Скапоцени чевлиња од зборови

30.09.2020 01:38
Скапоцени чевлиња од зборови

(кон „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“ од Елизабета Баковска, Скопје: Или-или, 2020)

Збирката раскази „Во главата слушам песна“ од писателката Елизабета Баковска има поднаслов лирски рефрени. Секој од овие куси раскази завршува со име на песна и нејзиниот изведувач, во исклучително широк распон на музички жанрови, стилови и исполнители, од Бапчорки, Васка Илиева, Диме Поповски, Ана Костовска и Мизар, преку Боба Стефановиќ, Мери Цетиниќ и Хаустор, па сѐ до Офра Хаза, Дејвид Боуви, Јан Гарбарек и Бах. И секоја од овие песни прави директна асоцијација со некоја ситуација или емоција претходно опишана во расказот, и секоја од нив очигледно има свое емотивно место во животната плеј-листа на авторката. Можеби Баковска не станала дел од училишниот хор, можеби понекогаш фалшира додека му пее приспивни песни на своето дете, но тоа не ја спречува музиката постојано да ги привикува спомените и „парченцата сеќавања, траги од нашите животи што можеби ќе ги споделиме со некого пред темелно да ги избришеме“. (Баковска, 2020: Траги од иднината 1)

Секоја песна која Баковска ја слуша во главата е всушност носталгичен флеш-бек на настан од подалечното или неодамнешното минато, случајна или смислена, рефлексивна или емотивна врска која ги спојува нарацијата и музиката во силна симбиоза. Во неа истовремено се испреплетуваат времињата и гледните точки, па „возрасната нараторка во прво лице се сеќава на некој настан од минатото и го прикажува низ двојна перспектива – онака како што го доживеала кога била дете и онака како што го гледа како возрасна, од сегашна перспектива, кога ги сфаќа сите значења и импликации што биле присутни уште тогаш одамна, но кои девојчето не умеело да ги препознае.“ (Малеска, 2020: Немирни сеќавања со траги од сегашноста)

Случките украдени од сопствената меморија, на Баковска ѝ служат првенствено за евоцирање на детските денови како извор и на радости и на стравови, но и како присутни траги кои го детерминираат целиот живот. За тие сеќавања кои за разлика од татковите кошули се немирни и нестрпливи, авторката ни вели: „Немам сила да ги редам, немам волја да ги смирувам. Не можам да ги кријам од светот, ги покажувам, ги изложувам со искреност што понекогаш ти се чини непотребна. Ги оставам така стихијно, како деца на голем одмор, да ми се втурнат низ ходниците на мозочните врвици и да ме соборат. Никогаш не изградив мавзолеј, никогаш не наследив ниеден семеен занает. Ги имам само овие чевлиња од зборови. Обујте се пред да излезете! – им викам на сеќавањата, а тие само понекогаш ќе ме послушаат. (Баковска, 2020: Сеќавања)

Но, иако овие чевлиња се бескрајно лични, натопени со капки љубов од иста крвна група кои ја бојат поинаку секоја индивидуална човечка приказна, со сите ситни, навидум небитни детали кои потврдуваат дека баш овие сеќавања се посебни и само нејзини, Елизабета Баковска всушност ја раскажува универзалната приказна на човек кој се соочува со смртта на родителите, но и со минливоста и смислата на животот воопшто, со самотијата и тагата која нѐ начекува неподготвени, со распуканата реалност и мачнината во душата која останува засекогаш во нас во мигот кога престануваме да бидеме нечие дете. „Понекогаш ме прашуваш што е смрт. Не знам. Се трудев да ја разберам, но јас бев само беспомошен сведок на нејзината плима.“ (Баковска, 2020: Смрт)

И притоа мајсторството на авторката е особено видливо во начинот на кој оваа толку сложена емотивна клацкалка ја слика без видлива патетика и претерана сентименталност, но сепак и низ таа рационализација на зборовите и грижлива селекција на асоцијациите суптилно избива нејзината длабока сетилност.

„Кратките раскази (кратки кратки раскази, микрораскази или микрофикција, како што би можеле да се наречат) во збирката „Во главата слушам песна“ (лирски рефрени) – внимателно структурирани, уметнички ефективни и емотивно топли – издвојуваат значајни лични моменти од животот на авторката и откриваат аспекти и односи што обично се затскриени или чии импликации не се видливи се додека самите раскази не ги откријат нивните потенцијални значења, низ креативните слики на Баковска.“ (Малеска, 2020: Немирни сеќавања со траги од сегашноста) Тоа овозможува лесна идентификација со опишаните „минливи мигови“ дури и ако не се нималку налик на вашата реалност и можност секој читател да почувствува некаква поврзаност и блискост со приказните на авторката, и со училишните приредби и со вошките, но и со стравот од заборавот и сите мостови кои ги градиме или рушиме меѓу нас и саканите. Деликатните емотивни состојби преточени во реалните описи на атмосферата не само што имаат способност убедливо да допираат суштински теми, туку и да провоцираат самоанализа на нашите сопствени животни избори и длабоко понирање во лавиринтите на нашите души.

Во однос на изборот на кусата форма од нецела страничка до максимум страничка и некој ред, самата Баковска на прашањето на новинарот Тони Димков „Колку зборови се доволни за да се изрази чувство или емоција?“ во едно интервју вели „Со самото тоа овде што сум го одбрала краткиот расказ (или кратката, лирска проза) како книжевна форма, најверојатно сум мислела дека нема потреба од многу зборови. За некои од расказите овде дури и ми рекоа дека се повеќе поезија од проза. Меѓутоа, кај мене, во овој момент на мојот творечки живот, изборот на начинот на кој ќе ги кажам нештата што ми лежат на душата (еве, да употребам и едно такво клише) беше поврзан и со интензитетот на емоцијата што ја чувствував. Колку погуста и поинтензивна емоција (а овој период беше таков – густ, тежок и емотивно интензивен), толку пократок и позбиен текст што ќе ја пренесе, сега и веднаш, во моментот кога се појавила.“ (Баковска, во Димков, 2020: web, без пагинација) Тоа ни зборува дека очигледно за Баковска оваа автобиографска збирка е своевидна арт-терапија, една прекрасна можност преку зборовите да ги сподели своите воздишки за да ги сочува пред заборавот, впрочем тие најпрвин и беа објавувани на нејзиниот Фејсбук профил. Но непретенциозноста на таквиот пристап на одвреме-навреме запишани слободни асоцијации не е спротивна на стремежот на Баковска секој текст да се доведе до совршенство. Тоа резултира во прочистени реченици во кои сѐ тече спокојно и лесно, па дури и пресвртот нè изненадува нежно, можеби затоа што, како што ќе каже и самата, „во душата сум лиричар и покрај тоа што пишувам проза“ (Баковска во Јолевски, 2020: web, без пагинација). Всушност, тој извонредно прецизен лирски израз секогаш го очекуваме како репер за Баковска која исклучително строго се држи до своите високи стандарди и кога преведува, и кога пишува поезија, проза или книжевна теорија и критика. Во тој контекст, ова нејзино последно дело целосно се надоврзува на претходните две збирки раскази кои ги има објавено „Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта“ (Блесок, 2004) и „Последните голтки: раскази за суштински нешта, вторпат“ (самостојно издание, 2018), бидејќи како што напиша Оливера Ќорвезироска и тие раскази беа „книга на и за сеќавањето, некаков тефтер од минатото потпикнат под масата на сегашноста, за да ја направи постабилна, за да не се клати“ (Ќорвезироска, цитирано според Окно, 2019)

Не се сомневам дека читателите ќе ја препознаат оваа проза на Баковска во сета нејзина литерарна и естетска, но и емпатична и општочовечка димензија. „На крајот кога деталите ќе се дестилираат кој како доживеал некоја работа кај сите заедничкото е таа емоција, тоа чувство кое што кај нас го предизвикало одредено животно искуство“. (Баковска во Јолевски, 2020: web, без пагинација) Така прочистени и прочувствувани, можеби овие емоции ќе ги извлечат на виделина вашите сеќавања, можеби сеќавањата на авторката ќе стиснат плеј на некои други нумери од вашата музичка тетратка, можеби сите ние сме само лирски рефрен од сите песни и сеќавања на нашите родители, партнери и деца.

1) Книгата не е нумерирана, па при цитирањето ги користам насловите на расказите

Користени извори:

Баковска Елизабета, „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“, Скопје: Или-или, 2020
Димков Тони, Разговор со писателката Елизабета Баковска: Емоцијата е она што на светот му дава значење и смисла, Културен печат број 42, Слободен печат, 4 август 2020, https://www.slobodenpecat.mk/razgovor-so-pisatelkata-elizabeta-bakovska-... Пристапено на 28.09.2020
Јолевски Љупчо, Баковска: Во душата сум лиричар и покрај тоа што пишувам проза, Радио Слободна Европа, април 23, 2019, https://www.slobodnaevropa.mk/a/29898882.html Пристапено на 28.09.2020
Малеска Калина, Немирни сеќавања со траги од сегашноста, во Баковска Елизабета, „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“, Скопје: Или-или, 2020
--- Промоција на збирката раскази „Последните голтки“ од Елизабета Баковска, Окно, 25.02.2019, https://okno.mk/node/76918 Пристапено на 28.09.2020

 Илустрации: Anna Godeassi

ОкоБоли главаВицФото