Онолку сме луѓе колку што се грижиме за најугнетуваните

26.09.2020 18:51
  Онолку сме луѓе колку што се грижиме за најугнетуваните

Страшно е насилството врз Ромите што се виде пред некој ден, но уште пострашно е што бројни такви примери поминуваат незабележано секој ден.

Ромите се ситемски угнетувани со години, не само од полицијата, туку од сите сите државни институции, кои воопшто не водат сметка за нив, од политичарите, кои се сеќаваат на нив само пред избори, од многу граѓани, кои на нив гледаат како на најлошото нешто во нашето општество.

Затоа имаат и убедливо највисока сиромаштија и невработеност во државава, најлоши образовни резултати, најкраток животен век, а деловите кај што живеат тие немаат ни основни услови за живот, како канализација, водовод, здравствени установи, школи, градинки.

Протестите како денешниот во Битола мора се рашират насекаде, и по улиците, и во виртуелната сфера, како што се случува деновиве во Америка со Црнците. Мора постојано да се прави притисок, да се актуелизира прашањето и да се крева јавната свест, зашто само така можат да се направат вистински, суштински, системски промени во односот кон Ромите.

И ова нема врска со тоа дали сте за или против оваа власт. Ова има врска со тоа дали сакаме да живееме во општество кое ги третира еднакво сите свои членови и дали сметаме дека сите луѓе заслужуваат да имаат достоинствен живот.

Ова е всушност тест за тоа колку сме луѓе, зашто, онолку сме луѓе колку што се грижиме за најугнетуваните, а кај нас тоа се Ромите.

 Фотографија: romatimes.news