Во земјата на „џико секинин“

28.09.2020 00:41
Во земјата на „џико секинин“

Кога во април 2004 година вооружена група во Ирак го киднапираше Норијаки Имаи, сигурно не помислуваше дека после сѐ ќе биде предмет на кампања за обвинување во својата татковина. Потресен од атентатите од 11 септември 2001 година ова тогаш 18 годишно момче одлучува да им помогне на децата жртви на Втората заливска војна (2003-2011). Но, кога влезе во земјата, дваесетина вооружени мажи - припадници на групата „Бригада на муџахедините“, дотогаш непозната ирачка организација на отпорот - го киднапираше заедно со уште двајца Јапонци. „Нѐ обвинија дека сме американски шпиони“, се присетува денес Имаи. Тоа беше крај на неговиот хуманитарен проект и почеток на деветдневното затвореништво. По ослободувањето се лекува во болницата во Дубаи кога неговиот брат му носи страшна вест: „Против нас се води клеветничка кампања, тато ќе мора да даде отказ во знак на извинување.“

Имено, Имаи, од чија приказна е инспириран филмот Bashing, на режисерот Масахиро Кобајаши1, и затворениците кои беа со него се обвинети дека не преземале „лична одговорност“ (на јапонски џико секинин). Со оглед на тоа дека преземале ризик да одат во опасна земја, зошто сега владата мора да ги спасува со пари од своите даночни обврзници? „Навистина беа невнимателни. Сносат голем дел џико секинин“, ги обвинува Јурико Коике, тогаш министерка за животна средина, а во моментов гувернерка на Токио. „Самите одлучиле да одат во тој регион.“ Најголемиот дневен весник во Јапонија, Јомијури Шимбун во својот едиторијал пишуваше дека „мора да се сослушаат“ политичарите кои сметаат дека „жртвите мора да платат дел од трошоците“ за спасувачката операција2.

Илјадници писма го преплавија поштенското сандаче на семејството Имаи, нарекувајќи го ова момче „ограбувач на државната каса“ и дури бараа тој да се „убие“ за да преземе одговорност за своите дела. „Апсолутно ништо не разбрав од она што се зборуваше“, се присетува Имаи. „Зошто државата би ме напуштила кога нејзината улога е да ги штити своите граѓани?“ Тој исто така беше жртва на напад на еден од своите сограѓани, после што запаѓа во депресија заради што му биле потребни пет години за да се врати.

Виновни се и пензионерите

После оваа афера се зборува за џико секинин во речиси секоја дебата за општествените проблеми. Освен тоа што новинарите работат во опасни региони, како Имаи, овој израз се користи за да се осудат разни маргинализирани групи - самохрани мајки, бездомници, заболени од болести поврзани со начинот на живот (гојазност, рак на гради...), или жртви на сексуално насилство. Изгледа дека оваа практика „за да се обвини жртвата“ цврсто е вкоренета во општеството и влијае на највисоките државни нивоа. „Еден пријател ми рече: ’Зошто морам да плаќам придонеси за нега на луѓе кои пијат и не се занимаваат со спорт, а јас правам сѐ што можам за да бидам во форма?’ Мислам дека е во право“, изјави министерот за финансии Асо Таро во 2018 година3. Јасно е што се подразбира со тоа: ако сте дијабетичар, самите се виновни; морало да се потрудите да останете здрави.

Показател за тоа колку овој дискурс е вкоренет во општеството е и тоа што припадниците на овие групи ја интериоризираат вината и се осудуваат единствено себеси за „личниот неуспех“ - единствената причина за нивните неволји. „Речиси сите бездомници сметаат дека се одговорни за својата беда и дека не заслужуваат помош од државата“, открива Макото Јуаса, професор на Токискиот универзитет, активист во борбата против сиромаштијата веќе 25 години. „Се срамат да добијат помош. Многумина ја прифаќаат дури кога немаат друг избор“, се пожали Јуаса. Така во 2012 година 85 проценти од лицата кои остваруваат право на државна помош се откажале од истата4, додека во Франција тоа го направиле само 35 проценти5. „Можеме да кажеме дека џико секинин е антоним на зборот солидарност. Ако сте во неволја, самите сте виновни за тоа и никому не му е гајле за тоа. Значи, морате сами да се извлечете и не можете да барате помош од другите или од државните институции“, објаснува Шинтаро Наканиши, професор по социологија на Универзитетот Канто Гакуин во Јокохама.

Како омилена тема меѓу социолозите и филозофите, овој дискурс беше предмет на бројни студии. Авторите се сложуваат дека се роди со неолиберализмот и заострувањето на нееднаквостите во последните триесет години. Изразот џико секинин првпат се појави кон средината на деведесеттите во новинарските колумни и публикациите на државните органи. Јапонија штотуку помина низ една од најголемите финансиски кризи во својата историја, предизвикана од падот на вредноста на недвижнините и пукањето на финансиско-шпекулативниот меур. Во 2002 година, официјалната стапка на невработеност, првпат после 1948 година, го надмина прагот од 5 проценти; стапката на корисници на државна помош, нешто како социјален додаток кој гарантира минимален приход, се искачува на 40 проценти помеѓу 1992 и 2002. Сукцесивните влади постепено ги ублажија законите поврзани со кратките и прекарните вработувања, таканаречени хисеики (нередовни). Бројот работници со вакви договори од 9,5 милиони се искачува на 14,5 милиони во истиот период. Во 2003 година бројот самоубиства достигнува речиси 34 427 што претставува зголемување од 56 проценти во однос на 1992 година.

Економскиот стратешки совет, советодавно тело на премиерот со големо политичко влијание, тврди дека е неопходно да се промени социјалниот модел кој се смета за премногу рамноправен, односно, главна причина за економското слабеење на земјата. Членовите на советот, меѓу кои се Хироши Окуда, претседателот на Тојота и синдикатот на работодавачите Каиданрен и Хеизо Такенаке, познатиот либерален економист, сакаат да создадат „компетитивно, здраво и креативно општество“ зансовано на „лична одговорност [џико секинин] и залагање за сопствениот успех“6. Со тоа се промовира нов социјален модел кој се темели на способни поединци кои знаат да преземат одговорност за своите постапки.

Следен со фалби за меритократијата и отфрлање на егалитаризмот, нешто што безброј пати го повторуваа Советот, економистите и медиумите, изразот џико секинин малку по малку се одомаќини кај населението. Социологот Кенџи Хашимото, од Унирезитетот Васеда во Токио, смета дека економската елита, сопствениците и раководителите на претпријатијата, се особено воодушевени од овој тренд. „Џико секинин помага да се избрише чувството на вина заради зголемувањето на нееднаквоста. Благодарение на овој дискурс елитите можат да кажат: ’Успеавме благодарение на сопствениот труд’“, тврди Хашимото. Ваквото размислување го следи презир кон сите кои не успеале. „Тие сметаат дека луѓето паѓаат во сиромаштија зашто се мрзеливи. Самите се виновни“, заклучува.

Недостатокот на значаен отпор кон овој феномен се објаснува и со историски причини. Според Киношити Мицуо, истражувач од Универзитетот во Нари, властодршците од периодот Едо (1600-1868) „сметале дека сиромаштијата кај народот е проблем кој е во надлежност на селата. Дури на крајот на војната во Пацификот, под притисок на сојузничките сили во 1946 година, Токио најпосле донесе закон во кој се споменува одговорноста на државата да ги згрижи најсиромашните. Од историски аспект, идејата дека власта има обврска да ги заштити граѓаните од сиромаштија никогаш не се вкорени во јапонскиот менталитет“. Оваа обврска на државата, напишана во уставот, може „мошне лесно да падне во заборав“, засенета од вредностите како што се автономијата и меритократијата, кои традиционално се ценети во Јапонија.

Покрај тоа, дискурсот на поддржувачите на џико секинин го следи мешавина од омраза и прекор кон оние што негодуваат. „Бидејќи на сите им е тешко да живеат според тој принцип, поддржувачите сметаат дека е себично да не се понесе товарот како сите други и да се бунтува против општеството“, продолжува социологот Наканиши. Според нивното гледиште, оние кои се борат против некој општествен проблем им припаѓаат на привилегираните кругови и не заслужуваат да бидат сослушани зашто „личноста која навистина живее во беда нема ни време ни средства за спротивставување“. Затоа овој дискурс се користи и затоа на жртвите на социјални проблеми постојано им се повторува: „Самите сте виновни!“

Поминаа 15 години од дивјачкиот напад на социјалните мрежи врз Имаи. Петнаесет години сѐ поголема несигурност за вработените. На хоризонтот се наѕира нова опасност, подеднакво разорна како економската криза која, парадоксално, би можела да го сруши владеењето на џико секинин: стареењето на популацијата.

Во 2035 година секој трет Јапонец ќе има повеќе од 64 години, а активната популација ќе се намали на 10 милиони. Со веќе рекорден долг од 250 проценти од БДП, владата ги вложува сите расположливи средства за да го забави зголемувањето на трошоците за социјална заштита, кои би можеле да надминат 1 500 милијарди евра во 2040 година7. Заради прекарноста, нивото на пензиите е во пад. Од 2004 до 2016 година износот на пензиите за еден брачен пар е намален за 5 проценти во апсолутна вредност. Стапката на сиромаштија кај постарите од 65 години уште во 2016 година изнесуваше 19,6 проценти и е една од највисоките во земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД)8.

На тоа треба да се додаде и стагнирањето на платите, една од најголемите последици од експлозијата на бројот прекарни работници, што сега веќе изнесува 40 проценти од вработените. Според економското списание Никеи, вредноста на работниот час во приватниот сектор опадна за 9 проценти помеѓу 1997 и 2017 година9. На претпријатијата ова не им е доволно. „Моделот на доживотно вработување сигурно ќе исчезне. Наскоро сите ќе работат привремено на реализација на точно одредени задачи“, објаснува Јошихиса Масаки, директор за планирање на вработувањата во Кеиденран. Прашан за заострувањето на нееднаквоста која ќе го создаде тоа, непоколебливо одговара: „Поспособните ќе заработуваат повеќе“. Меѓутоа, признава дека „веќе нема да живееме во свет каде сите ќе имаат исто ниво на живот.“

Иронијата на историјата е дека таа мрачна иднина веројатно ќе означи крај на дискурсот за џико секинин. Доживотното вработување и коректната пензија беа дел од безбедносната мрежа која денес е речиси сосема уништена. „Освен оние кои цел живот се вработени во некое големо претпријатие, кога ќе почнат да добиваат пензија, сите може да западнат во сиромаштија“, анализира социологот Хашимото. Значи, огромно мнозинство Јапонци кои водеа нормален живот и немаат ништо што можат да си го префрлат себеси, сигурно значајно ќе го промени ставот. „Дури и најголемите поддржувачи на џико секинин ќе сфатат дека веројатно голем дел од нив ќе се најдат во беда. Ќе мора да признаат дека не биле во право. Во таа смисла, стареењето на популацијата ќе ги уништи темелите на џико секинин“, уверен е социологот. Мошне оптимистично тврдење...

Кога станува збор на Имаи, тој основаше непрофитна организација за помош на адолесценти исклучени од школскиот систем „особено ако се од сиромашни семејства зашто тие се во најголема опасност од изолирање“, објаснува тој. „Често се жртви на генерациско насилство и немаат никаква поддршка, ни од родителите ни од професорите“. Како некогашна жртва на клеветничка кампања и натаму е чувствителен на нивната појава: „Во Јапонија, ако младите не го следат зацртаниот пат, жестоко се критикувани. Меѓутоа, многу често само им треба подобро опкружување во кое нивните таленти би дошле до израз.“ Неговата организација ги поврзува овие млади со претпријатијата. „Тоа би требало да биде должност на државата, но не е така“. На овој начин тој му се спротивставува на џико секинин, дискурсот која ја уништи младоста на човекот кој тежнее да создаде „солидарно општество“.

Јута Јагишита е новинарка од Токио.

(1) Масахиро Кобајаши, Bashing, претставен на Канскиот фестивал 2005 година, во Франција прикажан во 2006.
(2) Шимбун Јомиури, Токио, 19.04.2004.
(3) Јотаро Хамада, „Дали дијабетесот укажува на лична одговорност? Болести настанати заради начинот на живот“ (на јапонски); според списанието Асахи Шимбун, 30 март 2019, www.asahi.com
(4) Кенсаку Томуро, „Стапката на сиромаштија, стапка на сиромашни работници“ (на јапонски), студија на департманот за Право и економија на Универзитетот Јамагата, април 2016.
(5) Силвен Шарерон, „Pauvrete et non-recours aux dispositifs sociaux", Economie et prevision, бр. 2013, Париз 2019.
(6) „Стратегија за економска ревитализација на Јапонија“ (на јапонски), извештај на Стратешкиот економски совет, достапен на сајтот на Националниот институт за истражување на населението и социјалната сигурност, 26 февруари 1999, www.ipss.go.jp
(7) „Japan's daunting long-term social welfare costs", Japan Times, Токио, 24 мај 2018.
(8) „Panorama de la societe 2019", OECD, Париз, 2019.
(9) „Пад на дневницата за 9 проценти“ (на јапонски), Никеи, Токио, 19 март 2019.

Слики: Kei Imazu

Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото