На плимата на новофашистичките климатски промени

28.09.2020 14:12
На плимата на новофашистичките климатски промени

Ја изгледав повеќепати матната црно-бела снимка, искорната веројатно од старите воени филмски новости, од седница на бугарскиот парламент, пролетта 1941 година. Претседателот на собранието го најавува обраќањето на премиерот Филов по повод „заземањето од страна на бугарската војска и администрација на новоослободените бугарски земји“. Се пробива Филов низ екотот од еуфоричното одобрување на народните пратеници и говори: „Целиот бугарски народ денес гледа како се остваруваат неговите идеали за создавањето на една моќна и обединета Бугарија, од Дунав до Белото море и од Охрид до Црното море!“ Ураа, ураааа, го прекинуваат пратениците говорот, додека од френетичното аплаудирање и хорското ура на делегатите буквално се тресе и камерата и целото собрание. Премиерот зема здив и продолжува: „Бугарскиот народ секогаш ќе искажува најголема благодарност и големо признание кон силите на Оската и кон нивните големи водачи Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, кои го остварија обединувањето на Бугарија. Овие чувства ќе се особено силни кон Германија, чии војски дејствуваа во Македонија и во Беломорието и кои на тој начин беа непосредните ослободувачи на овие бугарски земји“. Урааа, ураааа, татни снимката до задушување и затемнување.

Се разбира, не сум во можност да ја проверам автентичноста на снимката, но претпоставувам дека – како и во случај на современите вмровски фашистички свињарии – бугарските реакции на доказите за нивната страсна плотска љубов со фашизмот би биле дека се работи за „сечени, лепени и монтирани снимки“. Речиси неверојатно, но гледајќи ја снимката, комбинирана во мојот напатен мозок со скорешните бугарски инсистирања дека нивното „администрирање“ со македонските територии од 1941 до 1944 година не само што немало никаква врска со фашизмот, туку дека и поимот „окупација“ може да биде употребен само како злосторничко-комунистичка пропагандна лага за разгорување на антибугарската омраза кај нас неосвестените македонски Бугари со испрани мозоци и србизиран и искварен (прекодификуван) бугарски дијалект; велам, гледајќи ја снимката, во свеста не ми се разбуди некаква јасна мисла, или револт или што годе умно и пригодно, туку ми изби еден многу стар бугарски виц, што очигледно самиот си го прокрчил својот пат од темнините на мојот заборав.

Вицот што е моќна вистина

Вицот, раскажан на пролупан кобожем-бугарски – во форма која, по чудо, преживеала половина век под површината на моето сеќавање – оди вака некако… Разговараат двајца сериозни мажи, доволно блиски за да расправаат за есенцијални животни прашања, кога сред разговорот едниот го прашува другиот: а ти, братец, некогаш ебал ли си педер? Не, нее, одговара категорично прашаниот, никогаш во сиот живот… па се замислува, погледнува нагоре, ја поткрева веѓата и додава: обаче, ебал сам един којто ебал педер.

Признавам, почитувани читатели, дека вицот е вулгарен и политички некоректен, но морав да го кажам токму како што го запаметив уште од далечното и мрачно доба на некоректноста. Но признајте и сами: се работи за ингениозна вицовска умотворина, во која освен совршениот хумор опстои и моќна вистина за човечкиот мозок, вистина што може да осветли цели национални митологии и колективни самоилузии. Конечно, не ми исплива тој случајно и од никаде, туку по патиштата на моќна и таинствена асоцијација. Зашто, ништо толку добро не може да ја разоткрие неверојатната ментална операција со која цели народи – или нивни големи делови – можат да се амнестираат од сторените дела или злодела, и тоа да го прават без напор, или барем со толку напор колку што е потребно за да се потпридигне една веѓа.

Но бугарската срамна ревизија на историјата на 20 век, која не случајно зема замав последнава деценија – и „весла“ во истото кајче и во истата насока како и нашиот домашен вмровски историски ревизионизам – не е во никој случај осамена појава, зашто и бугарските и вмровските историски опортунисти се научени да веслаат само низводно, со глобалниот бран, со надоаѓачката плима на фашизмот што го плави не само европскиот (заборавено) мрачен континент, туку се излива буквално на сите континенти. Колку што успевам да избројам, засега во поплавата на десничарскиот популизам, нелиберален капитализам или авторитаризам, не зацапал уште само Антартик, а како што тргнало, ќе видиме уште колку и тој ќе додржи.

Срамната профашистичка Резолуција

Нема подобар доказ за кажаново од Резолуцијата со наслов „Важноста на европските сеќавања за иднината на Европа“ што Европскиот парламент ја донесе на 17 септември минатата година, по повод 80-годишнината од отпочнувањето на Втората светска војна, на која деновиве бучно се повикуваат бугарските европарламентарци и членови на владата. За што се зборува во Резолуцијата, ќе прашате, почитувани читатели. За тоа веќе пишував: во резолуцијата е пласирана најгнасната историска ревизија со буквално чудовишни лаги за основните факти за Втората светска војна: кој и кога ја започнал, што ја предизвикало, кој бил агресор и злосторник во најзлата и најсмртоносната од сите војни, а кој се борел против него, и конечно, кој го победил агресорот и најголемиот злосторник на сите времиња и ја ослободил Европа?

Во Резолуцијата, фашистите и антифашистите се потполно изедначени, а победата над фашизмот од страна на Црвената армија се претвора во здружена и континуирана окупација на Европа од страна на нацистите и комунистите. Во новите европски „сеќавања“ фашизмот – како зло што ја поклопи безмалку целата планета, а Европа ја претвори во фашистички континент – воопшто не постои; она што го зацрни светот во Резолуцијата се здружениот комунистички и нацистички тоталитаризам!? Резолуцијата како да ја пишувал доктор Гебелс лично, кој по чудо ја преживеал војната, па денес, во позна старост се присеќава како фашизмот победил во Втората светска војна и среќно е на власт на целава планета, до денешно време и за век и веков.

Конечно, еден од основните факти за Втората светска војна е дека во периодот 1933 – 1939, додека светскиот либерален капитализам со симпатии гледаше кон фашистичкиот команден капитализам, единствени политички сили во Европа што повикуваа на здружување и борба против фашизмот беа комунистичкиот Советскиот Сојуз и европските комунистички движења и партии. И, потоа, во целата фашистичка Европа, единствените ефикасни движења на отпорот беа водени од комунистичките партии, а победата над Хитлер и фашизмот беше остварена, пред сè и повеќе од сè, со воените напори и крвта на војниците на Црвената армија, кои се вистинските ослободители на Европа. Но, во Резолуцијата за „Важноста на европските сеќавања за иднината на Европа“ овие основни факти за Втората светска војна воопшто не се ни факти – тие не постојат, а на нивно место стојат нови и свежи антикомунистички и профашистички „факти“ што треба да ни ја одредуваат иднината!

Последниве пасуси ги напишав пред една година по повод донесувањето на срамната профашистичка Резолуција, на која упорно и гласно, со јарост на праведници, се повикуваат и нашите бугарски соседи. Дното – а воедно и суштината – на приказната е дека македонската држава е комунистичка и антифашистичка рожба на Втората светска војна, и дека и ние – кретени – под вмровска власт и опортунистичко политикантство сите учествувавме во современата профашистичка ревизија на сопствената историја, недоволно свесни дека ништењето и маргинализацијата на комунистичкиот период на македонската државна и културна историја е множење со нула и на сето и единствено реално македонско. На македонската државност, нација, култура и јазик. Бугарите само го препознаа историскиот момент, кога и светските и европските и нашите домашни вмровски братја веслаат низводно, следејќи го бранот на 21-вековните новофашистички климатски промени. Како човек да им замери на историскиот опортунизам?

 

Слики: José Rodolfo Loaiza Ontiveros

Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото