Ја зедоа правдата во свои раце

30.09.2020 09:40
 Ја земаа правдата во свои раце

 


Припаднички на феминистички групи во главниот град на Мексико ја обија зградата на Националната комисија за човекови права, ги исфрлија од неа државните службеници и објавија дека зградата во иднина ќе служи како засолниште за жени жртви на насилство.

Освен што ги ишараа ѕидовите со графити против полицијата и ги украсија со слики на убиените жени, активистиките ги отстранија и портретите на важни историски личности. Тоа беше една во низата акции кои активистките интензино и прилично милитантно почнаа да ја спроведуваат во летото минатата година, откако во јавноста протекоа обвиненија на една тинејџерка дека ја силувале четворица полицајци. Тогаш го вандализираа споменикот на Ангелот на независноста, еден од најважните симболи на мексиканската независност во кој се закопани остатоците на четиринаесет борци за независност. Градоначалничката на главниот град, Клаудиа Шеинбаум, на почетокот го осудуваше уништувањето на споменичкото наследство, но по критиките се сретна со претставничките на колективот и даде неколку ветувања, вклучително и формирање база на податоци на сексуални престапници.

Во февруари годинава, на празникот Св. Валентин, феминистичкиот колектив организираше и еднодневен женски штрајк а еден месец подоцна и масовен марш, за што непосреден повод беше киднапирањето и убиството на седумгодишно девојче и убиството на 25-годишна жена на која сопругот ѝ ја извадил утробата и ѝ ја одрал кожата од мртвото тело. Тогаш физички се соочија со полицијата, летаа и молотови коктели, а претседателската палата била ишарана со графити. Припадничките на организацијата Circulo Violeta во Тихуана се обидоа да го блокираат граничниот премин помеѓу Мексико и САД.


Претседателот Андре Мануел Лопез Обрадор, чија социјалдемократска влада е на власт од крајот на 2018, засега се воздржува од претерана полициска репресија над протестантите, но смета дека тие се инструментализирани од неговите политички противници, а за епидемијата на фемицид ги обвинува неолибералните политики на претходните влади. Владата на Обрадор, во меѓувреме, ги намали државните средства за градинките и за засолништата за жени.

Земјите на Латинска Америка традиционално имаат највисока стапка на убиства на светот, а според податоците на ОН една од три Латиноамериканки искусила сексуално и физичко насилство. Но против неверојатни 98% од злосторствата против жени никогаш немало подигнато обвинение. Во Мексико секој ден се случуваат просечно 11 убиства на жени, а вкупниот број е во континуиран пораст од 2015 година, кога такви убиства имало 426, додека во 2019 биле забележани 1006. Поради експлозијата на фемицид и систематското одбивање на репресивниот апарат да процесуира такви злосторства, организациите на жени бараат да се основа специјално обвинителство кое би се бавело исклучиво со насилство над жените.

Како еден од главните причинители на овој феномен се наведува културата на мачоизмот распространета во Латинска Америка, а организацијата за заштита на човековите права Human Rights Watch во својот извештај напишала дека мексиканските закони со кои би требало да се превенираат и казнуваат злосторствата проти жените како фактор релевантен за одредување на висината на казната ја земаат и „чедноста на жртвата“.

Извор: Portal Novosti
Слики: getty images

ОкоБоли главаВицФото