Жилиет Греко

26.09.2020 09:04
Жилиет Греко

Има жени кои не престануваат да зрачат – со својот талент, со својата способност да се менуваат, со своето присуство. Во случајот на Жилијет Греко (Juliette Greco 1927 – 2020), многу е тешко да се фати вистинската основа на иконата: променлива, повеќестрана, долготрајна, таа сигурно носи многубројни значења, кои во различни моменти, будат нова, различна публика, но секогаш ги содржи препознатливите елементи што ги поврзуваат вкусот и интересот на сосема различни генерации.

Жилиет Греко потекнува од политички јасно определено семејство и нејзиниот став не се разликувал битно од самите почетоци: нејзината мајка била капетан во Движењето на отпорот за време на Втората светска војна, нејзините мајка и сестра биле уапсени и го преживеале концентрациот логор, таа самата поминала неколку месеци во затвор, во окупираниот Париз. Кога се има тоа на ум, тогаш е разбирливо што Жилиет Греко речиси секогаш настапува на годишниот празник на „L’ imanite“, весникот на француската комунистичка партија. Нејзините врски со левицата се длабоко емоционални и многу полесно впишани во француската отколку во некои други култури.

Нејзината кариера започнала веднаш по војната, благодарение на делот на Париз кадешто го нашла своето уточиште: Сен–Жермен–ле–пре, во шестиот арондисман, на левиот брег на Сена, покрај Латинскиот кварт. Тој не многу голем простор го означил интелектуалното будење на повоена Франција и Европа. Во кафеаните, аулите и театрите се среќевале луѓето што сакале да ги објаснат неодамнешните стравотии, да се изразат, но и да се забавуваат. Ноќта била поважна од денот. Освен мислителите на егзистенцијализмот, тука биле поетите, композиторите, пејачите, актерите, сликарите и многубројните живописни статисти на културата што се создавала наспроти „десниот брег“, во секое значење на тој збор. Да се биде убав и млад било доволно за почетен успех. Така Жилиет ја започнала кариерата на глумица, статирала во неколку претстави, се појавила во неколку никогаш неприкажани филмови, ја рецитирала поезијата на своите сè уште непризнаени пријатели, како Борис Вијан. Изгледа дека токму Жан-Пол Сартр ѝ ја дал идејата да почне да пее. Многу брзо, „музата на егзистенцијалистите“ постигнала успех, барем во своето опкружување. Со долга црна коса, со шишки што паѓаат преку челото, во црн џемпер, црни пантолони и црни мокасини со бели чорапи, иконата делувала пред сè благодарение на длабокиот, темен, навистина медитерански изглед на млада жена.

Во возбудливото време кога Жилиет Греко го обликувала својот прв лик, сè на неа значело предизвик за буржоаската култура, невротичното повоено барање на среќата во материјалните добра, насилниот заборав и потиснатата одговорност за воените ужаси. Оние кои најмногу дале во војната за слобода, луѓето од левицата биле потполно исклучени не само од новата поделба на власта, туку и подрачјата на востановување на новите вредности и новите морални принципи. Горчината, иронијата, протестот биле основните облици на говор кои се развивале во првата голема повоена алтернативна култура. Жилиет ги пеела зборовите на своите пријатели, кои пишувале нови зборови слушајќи го нејзиниот длабок, провокативен, исто толку актерски, колку и пејачки глас. Вреди да се анализира тој лик, врамен во црно, бојата на жалоста: покриено е сè освен лицето – славниот бел тен на Жилиет Греко. Женската фигура е сведена на поглед, универзален човечки поглед на неодамнешно страдање. Смрт запишана во алузивни значења. Женската привлечност е сведена на очи и глас. Оваа свесна цензура, која бара размислување и сериозност, дијаметрално е спротивна од сликите кои истовремено ги нудела потрошувачката, особено американската култура – здрави, расположени, не особено вербални и не многу мислечки жени. Но не треба ни за миг да се самозалажуваме – покриена и таинствена, Жилиет Греко можеби била уште позаводлива во својот свет, а како што подоцна ќе се покаже – и за многу поширока публика. Поезијата што ја пеела од Рејмон Кено, Жак Превер, Борис Вијан, Жорж Брасанс, подоцна од еден млад поет и пејач осуден на кратковечност – Жак Брел, на љубовната песна ѝ давала повеќезначност и длабочина, кои Жилиет Греко умеела да ги искаже. Привлечноста и заводливоста на нејзиниот младешки лик се состоеле и во подразбирливо комплицираната, истовремено сурова и нежна љубов, љубов на вистински и возрасни љубовници кои немаат потреба меѓусебно да се опсипуваат со бесмислени стереотипи. Меѓу обожавателите на егзистенцијалистичката муза бил и Марлон Брандо, кој често по вечерта на пеење во некој бар, ја возел на мотор до дома. Нејзиниот култ бил потврден кога во случајно откриен подрум основала свој клуб, со име полно значење – „Табу“. Митот за „Табу“ бил толку силен што со години подоцна, туристите и обожавателите на париската историја го посетувале местото кадешто се наоѓал клубот. Кога мислиме на француската женска шансона, тогаш тоа се Едит Пјаф, за пошироките слоеви и Жилиет Греко, за оние со малку повисоки барања. Пјаф била мала, беспомошна, болна и во интервјуата немала нешто особено што да каже; Жилиет била самосвесна, независна, опасна и во интервјуата имала да каже многу работи. Да не заборавиме дека и двете носеле иста „работна униформа“ – црно. Кога во 80-тите години се појави книгата на спомени на Жилиет Греко, „Жижиб“, публиката сфати дека оваа жена не само што имала што да каже, туку тоа знаела да го каже со добар јазик, остар дух и со врвен талент за забележување, скапоцен за секој историчар на епохата за која пишувала.

Жилиет Греко и Мајлс Дејвис - романса уништена од расизмот

Неколку години по војната, возбудливоста и таинственоста на европската жена почнале да бидуваат интересни за Американците, така и Жилиет била повикана во Холивуд, каде веднаш направила скандал во некој ресторан заради американскиот расизам. Не треба да се заборави дека од 20-тите години на минатиот век па понатаму, многумина црни американски писатели и уметници свое уточиште и можност за работа наоѓале токму во Париз. Играла во неколку филмови, нејзиниот лик бил глобално познат, но тоа извесно не било нешто што за неа би претставувало успешна кариера. Додуша започнала долготрајна љубовна врска со оженетиот Дарил Занук, продуцент, од која потоа со мака се ослободувала. Но вистинската кариера на Жилиет Греко продолжила во Европа, во Франција. Поубава од кога и да е, со опериран нос, којшто еден од нејзините рани и несреќно умрени љубовници го сметал за малку предолг, таа завзела место меѓу шансониерите од највисока класа, повремено настапувајќи на театарската сцена и во филмовите. И тука се случува една од најинтересните страници на нејзиниот животопис: имено, Жилиет била исклучително популарна во...Јапонија. Бројот на нејзините албуми и плочи издадени таму ги надминува сите европски цифри на производство и продажба. Токму тука најдобро ја читаме „иконичноста“ на нејзиниот лик, ефектот на маска на подлога од текстил, кој толку добро се вклопува во јапонското чувствување на спектаклот, сценскиот ефект и конечно еротиката. Жилиет Греко настапувала дури и во исклучително традиционалната институција како што е театарот Но. Можеме да ја замислиме како кобен женски демон со длабок глас, лице без тело, кое би било претерано провокативно при таква еротска енергија. Во секој случај, Јапонците лесно во својата култура го впишале она што го претставувала Жилиет Греко.

Жилиет Греко претставува икона која може да се чита во различни култури и на различни начини, но која содржи некои многу важни конститутивни елементи на женската положба во француската култура. Станува збор за жена која, заедно со својот изглед, опрема, интелект дејствува можеби не во некаква прецизно одредена дисциплина, но секако со својата појава означува и продуктивно предизвикува одредена група – салон, клуб, револуционерно здружение. Во таквите групи, водечката интелектуална позиција ја имаат мажите, но „музите“ им се потребни за да подобро ги формулираат своите ставови, да ги откријат, или едноставно да ги преживеат. Но за разлика од, да речеме, надреалистичката муза, која главно молчела и позирала, егзистенцијалистичката муза ги обновува енергичните, талентирани и начитани музи на француските рационалисти од 18-от век, пред револуцијата. Кога пеела Жилиет, често на истата маса, во аголот седела една друга паметна и независна жена, авторка на клучната книга за жените во 20-от век, „Втор пол“, Симон де Бовоар. Во кафеаната „Кај двата мајмуни“, на булеварот Сен-Жермен и денес можете да седите на истата маса на која Симон, со утринска топла чоколада ги пишувала своите есеи. А ако имате малку среќа, некаде околу 2 часот ноќе, во локалот може да влезе и една постара дама со препознатлив поглед, со неизбежните шишки на челото – Жилиет Греко. Нејзината икона во стариот свет и денес ја означува женската независност, која не ги исклучува мажите, феминизам ублажен и скриен во заводливост, трепет на сериозното и одговорното во забавата и уживањето.

Извор: Женски икони на XX век, издание на „Темплум“, 2003.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото