Како да посакам живот каков што (објективно) не сакам?

29.09.2020 23:20
Како да посакам живот каков што (објективно) не сакам?

Ако комплетната ситуација со пандемијата остави последици по вашата концентрација, тогаш и вие, како мене, сигурно имате проблем покрај работата и обврските, да се „задлабочите“ во читање на и онака сериозната литература, или да им се посветите на хобијата кои бараат фокусираност и внимание. Се надевам дека во тој случај не сте престроги кон себеси и сте сфатиле дека е сосема во ред да се прочита и „книжевна лимонада“, чисто за да не го изгубите чувството. Особено ако се покаже дека тоа што го читате воопшто не е лесно и питко четиво, туку повторно потврдено правило дека вистинската книга ќе ве најде во вистински момент.

Животот никогаш не е совршен. Сите ние живееме еден вид опција Б. Ако опцијата А е невозможна, ајде да „уживаме“ во опцијата Б!

Токму тоа е пораката на книгата „Опција Б“ на авторката Шерил Сендберг, инаку главен менаџер во компанијата Фејсбук. Оваа книга ја напиша после трагичната смрт на сопругот Дејв Голдберг, директор на компанијата SurveyMonkey. Во воведното поглавје Шерил ја отвора душата и ги опишува болката, шокот и ужасот кои следеле кога го нашла мртвиот сопруг на подот на теретаната за време на одморот со пријателите во Мексико. Меѓутоа, последното поглавје ја буди надежта со насловот „To Love and laugh again“. Не е лесно да се чита оваа книга, но таа впрочем е длабоко оптимистична.

„И така почна остатокот од мојот живот. Беше - и остана - живот кој никогаш не би го избрала, живот за кој бев сосема неподготвена...“

Како ко-автор се наведува познатиот професор и организациски психолог Адам Грант, инаку семеен пријател, кој ѝ пружил поддршка на Сендберг во најтешките моменти од тагувањето. Повикувајќи се на научни резултати и трауматски приказни на други луѓе, двајцата дискутираат за разни трауматски искуства како што се природните катастрофи, војните, терминалните болести па и губењето работа. Како типична бубалица, Сендберг најде спас и надеж во статистиката, книгите и резултатите од научните истражувања.

„Кога некој ќе ти ги претстави јасните чекори што можеш да ги преземеш, оние кои ги проучувале научниците и за кои знаат дека се корисни - за мене тоа беше сѐ на светот.“

Во поглавјето „Kicking the Elephant Out of the Room“, пишува дека загубата често е „слонот во собата“ кого сите го игнорираат. Луѓето се плашат дека ќе кажат нешто погрешно или дека самото спомнување на загубата ќе ја наруши и онака лабилно емотивната состојба - особено доколку и самите не доживеале нешто слично. Сендберг признава дека претходно ја правела истата грешка и избегнувала интеракција со луѓе кои тагуваат (да ги заштити нив... или себеси) и нуди совети како правилно да се постават.

Во прашање се сосема мали нешта. Наместо прашањето дали можеме некако да помогнеме, едноставно помогнете - исперете ги алиштата, донесете вечера. Наведува пример од пријател кој најмногу ѝ помогнал така што наместо „Дали си гладна?“ прашал „Што не сакаш во плескавицата?“ На тој начин ѝ дозволил да одлучи што сака со плескавицата, пријателот ѝ пружил малку чувство на контрола над животот за кој делувало како да го изгубила сосема. Ако речеме „кажи ми ако можам некако да помогнам“, го префрламе товарот на личноста што тагува, која можеби не ни знае што ѝ е потребно во тој момент.

Клиничкиот психолог Сузан Силк, ја разви теоријата на прстените за да им помогне на луѓето да го „избегнат изговарањето погрешни нешта“ во тешки ситуации. Медотот е едноставен: во круг се пишуваат имињата на луѓето кои се во центарот на трагедијата, потоа околу него се црта поголем круг и се пишуваат имињата на луѓето кои се многу погодени од трагедијата, но помалку од луѓето во центарот. Круговите понатаму се цртаат од позиција на луѓето во однос на „блискоста“ со трагедијата. Адам Грант нацртал такви кругови за Сузан и ѝ објаснил дека каде и да се наоѓаш во кругот, бараш утеха од оние од надворешните кругови, а им пружаш утеха на луѓето внатре. Правилото гласи - биди им рамо за плачење на луѓето кои се поблиску до трагедијата од тебе, а барај поддршка од оние кои се надвор од тој круг (Comfrot IN, dump OUT). Во нејзиниот случај, во самиот центар биле нејзините деца.

Додека се грижела дали таа и децата ќе го преживеат сето тоа, Грант се повикал на концептот на резилиентност и ја научил дека не стануваме резилиентни за себе, туку за другите. Потоа ѝ цитирал илјадници студии кои покажале дека децата и возрасните побрзо закрепнуваат од траумата кога ќе сфатат дека тешкотиите не се нивна вина, дека не влијаат на секој аспект од нивниот живот, и дека нема да ги следат засекогаш. Впрочем, се работи за „трите П“ кои го забавуваат опоравувањето, а чиј творец е Мартин Селигман: персонализација (personalization) - уверување дека сами сме си го предизвикале проблемот; сеприсутност (pervasiveness) - уверување дека настанот ќе влијае на сите аспекти од нашиот живот, и постојаност (permanence) - уверување дека последиците ќе останат засекогаш.

На самиот почеток, кога ја „откриле“ резилиентноста, психолозите сметале дека постојат две насоки - или трагедијата ќе те „скрши“ или ќе се вратиш во состојбата од пред настанот. Впрочем, голем број луѓе тргнуваат во сосема трета насока, и не само што ќе се вратат во претходната психичка состојба туку ќе доживеат позитивна промена заради негативниот настан. Тоа не значи дека тагата исчезнува, или дека некој ѝ се радува на несреќата, туку токму заради негативните емоции доаѓа до подобрување на животот во смисла на пронаоѓање на сопствената сила, благодарност, откривање дополнителна смисла на животот, согледување нови можности. Шерил смета дека тргнала по тој пат.

„Посттрауматскиот раст не значи дека севкупното искуство станало позитивно. Сиот тој раст би го заменила ако се врати Дејв. Но се зближив со родителите. Имам подлабоки врски со пријателите. Поблагодарна сум. Имам широка перспектива“, објаснува Шерил.

Да бидеме објективни, а и таа е искрена во тоа, сите луѓе немаат такви достапни ресурси за надминување како Шерил - емпатичен и поддржувачки шеф како Марк Цукерберг, финансиска стабилност, терапевт како Адам Грант или можност да ги одведат децата на лансирање на ракетата SpaceX како лични гости на Илон Маск, за на момент да ги свртат мислите. Не постои еден пристап кој им одговара на сите, еден начин повторно да се разбуди радоста и да се изгради резилиентност. Но во оваа книга ќе пронајдете илјада совети, инспиративни приказни, и барем во една лично ќе се пронајдете.

Во време на пандемија, време на стрес, загуби, сите на некој начин ја изгубивме опцијата А. Тогаш, дали не е совршена мантрата - „Ајде да уживаме во опцијата Б!“

Слики: Sally Jerome

Извор: http://www.psihobrlog.com

ОкоБоли главаВицФото