Морски песни

25.09.2020 17:07
Морски песни

 

Љубопитна песна 

 

Што тоа прави

припиена за морското дно

школката сина?  

- Заспива. 

 

Што велат ежевите морски

кога ги гледа

некое детуле? 

-Бриши од тука, кускуле!

 

Што најситните рипки доживуваат

кога рибарите

мрежи ќе испофрлаат? 

-Премрежиња. И затоа бегаат.

 

А кога јас од карпата скокам

што тогаш вели

морето сино? 

-Браво! Многу фино!

 

 

Морнар

 

Добро е да се дознае

што сè еден морнар знаел:

 

Умеел да скокотка кит,

низ облак да види зенит,

по суво да броди,

по вода да оди,

да јава по таласи,

брада да не кваси,

со сидро да пеца,

да го сакаат деца,

да смири непогода,

да зева во вода,

остров да согледа,

лаѓа да здогледа...

 

Знаел за целата морска природа

освен - каде рибата пие вода?

 

Повик од море 

 

Еден ден ајкулите

повик испратиле

кон островите

над горите

кајшто дим

се издигал угоре:

„Испратете еден тим

да играме ватерполо

сред синото море“.

 

Се јавиле од Вис:

„Баш тренираме во вис“.

Од островот Крк:

„Доаѓаме во трк“.

Од островот Мљет:

„До таму организираме лет“.

И до Корчула веста се чула:

„Овде сме, за жал, во була“.

Јавиле од Раб:

„Тимот ни е слаб“.

Соопштиле од Локрум:

„Отворени сме ширум!“

Откажале од Хвар:

„Тогаш спремаме ајвар“.

Јавиле од Паг:

„Мечот ни е драг,

но дојдете при нас

за да играме со вас“.

 

Сред морето ајкулите

десет дена ги чекале одговорите.

А морето десет дена се смеело

слушајќи ги преговорите.

 

 

Навреда

 

Вчера во сплитското пристаниште поучно

на еден капетан, којшто беше вон служба,

две риби му предадоа в раце лично

против трговци напишана тужба.

 

Во тужбата стои: „Друже капетан,

ги тужиме трговците што полнат каси

продавајќи на деца морски риби топтан

правени од гума и пластични маси.

Ако секое дете да плива мора,

тогаш ние рибите сме учители прави.

Капетане, вади ги играчките од море

оти е навредена рибјата гордост наша.

Макар децата ни седеле врз пераи и глави

- мора да излеземе од оваа каша.“

 

Бидејќи капетанот тогаш бил вон служба

и оти без наочари читал наопачки,

не знаејќи што е - мене ми ја даде тужбата.

Сега, бирајте, деца: риби или играчки?

 

Пресудете сами, имаме ли овде чаре?

Може ли учител да биде пластичен дупликат?

А јас од бродот ќе ја фрлам в море

желбата отпечатена на еден плакат.

 

 

Ситен вез

 

Четири членови на посадата

умираат од досада.

 

А што работи петтиот?

 

Пет членови на посадата

умираат од досада.

 

А што работи шесттиот?

 

Шест членови на посадата

умираат од досада.

 

А што работи седмиот?

 

Седум членови на посадата

умираат од досада.

 

А што работи осмиот?

 

Осум членови на посадата

умираат од досада.

 

А што работи деветтиот?

 

Девет членови на посадата

умираат од досада.

 

А што работи десеттиот?

 

Десет членови на посадата

умираат од досада.

 

А што работи капетанот?

Капетанот е досаден.

 

 

Извор и превод: П. Вулкански

Слики: Peter Adderley

ОкоБоли главаВицФото