Моја Европа: Копнеж за слобода, рамноправност, правна држава

29.09.2020 11:36
Моја Европа: Копнеж за слобода, рамноправност, правна држава

 

Извор: Дојче веле

Во последните десетина години во Европа се шири фама околу таканаречениот популизам. Особено во земјите на истокот и на југоистокот од ЕУ се засилија силите кои се нарекуваат популистички. Попрецизно тоа би можело да се каже дека во регионот од Полска до Бугарија и во земјите од западен Балкан кои имаат статус на кандидати за членство во ЕУ, на власт дојдоа речиси без исклучок оние политичари кои владеат авторитарно и автократски, односно луѓето кои во најмала рака се зајадливи кон демократијата и нејзините институции, односно ги презираат.Т ие пропагираат националистичка политика, делумно етницистичка и политика на суверенизам, и под закрила на овој идеолошки плашт инсталираа корумпирани клиентелистички состави.

Загриженост и несигурност

Тој развој пред сѐ го овозможија бројни кризи кои следеа една по друга, кризи кои ЕУ ги доживеа во изминатата деценија и половина. Притоа, подемот на лидерите како унгарскиот премиер Виктор Орбан од една страна предизвика голема загриженост меѓу симпатизерите на демократијата и на правната држава, но од друга страна доведе и до длабока несигурност. Многу европски интелектуалци ги „нагризуваат“ големи политички сомнежи.

Тие повеќе или помалку ја преиспитуваат и либералната демократија, проектот на европското обединување или универзалноста на човечките и граѓанските права. Се зборува јавно и за нов јаз меѓу Исток и Запад, за нова Железна завеса, за наводно различни менталитети и други културно-политички традиции.

Сите оние кои внимателно и со доволно упорност го следат развојот во средна и во југоисточна Европа, не можат а да не дојдат до заклучок дека мнозинството од таквите набљудувања и заклучоци не се прецизни или се површни - а некои едноставно се погрешни. Три десетлетија по падот на комунистичките диктатури, средно-источна и југоисточна Европа се наоѓаат можеби пред нов пресврт: во изминатите две до три години во речиси од секоја од овие земји во регионот се случија големи цивилни протести против авторитарните и корумпирани лидери. Многу избирачи на изборите гласаа за завршување на анти-демократските развои во своите земји. Средна и југоисточна Европа, тоа се денеска делови од нашиот континент во кои луѓето најсилно се залагаат за демократија и за правна држава.

Заеднички именител на протестите

Поводи за протестите и изборните преврати во регионите беа и се различни, но тие се движат од згрозување за конкретни случаи на злоупотреба на власта, па сѐ до незадоволство кое се собирало веќе подолго време. Сепак, сите тие имаа еден заеднички именител: граѓаните и граѓанките - некогаш тоа беа студенти, некогаш пензионери, а некогаш работници и културни работници и често сите заедно - сакаат слобода, рамноправност и владеење на правото.

Слобода на изразување на сопственото мислење - без страв од губење на работното место. Вистинска рамноправност во здравствениот и образовниот сектор, наместо привилегии и перспективи само за избраните. Право и закони кои вредат за сите еднакво, наместо корумпирано правосудство и аболиција на моќниците - доколку се обогатиле на сметка на целото општество.

Најновите примери за протести и изборни преврати стигнуваат од Бугарија, членка на ЕУ, и од Црна Гора, која има статус на ЕУ-кандидат. Во Бугарија над два месеца десетици илјади луѓе на улиците протестираат потив системот на премиерот Бојко Борисов. Тој во странство е на глас како класичен конзервативец и про-европеец. А во реалноста Борисов во својата земја во изминатото десетлетие инсталираше режим кој значително ги надминува антидемократските и антиевропските трендови во Унгарија и во Полска. По еден особено драстичен случај на кршење на законот и злоупотреба на власта, многу Бугари бараат ни помалку ни повеќе туку темелна промена на системот во насока на демократска и правна држава - која навистина го заслужува тоа име.

Невозможното стана возможно

Истото важи и за Црна Гора. Долгогодишниот властодржец таму, Мило Ѓукановиќ, моментално претседател на земјата, беше еден од првите во Европа што воспостави автократски и корумпиран клиентелистички систем. Можноста тој да ги загуби изборите се чинеше апсолутно нереална. Но, сега изгледа успеа она што се чинеше невозможно: на парламентарните избори на крајот на август, Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ беше поразена, и покрај сите нечесни игри, манипулации и фалсификати.

Ова е првпат во историјата на Црна Гора еден властодржец да биде „отстранет“ од власта на демократски и мирен начин. Иако Црна Гора е најмалата земја во регионот, важноста на сигналот испратен од овие избори за регионот на Југоисточна Европа не може да се нагласи на доволно адекватен начин.

Други актуелни или неодамнешни примери се протестот на унгарските студенти на филмската и театарска академија - протест против „окупацијата“ на нивниот универзитет од страна на тело управувано од владата. Или протестите против „корона-диктатурата“ на претседателот Александар Вучиќ во Србија. Или чешкото движење „Милион моменти за демократија“. Во Словачка, атентатот врз новинарот Јан Куцијак и неговата вереница резултираше во бунт на граѓаните, кој на крајот доведе до пад на корумпираниот режим на Роберт Фицо и неговата партија.

Не толку одамна, пред една деценија, луѓето во централна и во југоисточна Европа излегуваа на улиците со знамиња на ЕУ во рацете. Тоа се промени во последните години. Никаде во регионот на протестите повеќе не може да се види синото знаме со жолти sвезди како позитивен симбол. Бидејќи Европската унија се претвори од мотор за демократизација на регионот во нејзин кочничар.

Разочарување од Европската унија

Луѓето во регионот се длабоко разочарани од тоа што политичарите и дипломатите на ЕУ редовно молчат за протестите, дека продолжуваат да се плеткаат со моќниците во регионот и речиси секогаш одбиваат да се состанат со претставници на граѓанските движења. Луѓето исто така се разочарани што Брисел и Берлин немаат слух за околностите во кои се одвиваат нивните животи: имено, тие живеат во системи кои угнетуваат, понижуваат, системи кои буквално на многу луѓе им ја крадат можноста да ги креираат своите животи на начин на кој тие сакаат. - слободно и достоинствено.

За разлика од Брисел и Берлин, во многу делови на централна и на југоисточна Европа денес, повторно, е потребно многу храброст да се искаже сопственото мислење или да се протестира на улица. Да, па дури и за заокружување на гласачкото ливче на „вистинското“ место. И затоа не може да им се даде доволно признание на луѓето кои се борат за промени во нивните земји во овој регион. Тие се сјајни примери. И тие го заслужија вниманието и поддршката од другите делови на нашиот континент.