Виор

25.09.2020 15:18

На патувањето што нема крај
сѐ и сешто се ко далги,
идат-не идат –
а каде сум јас?
Немам ни уста, ни лице,
само копнеж и пустина.

Дај ми око за умот
да го протерам в оган;
не помнам кој бев.
Немам утре, само сега,
само тебе, како ѕвезда
што не ќе запрам да ја довикувам.

Минувам како сенка
сѐ дури не изгрееш на исток
во свет од сиви сенки;
сѐ дури не се стопам како слана
и подгорен од светлина
не се вратам кај тебе, велејќи
дека сум веќе тука.

Дај ми око за да оживеам
спомен кој не бил избришан
од душата што ја минала
сета пустина со тебе,
од водата до огнот;
не помнам кој бев јас.

Талкам јавнат на камила
и сал месечината ми е сведок;
Ако таа падне и умре
ќе си го закопам лицето
помеѓу песок и песок.

Дај ми око да го протерам
умот в оган;
и во средето на тоа што е,
остави ме да играм ко виор лесен
сѐ дури нѐ паднеме ко сенки.

Нека се напие жедта од бунар
оти ќе остане таа
ко распламтен спомен
што ќе ѕвони по нас ко знак
за стадото што наближува
и на вечерта што пак се спушта
ко рулче врз дојка,
додека сѐ станува камен,
додека ноќта пак се обвива
околу шаторот и срцето.

Тогаш и јас се враќам –
звук што нема почеток,
песна без крај, без зборови:
кои сте сите вие? Спомен за вас немам,
сал копнеж и пустина.

Немам утре, само сега,
немам гроб, само ѕвезда,
и од тоа место ко глад идам
кон срцето што нема крај
и се ломам тука:
сѐ и ништо се ко далги
идат-не идат;
ако немам Јас тогаш кој е внатре?
Сал копнеж и пустина.


Превод: Зоран Анчевски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото