценки ААБ од училиштето чии просечни оценки се ЦЦЦ, можеби покажал повеќе заслуги од ученикот со оценки ААА од училиштето чии просечни оценки се ААБ. Оваа поента е особено пертинентна за универзитетските приемни постапки бидејќи универзитетите ги користат оценките на А ниво како показател за интелектуалната способност. Меѓутоа, лишени од контекст, тие не се идеален предиктор за тоа како ученикот или ученичката ќе помине на универзитет. Се разбира, впечатливо се занемарува фактот дека е малку веројатно приватно образованите ученици да остварат барем повисока диплома од втора класа, во споредба со учениците од државните училишта со слични оценки на А ниво.

Приватното образование е упаѓање преку ред за економски привилегираните. Тоа би требало да се укине - но тоа е комплексен предлог со сериозни образовни, културни и идеолошки последици. Во моментов, соочени со актуелната кохорта ученички и ученици кои се погодени од неправдата преку намалувањето на оценките на А ниво, можеме да извлечеме малку поспецифични заклучоци. Универзитетите мора да ги променат и дополнат своите процедури за прием, за да стават повеќе тежина на контекстуалните податоци.

Почетните оценки би требало да се прилагодат како норма врз основа на просечните ученици и ученички и државните училишта. Барањата во писмата со понуди би требало да се намалат за најдепривираните ученици - како што е случај на многу универзитети. Воедно треба да постои координација помеѓу универзитетите, што е спротивно на културата на институционална компетиција која ја наметнува државата. Прашањето за класната нееднаквост во образованието треба да се адресира на државно ниво. Модерирањето на оценките на овогодинешните ученички и ученици со цел да се намали, а не да се зголеми нееднаквоста, би било добар почеток.

Марк Јаго е професор по филозофија на Универзитетот во Нотингем.

Фотографии: Sun Kai Qiang

Извор: https://novaramedia.com