Милијардерот што сакаше да умре шворц сега е официјално во банкрот

28.09.2020 16:42
Билионерот што сакаше да умре шворц сега е официјално во банкрот

 

Потребни беа неколку децении, но Чак Фини (Chuck Feeney), поранешниот милијардер, коосновач на малопродажниот гигант Duty Free Shoppers, конечно ги даде сите пари за добротворни цели. Сега нема ништо – и никогаш не бил посреќен.

Чарлс Чак Фини, 89, коосновач на аеродромската малопродажна мрежа Duty Free Shoppers заедно со Роберт Милер во 1960, насобра милијарди додека истовремено живееше живот со монашка штедливост. Како филантроп, бил првиот што се залагал за идејата „Давај додека си жив“ трошејќи го поголемиот дел од богатството на големи, директни добротворни акции, наместо да финансира фондации после смртта. „Кога не можеш да го земеш со себе, зошто да не дадеш сè, имајќи контрола над тоа каде оди и да ги видиш резултатите со свои очи“, вели Фини.

„Многу научивме. Некои работи сега би ги направиле подобро, но задоволен сум. Се чувствувам многу добро што го надгледував комплетирањето на процесот“, вели Фини. „Се заблагодарувам на сите што ми се придружија на ова патување. И на оние кои се љубопитни за идејата за давање додека си жив – пробајте, ќе ви се допадне.“

За време на последниве четири децении Фини донираше повеќе од 8 милијарди долари на добротворни организации, универзитети и фондации низ светот преку неговата фондација, Atlantic Philanthropies. Кога прв пат го запознав во 2012, тој имаше проценето дека треба да тргне настрана 2 милиони долари за пензијата за себе и за својата сопруга. Со други зборови, дал 375.000% повеќе пари од неговата моментална нето вредност. И ги дал анонимно. Додека многу богати филантропи најмуваат армии новинари да известуваат за нивните донации, Фини многу се трудел да ги држи своите дарови во тајност. Поради тоа Форбс го нарекле Џејмс Бонд на филантропијата.

Фини, човекот што насобра богатство продавајќи луксузни стоки на туристи, живее во Сан Франциско во дом скудно опремен како студентска соба. Кога го посетив пред неколку години на ѕидовите висеа испринтани фотографии од пријателите и семејството. На обичната дрвена маса стоеше мала плакета на која пишуваше: „Честитки до Чак Фини за филантропското дарување на 8 милијарди долари“.

Таков е Фини – скромен профил, огромен придонес. Сега кога веќе не е тајна, неговото екстремно добротворство ги придвижи и другите влијателните претприемачи и филантропи. Неговата впечатлива великодушност и инстинктивните придонеси влијаеле врз Бил Гејтс и Ворен Бафет кога во 2010 ја лансираа кампањата the Giving Pledge (Ветување за дарување), агресивна кампања која имаше за цел да ги убеди најбогатите во светот да дадат барем половина од своето богатство, пред смртта. „Чак беше една од главните инпирации за the Giving Pledge“, вели Ворен Бафет, „Тој е модел за сите нас. Ќе требаат уште 12 години после мојата смрт за да биде направено она што тој го направи за време на својот живот“.

Фини даваше големи пари за големи проблеми – без разлика дали се работеше за остварување мир во Северна Ирска, модернизирање на здравственот систем на Виетнам, или трошење 350 милиони долари за да го претвори долго запоставуваниот њујоршки Рузвелтов остров во технолошки хаб. Тој не сакаш да дава подароци после смртта или да воспоставува наследен фонд што годишно ќе троши ситни пари на евтини проблеми. Тој ловеше каузи во кои можеше да има драматично влијание и одеше на сѐ или ништо.Чак и Хегла Фини ги потпишуваат документите со кои ја затвораат својата фондација после четири декади глобално дарување

Во 2019, работев со Atlantic Philanthropies на извештај насловен Zero Is the Hero, фраза што го сумира децениското давање на Фини со цел да банкротира. Иако содржи стотици броеви статистики и податоци, Фини ја сумира својата мисија во неколку реченици: „Не гледам причини да го одлагам давањето кога толку многу добро може да биде постигнато преку поддржување на вредни каузи. Освен тоа, многу е позабавно да даваш додека си жив, отколку да даваш откако ќе умреш.“

На 14 септември 2020 Чак Фини, со сопругата Хелга Фини, ја комплетираа четиридецениската мисија и ги потпишаа документите во Сан Франциско со кои ја затворија филантропската организација Atlantic Philanthropies. Церемонијата, реализирана преку Зум со бордот на Atlantic Philanthropies, вклучуваше и видео порака од Бил Гејтс и поранешниот гувернер на Калифорнија, Џери Браун. Ненси Пелоси испрати официјално писмо од Конгресот на САД заблагодарувајќи му се на Фини за неговата работа.

На својот врв, Atlantic Philanthropies имаше над 300 вработени и десет глобални канцеларии во седум временски зони. Конкретниот датум на затворање беше поставен пред многу години како дел од неговиот долгорочен план за остварување крупни донации со поставување цврст рок за давање на сите пари и за затворање. Рокот на 2020 додаде на итност и дисциплина. Им даде на Atlantic Philanthropies време да ја документираат својата историја, да ги проценат своите победи и загуби и да создадат стратегија што ќе може да ја следат други институции. Како што ми рече Фини во 2019: „Нашето давање е базирано на можностите, не на план да се остане во бизнисот долго време“.

Додека неговата филантропска организација е надвор од бизнисот, неговото влијание одекнува низ светот благодарение на неговите големи придонеси во здравството, науката, образованието и општествената акција.

Каде отидоа 8 милијарди долари? Фини дал 3.7 милијарди долари на образование; повеќе од 870 милиони долари за човекови права и општествени промени; 62 милиони долари за повлекување на смртната казна во САД; 76 милиони долари за грасрутс кампањи за поддршка на Obamacare; дал повеќе од 700 милиони долари во здравството, од кои 270 милиони долари како грант за подобрување на здравството во Виетнам и 176 милиони долари како подарок за Институтот за глобално мозочно здравје во Универзитетот во Калифорнија.

Еден од последните подароци на Фини, 350 милиони долари, за универзитетот Корнел да изгради технолошки кампус на Рузвелтовиот остров во Њујорк, е класичен пример за неговата филозофија на дарување. Иако озлогласено скржав во сопствениот живот, Фини бил подготвен да троши на големо и лично да банкротира во име на општествениот придонес.

Извор: Форбс